Почетна Вести Христијанство Претседателот Пендаровски во Бигорски: „Ако не ги почитуваме корените, нема да имаме иднина“
Претседателот Пендаровски во Бигорски: „Ако не ги почитуваме корените, нема да имаме иднина“

Претседателот Пендаровски во Бигорски: „Ако не ги почитуваме корените, нема да имаме иднина“

474
0

Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде покровител на големата прослава на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир (1020-2020). Пендаровски ја прифатил поканата што за време на посетата на Бигорскиот манастир ја добил од игуменот Архимандрит Партениј со братството.

Од Бигорскиот манастир потсетуваат дека според древното манастирско предание, Претседателот на државата бил пречекан со свечен пречек – иподохи.

Архимандрит Партениј му пренел на Претседателот дека од возобновувањето на монаштвото, овој манастир и братството ја започнале својата мисија за помош на личности од ранливи социјални категории, откако Претседател, кој како прв висок државник посакал отворено и срдечно да се сретне со тамошните штитеници.

-Традиција е на православната Црква секогаш да се моли за оние што го предводат народот, бидејќи молитвата за народните водачи е од витална важност за добробитот на една држава и на нејзиниот народ. Така, Црквата непрестајно се моли, за оние кои го водат народот, Бог да им дарува христијански доблести и да ги исполнува со вредности, кои, за жал, можеме да констатираме, денес доживуваат голема криза. Тука мислам на оние вечни, морални, пред сѐ, христијански вредности – од кои најважна е пожртвуваната љубов кон секој човек. Денешната Ваша посета е показател за присуството на таа љубов во Вас. Очигледно, Вие покажувате почит кон својот народ, меѓу другото и со тоа што посакавте да ја посетите нашата Обител, да ни укажете чест, да дадете една своевидна потврда и државнички легитимитет на делото што го правиме, особено со младите луѓе кои се лекуваат од различни зависности. Големо достоинство е за нас што Вие, како Претседател на нашата држава, посакавте да се сретнете со младите што се лекуваат кај нас од тие модерни страсти на денешницата, кои навистина се голема напаст за едно општество. Нашето братство, по Божја Промисла и со Негова помош, се зафатило со оваа макoтрпна работа и токму затоа сме Ви посебно благодарни што избравте да се сретнете со овие страдални души и на тој начин да им укажете дека Вие сте и нивен Претседател, Претседател на сите граѓани, без разлика какви и да се тие. Всушност, им покажавте дека во Вашите очи тие имаат човечко достоинство, дека сите луѓе се еднакво вредни пред општеството и скапоцени пред Бога. Тие млади луѓе значат многу и за Црквата и за државата. Зашто, доколку една држава нема морално и етички здрава млада популација, тогаш таа застарува и е осудена на пропаст, му пренел отец Партениј на Претседателот Пендаровски за време на посетата.

Пендаровски пак, посочил дека во Бигорски не е дојден како политичар, туку како како обичен граѓанин, како човек, а се разбира и како верник.

-Да Ви се заблагодарам Вам што ми дозволивте да се видам со луѓето, со младите штитеници на Вашиот Манастир, кои тука, со Ваша помош, се обидуваат да се оттргнат од пороците во кои имаат западнато. Ќе ви кажам најотворено, јас во мојата потесна и поширока фамилија имам такви личности кои се борат со овој порок, а верувам дека и нема фамилија во Македонија, чии што блиски чеда или роднини не биле или можеби сѐ уште се зафатени од него. Вие, чинам, сте единствена институција која толку долго и толку успешно се справува и им помага ним да се справат со тие демони и да се вратат во општеството како луѓе кои ќе придонесат за личниот, семејниот развој и за развојот на целата заедница. Сакам да им порачам ним, на младите луѓе кои поминуваат денови и месеци тука на тешки искушенија, дека треба да се благодарни што постојат вакви луѓе кои ги прифаќаат и им помагаат. За жал, ниту државата, ниту општеството, а често пати ниту најблиските наши, не се зафаќаат со тој процес зашто е многу тежок и болен. Секој си ја гледа својата работа и ве остава вас да се борите сами со своите проблеми. Значи, добро е што има институција која има илјадагодишно траење; што има луѓе кои се полни со знаење и мудрост и искуство, собрани на едно место, и што можат да ви пристапат како втора фамилија, како втори татковци, втори мајки, втори родители. Имате уникатна прилика да се избавите од неволји со помош на овие благородни луѓе. Сакам да дадам поддршка на оваа мисија која ја прави братството, бидејќи, за жал, тие модерни пороци зафаќаат сѐ повеќе и повеќе од младата генерација. Сѐ помалку и помалку се оние кои им одолеваат. Вие сте единствени кои го враќате балансот и надежта дека не е сѐ изгубено во судирот со модерните предизвици, ако можам така да ги наречам. Дека не е нужно модерниот човек да биде роб на тие навики, туку можеме и ние самите да бидеме господари на нашите животи. Се разбира, под услов ако доволно длабоко и доволно интензивно веруваме во нешто повисоко, поморално, поетичко. А тоа се корените на кои почива и нашата нација и нашата држава, посочил Претседателот Пендаровски.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *