Почетна Проповеди Пред Христа, крстот немаше никакво значење ниту сила
Пред Христа, крстот немаше никакво значење ниту сила

Пред Христа, крстот немаше никакво значење ниту сила

100
0

Денес светата Пасха повторно нè озарува со силата на својата непристапна светлина додека ние, со радосни срца пееме присетувајќи се на Христовото славно Воскресение. Откако приврши целата перипетија со предавството, затварањето, судот и распетието, Господ Исус Христос го предаде својот дух во рацете на Отецот небесен (Лука 23:46). Апостолите се исплашија и се разбегаа зашто после распнувањето на нивниот Учител се чинеше дека сите нивни планови и надежи се срушени. Само жените кои Го следеа се одважија тоа неделно утро да отидат до гробот. Во првиот ден од седмицата, Марија Магдалина и неколку други, кои уште ги викаме и жени мироносици, многу рано уште пред изгрејсонце, дојдоа да го миросаат телото Господово. Се мислеа кој би можел да им го тргне каменот од гробот за да можат да влезат внатре. Но, наместо тоа, кога пристигнаа, видоа дека каменот е веќе одвален а гробот празен. Секако, ова кај нив предизвика голема несигурност и страв. Но, Ангел Господов им се обрати со зборови кои и ден денес одекнуваат во нашите Црковни Храмови: “Зошто Го барате живиот меѓу мртвите? Тој не е овде, туку воскресна!”Лука 24:5-6. Тие побрзаа да им јават на апостолите за радосната вест и додека итаа, ги пресретна Самиот Христос и им рече: “Радувајте се! Не плашете се, одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја и таму ќе Ме видат!” (Матеј 28:9-10). Овие Христови зборови со кои Тој ги охрабри жените мироносици, а преку нив и апостолите и сите ние кои веруваме во Неговото Име, се порака на неизмерна радост и спокој кој го надминува секое човечко разбирање. Тоа е порака на радост и спокој, не е само во смисол на повторна средба со Оној Кој мислеа дека го изгубиле, туку и порака на вонвременска победа извојувана преку смртта на Крстот и Воскресението од мртвите.

Возљубени во Господа,

Воскресението Христово е сумаризација на целокупната Христијанска вера.  Целото наше учење, севкупната традиција, сите канони и собори како и целиот духовен опит низ вековите, се темелат врз изворот на силата на нашата верата, а тоа е Восресението од мртвите. Она што денес го славиме е спасението и обновата на целото создание. Го славиме ослободувањето од оковите на гревот. Ја славиме придобивката на новиот живот во полнота. Ја славиме победата над смртта, како што вика и воскресниот тропар “Христос воскресна од мртвите, со смртта, смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари.” Гробот е празен зашто Христос воскресна и целото создание е повикано со Него да воскресне во нов и вечен живот. Богочовекот воскресна и со тоа стана првина за сите нас кои во Него веруваме. Тоа, драги мои, е бесценет дар кој не се заслужува, а едноставно се прима преку вера. Верата во Христа е токму вера во тајната на Христовото Воскресение, а тајната се состои во ова: Христос иако Бог, стана човек за да може како човек да се справи со смртта, бидејќи само човекот требаше да умре, а само Бог можеше да го стори тоа за сите. Зашто како што смртта дојде преку човек – Адам, така и воскресението дојде преку Човек – Христос. И како што по Адам сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат. (1 Кор. 15,20-26). Па така, сите кои во Него веруваме, со Него и ќе воскреснеме за спасение и вечен живот.

Чеда мои во Христа Воскреснатиот,

Нема човек кој живеел а не згрешил, а сепак, божјите закони кои произлегуваат од Неговата Светост не дозволуваат грев и несовршенство. Апостолот Павле нè учи дека според божјите возвишени закони, “казната за грев е смрт” (Римјаните 6:23). Но тој исто така нè уверува дека покрај божјата праведна светост, Бог нè дарувал и со дарот на вечниот живот преку простувањето на гревовите. Во Својата мудрост, Бог на љубовта воспостави севселенски закон со кој како небесен Родител, Тој Самиот, во личноста на Својот Син, а преку смртта на Крстот, ги измири небото и земјата, очистувајќи го гревот со Својата Пречиста Крв. Во времињата пред Христовото доаѓање, ова беше прикажувано симболично, преку крв од жртви и сепаленици. Се принесуваа животински жртви од кои се пролеваше крв, која симболично и привремено означуваше покривање и прошка на гревовите. Но, кога се исполни времето, вика св. Апостол Павле, “Христос, не со козја или телешка крв, туку со Својата пролеана крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп. Ако крвта на јунче или јарец и ако пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат оквернетите за очистување на телото, тогаш колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистиски Бог.” (Евреите 9:11-14). Она што беше симболично навестувано, проливајќи ја Сопствената Пречиста Крв, Христос суштински го исполни. Така, пречката е отстранета зашто гревот е очистен. Веќе ништо не нè попречува во општењето со Бога.

Мили мои духовни чеда,

Пред Христа, крстот немаше никакво значење ниту сила. Тој беше обично средство за казна и погубување. Но Христос, бидејќи Самиот свет и безгрешен, го освети, та од Него наваму, стана вечен симбол на спасение и победа над злото. Крстот, како и самата смрт, беа употребени против самите себе и преобразени во инструменти на победа и спасение. Така, смртната казна стана извор на животодавна сила. Оваа тајна драги мои, се открива единствено на оние кои со чисти срца веруваат во Христа. Во тоа време, како и всушност низ вековите, малкумина вистински го разбра Божјиот план за спасение на човекот. Малкумина разбраа зошто Христос требаше да пострада на крстот и зошто требаше да ја пролее својата пречиста крв. Не сфатија дека тоа го направи од неизмерна љубов кон Своето создание. За жал, и денес, малкумина разбираатдека со смртта на крстот, Христос направи поместување во метафизичките духовни закони кои повторно ги подреди и ги врати на своето вистински лежишта. Напротив, како тогаш, така и сега, се исмеваа со она што не го разбираат. Тие кои стоеа покрај Него на Голгота, иронично му дофрлаа, “ако е Бог со Тебе и ако си Ти навистина Син Божји, симни се од крстот и спаси се себе си” (Матеј 27:40). Не ги разбраа ниту Христовите последни зборови “Боже мој, Боже мој, зошто ме остави!” Тие мислеа дека очајнички Му се обраќа на Бога да го спаси, а Тој пак, токму со тие зборови сакаше да им посочи на Давидовите пророчки зборови од 21виот псалм (како и на целокупното старозаветно пророштво) преку кои векови однапред беше навестена Неговата смрт. Христос не се симна од крстот, но направи нешто чудесно, нешто со кое еднаш засекогаш го обезбеди спасението на нашите души. ТОЈ ВОСКРЕСНА! Тој воскресна, а со тоа ги победи и портите на адот, уништувајќи ја смртта. Смртта е победена и нема веќе сила. “О смрт, каде ти е осилото?” вика светиот апостол Павле (1 Кор. 15:55). Христос воскресна од мртвите станувајќи првина за сите нас и ни вети дека со Него и ние ќе воскреснеме во Денот Господов.

Возљубени во Христа Спасителот,

Очистувањето и ослободувањето од гревот, возобновеното општење со Отецот небесен, победата над смртта и ветувањето за нашето воскресение, како придобивки кои излегуваат од Христовото Воскресение, доколку се примени со вера, очитуваат сила на активна духовна трансформација. Преку Воскресението, Христос нè воведе во осмиот ден кој е невечерен, ден кој никогаш не престанува. Тоа е ден во кој Христовата Светлина вечно сјае, ден во кој сме повикани бескрајно да растеме и да се преобразуваме на Неговата Слава. Токму тоа е драги мои конечно остварување на планот за совршен раст во Бога. Преку силата на Воскресението, ние сме повикани на обожување по благодат; повикани сме на победа над човечките страсти и слабости, кои се укотвиледлабоко во нас; повикани сме да ги преобразиме нашите души по примерот на божјата љубов. Ветувањата божји, драги мои, не се некакво залажување и бапски приказни за други, подобри вемиња кои ќе настапат после смртта. Верата во Воскресението не е пасивно исчекување на нештата кои ќе настапат во иднината. Напротив! Оваа преобразителната сила на Светлината на Воскресението почнува сега и овде. Нема потреба од бесцелно чекање. Сега и овде сме повикани да влеземе во радоста на нашиот Господ. Денес е денот на нашето спасение (2 Кор. 6:2). Денес е денот на нашиот духовен препород. Слободно ни е даден, да го зграбиме. Да го зграбиме цврсто и да не го напуштаме!

Драги браќа и сестри,

Пасхата Христова е време на неизмерна радост. Затоа, со отворени срца да ја примиме силата на Христовата благодат. Да го примиме Воскресението и да го направиме централен дел од нашата надеж. Сите наши планови, желби и животни идеи, да ги донесеме под блесокот на зраците на Божјата непристапна светлина. Животот знае да биде комплициран и полн со разочарувања, а ние често се чувствуваме изневерени од блиските, од институциите, од водачите, како и од самите себе. Но во Христа драги мои постои поинаква сила, постои вистинска трансформација која започнува со нашето сопствено преумување. Тоа Христос ни го обезбеди преку смртта и воскресението. Само на овој начин, примајќи ја силата на Светиот Дух, ние нема да се предадеме ниту пак ќе потклекнеме на искушенијата и разните животни премрежја. Само во Неговата победа сме целосно слободни и само во силата на Светиот Дух, Кој Го примивме во Христово име, остануваме победници над светот. Затоа радувајте се! Нашата надеж е во Творецот на небото и земјата! Нашата победа е во Христа Воскреснатиот! Нашата сила е во Несоздадената Светлина! Дојдете примете светло! Примете светло од невечерната Светлина!

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!  НЕКА НИ Е ЗА МНОГУ ГОДИНИ ПРАЗНУВАЊЕТО НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ!

Пишува: Методиј – Митрополит Американско-канадски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *