Претставниците на Епархискиот управен одбор на Австралиско-сиднејската епархија, се во посета на Македонија на средби со владиците на МПЦ-ОА. Една од причините е најавениот избор на нов владика на оваа епархија, по смртта на владиката Тимотеј.
Во делегацијата Дејан Змејкоски, заменик претседател на ЕУО и Александар Младеновски, секретар на ЕУО. Двајцата имале средба со Архиепископот Стефан, кој воедно е и администратор на оваа епархија. Во соопштението од средбите нема детали околу разговорите за изборот на нов владика, но целта на нивната посета е токму тоа.
-На средбата претставниците од нашата Епархија го запознаа Неговото Блаженство за најновите состојби во црковниот живот, како и за очекувањата на нашиот македонски народ во Австралија, стои во соопштението.
Членовите на Австралиско-сиднејската епархија имале разговори и со други архиереи на МПЦ-ОА, но и за овие средби нема детали.
-Исто така преставниците остварија низа средби со македонските архиереи и посети на повеќе митрополии и епископии. И на тие средби особен осврт и интерес бил црковниот живот и прашања што произлегуваат од унапредувањето на истиот во интерес на голем број верници, стои во соопштенуето.
Ианку Синодот на МПЦ-ОА веќе подолго време го одолговлекува изборот на нов владика во Австралија, а официјално не соопштува кои се причините за тоа. Кога беше формирана оваа епархија, со што беше надминат долгогодишниот раскол, беше усвоен нов Устав на епархијата. Во него има клучна одредба, според која за избор на надлежен митрополит, или администратор, согласност треба да дадат и македонските црковни општини кои ја сочинуваат оваа епархија.
Досега во јавноста се спомнуваа неколку можни кандидати, но за ниту еден од нив нема официјална потврда од Црквата.
Инаку претставниците на Австралиско-сиднејската епархија во Македонија донесоа мошти од светиот Климент Римски, а се подарок од епископот Георгиј од Руска Задграничка Православна Црква (РЗПЦ) во Австралија.
-Преставниците од Австралиско-сиднејската епархија остварија средби и со директорите на Државниот архив, на Агенцијата за иселеништво, на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на Танец, како и на неколку други културни центри ширум државата. На овие средби беше разговарано за обновување и интензивирање на меѓусебната соработка во насока на зачувување на духовниот, културниот и националниот идентитет на македонската заедница во Австралија, како и за можности за заеднички проекти и културни размени, стои во соопштението.
Нивната оценка е дека Посетата била успешна и плодотворна, „а нејзините идни резултати се надеваме дека ќе придонесат кон понатамошно зајакнување на врските меѓу татковината Република Македонија и македонската дијаспора во Австралија, во духот на верата, љубовта и единството.“
