Почетна Вести Христијанство Раѓањето на Исус надеж за човештвото
Раѓањето на Исус надеж за човештвото

Раѓањето на Исус надеж за човештвото

40
0

Бадник и Божиќ и оваа година ќе бидат двата дена кога на 6 и 7 јануари ќе се соберат православните верници на домашна трпеза, а потоа ќе ги наполнат црквите во исчекување на радосната вест за раѓањето на Христос. Македонската православна црква – Охридска архиепископија, заедно со најголемиот број православни верници во светот, го одбележува Христовото раѓање според јулијанскиот календар.
Според теолозите, еден од најсвечените и втор по големина и важност меѓу дванаесетте големи празници во христијанството е рождеството Христово. Познато е дека овој празник почнал да се слави во 4 век и тоа на 25 декември / 7 јануари, но всушност самиот ден и месец на раѓањето Христово не се познати.

– Постојат неколку причини, кои ни ги откриваат смислата и значењето на практиката Божиќ да се слави токму на овој датум, зашто отпрвин, во првите три века, овој празник бил славен заедно со крштението господово (Богојавление) на 6 / 19 јануари, за потоа според Божјата промисла да се одвои и да го добие своето вистинско значење и целина – објаснуваат теолозите.

На Бадник, на 6 јануари во 11 часот на платото пред црквата „Свети Димитриј“ во Скопје се очекува да присуствуваат над 5.000 деца, кои со своите родители ќе присуствуваат на Божиќниот концерт и претстава. Централната прослава за Божиќ, пак, традиционално ќе биде во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Со утринската Божиќна литургија, ќе чиноначалствува архиепископот, г.г. Стефан. Празнични литургии ќе се одржуваат во сите храмови низ земјата.

Јован Крстител го најавил раѓањето на Исус

Христовото раѓање или Божиќ е само еден од трите празници, во кои православната црква го одбележува раѓањето. Заедно со раѓањето на спасителот Исус, црквата како празници ги востановила раѓањето на неговата мајка Богородица и денот на раѓањето на свети Јован Крстител. За сите други светители, православната црква го слави нивното упокојување. Токму тоа, според теолозите, е и суштината која православните верниците треба да ја знаат кога секоја година на 7 јануари го прославуваат еден од најголемите празници во христијанството, раѓањето на Господ Исус Христос.
Велат дека раѓањето на Христос, на неговата мајка, како и раѓањето на Јован Крстител се основата на христијанската вера. Појавувањето на Христос, Богородица и на свети Јован Крстител се почеток на сѐ она што потоа е дел од христијанството.

– Православната црква го празнува раѓањето на Господ Исус Христос, раѓањето на Богородица и на свети Јован Крстител. На другите светители им се празнува споменот на нивното упокојување, се празнува некој настан поврзан со нивниот живот, како на пример, преносот на моштите од едно на друго место – вели отец Бобан.
Според него, животот на Исус е особено важен за верниците и ја доловува суштината на нивното спасение. Раѓањето, пак, на Богородица го означува континуитетот, односно почетокот на спасението, а раѓањето на свети Јован Крстител се празнува зашто тој е врската меѓу Стариот и Новиот завет, односно тој е оној за кого Господ рекол дека ниту се родил, ниту ќе се роди поголем од него. Тој е оној што го објавил раѓањето на спасителот на народот и оној што го крштевал.

Зошто се слави раѓањето?

Ратомир Гроздановски, професор на Богословскиот факултет при МПЦ-ОА, на својата веб-страница ги открива причините зошто црквата го празнува денот кога светителите се упокоиле, а не кога се родени.
– Умренденот е раѓање за вечноста, за вечниот живот. Гробот е врата низ која минуваме од времениов во вечниот живот. Затоа денот кога починал светецот е неговиот роденден. Православната црква ги прославува родендените на само три личности, како Господ Исус Христос, Богородица и свети Јован Крстител -објаснува професорот Гроздановски.
Затоа, според Гроздановски, велиме дека тие се живи и ги прославуваме како живи, им се обраќаме, им се молиме, а тие ни помагаат, чудотворат и живо дејствуваат и во нивниот духовен свет, но и во нашиот овоземен, материјален свет.

Бадник – празник за семејството

Со богата посна трпеза на која главно место има лепчето со паричка, православните христијани на 6 јануари (недела) го празнуваат Бадник и се подготвуваат за Христовото раѓање – Божиќ. Според обичајот, на Бадник не се оди на гости. Целото семејство треба да се собере на маса, а пред вечерата се крши погачата. Верувањето говори дека на оној кому ќе му се падне паричката, ќе има среќа, успех и бериќет во текот на целата година.

Се напуштаат паганските обичаи

И оваа година останува препораката на МПЦ дека свештениците нема да ги благословуваат масовните гозби со бадникарски огнови, каде што се присутни сечењето бадникарски гранчиња, печењето колбаси, пиењето ракија и вино. Со години тие го критикуваат паганското славење на овие празници и велат дека празнувањето се сведува само на литургијата во црквите. Велат дека Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмовите.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *