Почетна Анализа Раѓањето на Исус нова надеж за човештвото
Раѓањето на Исус нова надеж за човештвото

Раѓањето на Исус нова надеж за човештвото

90
0

Бадник и Божиќ и оваа година, на 6 и на 7 јануари, ќе ги соберат православните верници прво на домашни трпези, а потоа и во црквите, во исчекување на радосната вест за раѓањето на Христос. Македонската православна црква-Охридска архиепископија, заедно со најголемиот број православни верници во светот, го одбележува Христовото раѓање според јулијанскиот календар. Централната прослава за Божиќ, пак, традиционално ќе биде во Соборниот храм. Со утринската Божиќна литургија ќе чиноначалствува архиепископот г.г. Стефан. Празнични литургии ќе се одржуваат и во сите храмови низ земјата.

Според теолозите, еден од најсвечените и втор по големина и важност меѓу дванаесетте големи празници во христијанството е Рождеството Христово.
Ратомир Гроздановски, професорот на Богословскиот факултет при МПЦ-ОА, на својата веб-страница ги открива причините зошто црквата го празнува Божиќ.
– На Божиќ се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме неговиот роденден. Бог станал човек. Бог дошол на земјава. Христос е син божји, кој е роден како човек од Дева Марија. тој е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, нема грев, безгрешен е. Тој се родил една ноќ во градот Витлеем, во пештера. Тој е спасител. Дошол за да нѐ спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог. Добри секогаш, со секого и секаде – објаснува Гроздановски.

Познато е дека овој празник започнал да се слави во четвртиот век и тоа на 25 декември/7 јануари, но всушност самиот ден и месец на раѓањето Христово не се познати.

Христовото раѓање или Божиќ е еден од само трите празници, во кои православната црква го одбележува раѓањето. Заедно со раѓањето на спасителот Исус, црквата како празник го востановила и раѓањето на неговата мајка Богородица, како и денот на раѓањето на свети Јован Крстител. За сите други светители, православната црква го слави нивното упокојување.

Празник за семејството

Со богата посна трпеза на која главно место има лепчето со паричка, православните христијани на 6 јануари (понеделник) го празнуваат Бадник и се подготвуваат за Христовото раѓање – Божиќ. Според обичајот, на Бадник не се оди на гости. Целото семејство треба да се собере на маса, а пред вечерата се крши погачата. Верувањето говори дека на оној што ќе му се падне паричката, ќе има среќа, успех и благодат во текот на целата година.

Теологот Ратомир Гроздановски посочува дека Бадник симболизира будност, што значи дека треба да бидеме будни поради очекувањето на денот на Христовото раѓање. Таа будност не мора да значи само будно око од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна, да бидеме духовно будни – објаснува теологот.

На Бадник, на 6 јануари, во 10.30 часот, на платото пред црквата „Свети Димитриј“, во Скопје, се очекува да присуствуваат над 5.000 деца, кои со своите родители ќе присуствуваат на Божиќниот концерт и претстава. Оттаму ќе се оформи бадникова поворка, која ќе ја предводат неколку музички ѕвезди, и традиционално пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе се упатат пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *