Почетна Коментар Православната традиција во Македонија е под влијание на српската црква
Православната традиција во Македонија е под влијание на српската црква

Православната традиција во Македонија е под влијание на српската црква

579
1

За мене лично, празничните ритуали, било да се изворно православни, пагански, српски или некоја фолклорна комбинација, се тривијално прашање, во споредба со тоа колку сме дојстојни на Христовите учења во секојдневниот живот, особено во однос на вистинитоста, праведноста, несебичноста, чесноста…

Но кога веќе некои пријатели ме прашуваат за темава, морам да потсетам дека барем од Балканските војни наваму, православната култура во Република Македонија е под доминантно влијание на Српската црква (а влијанието почнало уште во 19ти век, иако во натпревар со Бугарската црква).

До крајот на 1950-тите години, Српската црква владеела директно, а од тогаш поголемиот дел од свештенството на МПЦ, вклучувајќи ги основоположните владици, се образовани во СПЦ или под образовен и воспитен систем на МПЦ кој го воделе кадри образовани под СПЦ. Колку СПЦ е достојна на православието и христијанството зборува нејзиното системско соучество во националистички насилства и злосторства, иако тоа може да се каже и за другите ‘соседни’ цркви.

Ако владиката Наум укажува на погрешни влијанија што сме ги примиле од СПЦ, тоа не е затоа што работи за БПЦ, туку едноставно затоа што не бил образован под системот на СПЦ и почисто ги гледа погрешните влијанија.  Оние кои денес го демонизираат г. Наум како слуга на БПЦ, до неодамна го правеа грчки шпиун, а добро знаеме дека токму грчката црква е најблизок сојузник на српската, особено во однос на непризнавањето на МПЦ и третирање на Република Македонија како јурисдикција на СПЦ. Како сега наеднаш од грчки (просрпски) го претворија во бугарски (антисрпски) шпиун?

Ни мене не ми се допаѓа опишувањето на Бугарската црква како ‘мајка’ на МПЦ, дури и под метафоричката дефиниција на г. Наум (што значи не како историски или канонски родител на МПЦ, туку како нејзина заштитна застапничка пред другите цркви, во овој период на негирање од страна на СПЦ и ГПЦ), но уште помалку ми се допаѓаат хипокритичните напади против г. Наум од страна на квази-патриоти, на кои воопшто не им пречеше да ја третираме СПЦ како институција од која МПЦ изникнала и која треба да го има првиот и решавачки збор за тоа дали МПЦ смее или не смее да постои како самостојна Црква.

Колку и да делува понизно поимот ‘мајка’ Црква, факт е дека во сегашните односи со Бугарската црква, Македонската е третирана со повеќе почит отколку во довчерашните со Српската и покрај неа другите православни цркви. Односите со Бугарската црква ниту претпоставуваат некаква канонска потчинетост на МПЦ, ниту пак чепкаат по националното име на МПЦ, како што беше случајот со Нишката спогодба со СПЦ, на пример. Друга е приказната со договорот меѓу Заев и Борисов на политичко ниво, кој ем чепка по идентитетот, ем предвидува ограничување на суверенитетот и слободите на македонскиот народ при истражувањето, изучувањето, дебатирањето и објавувањето на сопствената историја.

Пишува: Игор Аврамовски Александров

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *