Почетна Коментар Простување
Простување

Простување

155
0

Да не должиме многу, работите се многу едноставни: оној што им простува на сите што му згрешиле, па дури и на своите најцрни непријатели, има Божја благодат во себе; а оној што нема да му прости и само на еден човек, па бил тоа и најцрниот непријател, има демон во себе. Простувањето е сведоштво за присуството на благодатта Божја, а непростувањето е сведоштво за заробеноста од демонот.

Речиси истото важи и за барањето прошка. Оние што се на вториот степен од духовниот развој, просветлувањето на умот, и да „сакаат“, не можат да не простат. Тоа би значело моментално затворање на срцето за умно-срдечната молитва. Оние што се наоѓаат на првиот степен, чистењето на срцето од страстите, водат борба со самите себе аскетски, на дело, да простуваат и да бараат прошка.

Ова е задача на сите оние што се подвизуваат во послушание, на степенот на чистење на своето срце од страстите. Нивниот подвиг е сè уште аскетски, затоа што со разумот и со верата сфаќаат дека треба да простуваат и се принудуваат себеси да простуваат, иако тоа во тој момент не го чувствуваат. Исто така, аскетски бараат и прошка.

Ви зборувам за реално простување, а не за фантазија. Реално простување се случува кога се молиме за оној што нè повредил (или, што најчесто е така, поради високото мислење за самите себе мислиме дека нè повредил); кога не го озборуваме, судиме и осудуваме тој што нè повредил; и кога на дело му помагаме, му чиниме добро и на секој начин гледаме како да се простиме и смириме со оној што нè повредил.

Но, како простувањето и барањето прошка да ни стане освестен подвиг, а не само подвиг што го правиме со вера и послушност кон Евангелието? Станува освестен подвиг кога ќе осознаеме дека критериум на нашата вина се Богочовекот Христос и Божјата правда, а не човекот и човечката правда. Што значи тоа во пракса? Кога некој ќе нè повреди, ние во тој момент не размислуваме за оправданоста или неоправданоста на неговата постапка, туку нашето внимание е свртено кон тоа дали нашите мисли, зборови и дела во тој момент се согласни со Христовите или не!? Дали во мојот ум и срце се случува истото тоа што и во Христовиот ум и срце при таков случај? Дали постапувам исто како и Христос што постапува со оние што Го повредуваат? Секако, не! Секако, бескрајно сме далеку од тоа! Па, ете од каде произлегува нашата вина, па дури и вината на оние што се на степенот на обожение, а не од оправданоста или од неоправданоста на повредите што другите ни ги причинуваат… Па, ете каде се наоѓа и неисцрпниот извор на нашето покајание… Затоа никогаш, ама во ниту еден единствен случај немаме оправдување кога не бараме прошка и кога не простуваме!

Дај Боже да го достигнеме и степенот на обожение и да дознаеме што значат и зборовите на светиот апостол Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20) – Христос, Кој на Крстот го вели она, за нас уште непоимливо, но сигурно есхатолошко и сигурно спасително, дури и за оние што во последен момент ќе се покајат и ќе побараат прошка: „Оче, прости им, не знаат што прават…!“ (Лука 23, 34).

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *