Ислам

Претседателот Иванов приреди ифтарска вечера

By Уредник

June 06, 2018

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, синоќа приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.

На сите припадници на исламската вероисповед Иванов им ги честита рамазанските пости и светиот месец Рамазан, кои ги негуваат вредностите кои ги зближуваат и ги поврзуваат луѓето меѓу себе.

Ова се денови кога треба да се укаже чест и внимание, кога треба да се негуваат обичаите на нашата специфична македонска култура на традиција и соживот“, рече претседателот Иванов во своето обраќање.

Македонскиот претседател истакна дека постот не е само откажување од храна, туку дека е и момент на почит на својата религија, на своето семејство, на своите ближни, воедно посакувајќи им на присутните многу радост, здравје, среќа и бериќет.

„Ви посакувам вам и на вашите семејства, на вашите ближни да ги пренесете сите пораки на љубов, на солидарност и почит. Да се почитуваме затоа што од почитта извира сето она што нè држи заедно“, порача претседателот Иванов.

На ифтарската вечера присуствуваа претставници на јавниот живот, дипломати, бизнисмени, како и претставници на граѓански асоцијации и здруженија од Република Македонија.