Почетна Коментар Прочитани
Прочитани

Прочитани

461
0

Која е нашата најголема грешка? Невосогласеностана начинот на нашиот живот со степенот на душевната состојба во која се наоѓаме. Најголемиот дел од денешните христијани се наоѓаат во состојба на религиозна невроза – самораководење, озборување, осудување, нељубов кон ближните итн., во т.н. противприроден начин на живот, и самозадоволни, не се ни обидуваат да преминат во природен начин на живот и да зачекорат по степените на духовното растење: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот – преку дарот на умно-срдечната молитва итн.

Живееме како предавници Христови. Предавник Христов е оној што само формално – лажно и надворешно, свесно или несвесно, се претставува како христијанин. Предавници Христови се денешните лажни христијани – посебно „православните“. Оние, пак, кои вршат насилство и убиваат луѓе, без оглед на верата, се оние кои Го распнуваат Христос.

Од каде произлегува лажното христијанство? Од неверието, пројавено како желба за земно царство, конкретизирано во поистоветување со државата, народот и политичката партија – како овоземна сигурност. Поистоветувањето со овоземното е одрекување од небесното, одрекување од Божјата несоздадена благодат, одрекување од Бог. Тој што се поистоветува со овоземните форми на самочовечко организирање е предавник Христов и не може и да Го сведочи Христос во светот. Христијаните не смеат да се поистоветат со држава, народ и политичка партија; тие кон нив имаат само пастирски преобразителен однос.

Оттука произлегуваат и различните методи и цели, по кои, исто така, ги разликуваме вистинските од лажните христијани. Што се однесува до христијанскиот метод – прво се очистуваш, просветлуваш и восовршуваш себеси, а потоа со молитва, со љубовен збор и дело тоа им го сведочиш на другите и ги исцелуваш, а и тоа согласно позицијата што ја имаш во Црквата и општеството. Значи, не со протестантски активизам, туку со смирена исихија, и во личен однос. Внимавајте! Грешникот го љубиме, а гревот го мразиме – и тоа само во нас. Гревот во грешникот го гледаме како болест што треба да се лечи. Се менуваме себеси, и само преку себеси – другите. Основно христијанско начело е: проблемот е секогаш во мене – не во другиот.

Исто така, и целта се разликува. Целиш кон тоа со коешто си се поистоветил. Односно, или работиш за себе и сопствената партија, а кобајаги за државата и народот, или работиш за Христос и Неговото Тело – Црквата. Не можеме да им служиме на двајца господари!

Но, што вообичаено се случува? Предавниците Христови, облечени во религиозна наметка, напаѓаат нешто што е објавено за грев во Евангелието, но на неевангелски начин и за неевангелска цел; најчесто ги промашуваат и времето и местото на реакцијата. Она што обичниот човек не може да го препознае веднаш е неевангелската цел… Но, секогаш целта на нападот на поистоветените со световното е нехристијанска – таа е партиските и сопствените интереси. Обичниот човек не може веднаш да ја препознае целта на овој демонски феномен и паѓа во прелест, доколку некритично го следи.

Што е уште карактеристично за методот на лажните христијани? Каде што се чувствуваат силни – не признаваат, негираат, угнетуваат, протестираат и војуваат, а каде што се чувствуваат слаби – молчат, ако лично не се засегнати, или пискаат и плачат како најголеми кукавици и се самопрогласуваат за маченици, таму каде што се лично засегнати.

Запамтете! Две страни постојат – Христовата и овосветовната. Предавниците и убијците Христови се само две наличја, ама од иста појава, од иста страна – од овој паднат свет.

Предавниците се прочитани, и затоа ги молиме да не глумат дека се на Христовата страна. Политичките партии се, исто така, прочитани и предвидливи, ама тие не се наша тема. И забраните и одобрувањата се подеднакво добри услови за развој на гревот – тоа е најлесно. Само личното покајание, во Црквата, и сведочењето на Христовата љубов во светот – не се. Ама ова е најтешко, нели? Е па, тесен е патот…

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *