Почетна Интервју Православната црква мора да има исти критериуми за сите народи
Православната црква мора да има исти критериуми за сите народи

Православната црква мора да има исти критериуми за сите народи

281
0

ИНТЕРВЈУ: Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет во Скопје

Во битката за границите и териториите на православните цркви се занемарува вистинската мисија на црквата и, воопшто, на православието. Токму во оваа насока зборува теологот Ѓоко Ѓорѓевски, декан на православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, во интервју за „Нова Македонија“, кој ги анализира последните случувања во православието, кои директно или индиректно имаат влијание на решавање на македонското црковно прашање. Ѓорѓевски пред неколку години ја извршуваше и функцијата амбасадор на нашата земја во Ватикан, што ја дополнува неговата компетенција за анализа на состојбите на црквите во христијанството.

– Или секој народ и секоја држава треба да имаат своја самостојна црква, или ниту еден народ и ниту една држава не треба да имаат! Или да се примени стариот патријаршиски систем, кој како најавтентичен на природата на црквата е независен од државните и националните граници, а кој е таков целосно и во уредувањето (наддржавен и наднационален), но кој во овој историски контекст се чини речиси неможен, или да се применат еднакво и кон сите критериумите врз кои се основани и постојат сите национални цркви – вели Ѓорѓевски.

Во битката за границите и териториите на православните цркви се занемарува вистинската мисија на црквата и, воопшто, на православието. Токму во оваа насока зборува теологот Ѓоко Ѓорѓевски, декан на православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, кој ги анализира последните случувања во православието, кои директно или индиректно имаат влијание на решавање на македонското црковно прашање. Ѓорѓевски пред неколку години ја извршуваше и функцијата амбасадор на нашата земја во Ватикан, што ја дополнува неговата компетенција за анализа на состојбите на црквите во христијанството.
– Или секој народ и секоја држава треба да имаат своја самостојна црква, или ниту еден народ и ниту една држава не треба да имаат! Или да се примени стариот патријаршиски систем, кој како најавтентичен на природата на црквата е независен од државните и националните граници, а кој е таков целосно и во уредувањето (наддржавен и наднационален), но кој во овој историски контекст се чини речиси неможен, или да се применат еднакво и кон сите критериумите врз кои се основани и постојат сите национални цркви – вели Ѓорѓевски.

Дали последните случувања со прекинот на комуникацијата меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија значат нов голем раскол во православието и што ќе значи тоа за Македонската православна црква-Охридска архиепископија?

Ѓорѓевски: Јасно е дека се работи за едно од најголемите црковни потресувања во православието во поновата историја, уште повеќе зашто станува збор за конфликт меѓу најзначајната (првопрестолната) црква со најмногубројната православна црква. Од една страна, ваквите еднострани прекинувања на евхаристиско општење како да станаа практика при меѓусебните црковни недоразбирања за јурисдикциите врз определени територии, што до некаде го амортизира чувството за сериозност на постојната ситуација. Во 90-тите години од минатиот век, меѓу истите две патријаршии, естонскиот црковен спор доведе до неколкумесечен евхаристиски прекин, потоа со забрана за евхаристиско општење беше проследен и конфликтот меѓу Руската и Романската православна црква за црковните територии во Молдавија, а тука е и скорашната препирка околу духовната надлежност врз Катар меѓу Антиохиската и Ерусалимската патријаршија. Од друга страна, пак, неподготвеноста на православието да се соочи со вистинските причини што доведуваат до овие и вакви конфликти остава простор за сериозна загриженост, која сметам дека е споделена и од страна на Македонската православна црква. Имајќи ги предвид мудроста и искуството на поглаварите на двете раскарани цркви, не изостанува надежта дека состојбата, ако не се реши, барем нема да се продлабочи. Од една страна е личноста на патријархот Кирил, кој единствен меѓу православните поглавари без задршка и со почит секогаш ги истакнувал македонскиот идентитет, јазик и култура, а од друга страна патријархот Вартоломеј, кај кого, и покрај официјалната воздржаност, е забележлива искрената и татковска грижа за македонските верници, особено кон младите.

Врз кои аргументи Вселенската патријаршија ја призна автокефалноста на Украинската црква? И дали тој принцип може да се примени и во случајот со МПЦ-ОА?

Ѓорѓевски: Според соопштението на Светиот синод на Вселенската патријаршија, издадено на 11 октомври годинава, на последната одржана седница било одлучено „да се повлече правната полноважност на Синодското писмо од 1686 година, кое е издадено според тогашните околности, а со кое ѝ се дало право на Московската патријаршија да го поставува киевскиот митрополит, кој би бил избран од црковно-народниот собор на неговата епархија, а би го спомнувал името на вселенскиот патријарх на секоја божествена литургија, со што би ја објавувал и потврдувал својата канонска зависност од цариградската мајка црква“. Според ваквото толкување, Вселенската патријаршија, иако во определен период ѝ ги препуштила украинските територии на Московската патријаршија, никогаш целосно не се откажала од својата канонска надлежност врз нив. Очигледно дека македонската црковна историја има поинакви патишта, но независно од нив, врз основа на 9-то и 17-то правило од четвртиот вселенски собор, цариградскиот патријарх има еднакво право соодветно да интервенира и во нашиот црковен случај. Впрочем, општо е познато дека состојбата на МПЦ е единствена и неспоредлива со сите други цркви со нерешен статус и дека врз основа на сите можни критериуми и параметри таа има право на своја целосна независност. Како потврда за тоа би го спомнал и размислувањето на протојерејот Николај Данилевич од Одделот за надворешни работи на Украинската црква под Московската патријаршија, кој во своето интервју за Сојузот на православните новинари, а во однос на македонското црковно прашање, тврди дека Цариградската патријаршија применува „двоен стандард и дефинитивна неконзистентност“. Според него, документот од 1686-та за Украина не е во ништо различен од оној од 1922-та за Македонија, истакнувајќи дека „Македонската црква има дури и повеќе право на автокефалност зашто народот таму е обединет во нивното барање, додека украинското православие е поделено на три дела…“.

Дали МПЦ-ОА во оваа ситуација може да се надева на признавање на својата автокефалност од страна на Вселенската патријаршија, бидејќи тој процес веќе е започнат со Украина?

Ѓорѓевски: Неспоредлива е состојбата меѓу двете цркви. Македонската православна црква, и покрај неуспешните обиди за нејзино разбивање со креирање паралелни структури, е сенародна и обединета црква, за разлика од црковната состојба во Украина, каде што е забележлива силната поделеност на украинските верници, а дури и одлуката на Цариградската патријаршија, за жал, не обезбедува надминување на поделбите, како и обединување на црковниот и евхаристиски живот во таа земја. Во однос, пак, на Македонската православна црква, единственото нешто што недостига се потребната евангелска љубов и разбирање од страна на другите сестрински цркви, а особено од страна на Цариградската патријаршија.

Може ли целата оваа ситуација да повлече еднострани признавања на други цркви од страна на РПЦ? И какво би требало да биде правилното решавање на целата оваа состојба во православието?

Ѓорѓевски: Ниту претходно имало најави, а уште помалку оваа ситуација може да даде повод РПЦ да преземе такви чекори. Во однос на завршното прашање, загрижува недостигот од вистински критички приод кон постојната конфликтна состојба. Проблемот е што целото внимание е насочено исклучиво кон симптомите и барањето начини на нивно санирање, без да се направи барем обид да се согледаат главните причини, кое би овозможило воспоставување на точна дијагноза, а потоа и соодветен правилен третман. Црквата како Тело Христово почива врз вистината, добрината, љубовта и праведноста. Таа не може и не смее да биде промотор на лагата, злобата, омразата и неправедноста, затоа што во тој момент престанува вистински да биде црква. Тоа значи дека за секој член одделно, а потоа и за секој народ, во црквата мора да се има иста мерка. Двојните стандарди можеби се својствени за овоземната политика, но се туѓи за црквата. Тоа значи дека или секој народ и секоја држава треба да имаат своја самостојна црква, или ниту еден народ и ниту една држава не треба да имаат! Или да се примени стариот патријаршиски систем, кој како најавтентичен на природата на црквата е независен од државните и националните граници, а кој е таков целосно и во уредувањето (наддржавен и наднационален), но кој во овој историски контекст се чини речиси неможен, или да се применат еднакво и кон сите критериумите врз кои се основани и постојат сите национални цркви. А во Европа денес сите автокефални патријаршии, архиепископии или митрополии се исклучиво национални цркви. Најстрашно е кога некои моќни исполитизирани црковни центри се самопрогласуваат за наднационални, а со проѕирна империјалистичка агенда ја злоупотребуваат светата црква за обезбедување на владеењето на нивните политички и државни центри во и надвор од нивните граници, па по секоја цена го оневозможуваат правичното црковно организирање, кое е витално за вистинското единство на црквата. Во оваа битка за граници и територии сосема се занемарува вистинската мисија на црквата, заборавајќи притоа на вистинската природа на црквата, а тоа е дека Христовата црква не ја чинат територии, туку луѓето што живеат на тие територии, територии на човечките срца и души во кои Бог престојува.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *