Почетна Коментар Прогледување на духовно слепите
Прогледување на духовно слепите

Прогледување на духовно слепите

145
0

Во денешното евангелие (види: Матеј 9, 27-35) опишани се две состојби, кои просто нѐ наведуваат на аскетско-исихастичко толкување. Дури мислам дека ова четиво е едно од поиндикативните во Светото Писмо за степените на духовниот развој, кои се препознаваат по видот на молитвата.

Првата состојба е кога слепите повикуваат по Богочовекот Христос: „Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов!“ Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистење на срцето од страстите. За овој степен знаете дека се карактеристични усната молитва и очистувањето на енергијата на умот, односно првото гледање на несоздадената светлина, но исто така, и сè уште присутната затвореност на срцето за молитвата и непросветленоста на умот, т.е. духовното слепило. Кај слепите ја забележуваме не само упорноста во усната молитва туку и свеста дека се слепи и дека треба да се ослободат од тоа слепило. Слепите веруваат дека Христос може да ги исцели.

Истото важи и за нас. Треба да знаеме дека духовно сме слепи (немаме умно-срдечна молитва и просветлен ум), треба да веруваме дека Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме со што почесто призивање на името Исусово, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува. Кога постепено, преку молитвениот подвиг ќе почнеме да ја чистиме енергијата на умот, тоа ќе ни овозможи да согледаме каде се наоѓаме, да видиме дека сме слепи, дека сме паднати во однос на Христовиот идеал, и уште посилно да повикаме кон Него. Но, ако знаењето што останува од првото очистување на енергијата на умот го употребиме за да ги гледаме и судиме туѓата грешност и слепило, тогаш го одбираме погрешниот пат, кој нè враќа многу назад.

Во ова евангелие гледаме и колку точно слепите ја изговараат формулата на Исусовата молитва – „Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов!“ Богочовекот Христос ги прашува: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Тие му одговараат: „Да, Господи!” Тогаш Тој се допре до очите нивни и им рече: „Нека ви биде според верата ваша!” Откако очите им се отворија, Исус строго им заповеда: „Гледајте никој да не узнае!” А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. Просветлените имаат слобода да проповедаат.

Втората состојба што може да се издвои во денешното евангелие е кога Христос направи слепите да прогледаат. Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот. Всушност, самото прогледување го означува просветлувањето. Просветлувањето, од една страна, претполага доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга страна, тоа е Божји дар. Таа чистота на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него, како и симнувањето на умот во местото од каде што таа се пројавува. Бидејќи умот веќе го знае ’местото на срцето‘, тој ја напушта усната молитва и продолжува да се моли внатре во срцето. Таму внатре, соединет молитвено со Божјата благодат, тој се просветлува.

Добро е и ова да го знаете: Оние што се наоѓаат на степенот на просветленост, исто така, се чувствуваат како слепи во однос на оние што со своите преобразени телесни очи ја гледаат несоздадената божествена светлина, дури и повеќе отколку што своето слепило го чувствуваат вистински духовно слепите од степенот на чистење на срцето од страстите. (Ако воопшто и ја чувствуваат…) Затоа и свети Григориј Палама во тој период од својот духовен развој молитвено повикувал: „Господи, просветли ја мојата темнина!“

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *