Почетна Коментар Православието, коронавирусот и теориите на заговор
Православието, коронавирусот и теориите на заговор

Православието, коронавирусот и теориите на заговор

1.54K
1

Обично гледам да не се контаминирам со секакви содржини што може да се најдат на социјалните мрежи, но кога луѓе ќе почнат тие содржини да ми ги споделуваат на мојот личен ФБ-профил должен сум – сакал несакал – да ги исчитам. И така, додека цел свет е во исчекување што поскоро да се произведе лек и вакцина за коронавирусот, се наоѓаат такви кои токму во лекот и вакцината гледаат смртна опасност – и тоа, ни помалку ни повеќе – за нивната православна вера. Имено, проповедаат тие, антихристот лично ја предизвикал пандемијата за да може да го „чипира“ целото човештво со „течен чип“, кој, всушност, е „печатот на антихристот“. Секако дека човек со одредени психички нарушувања може да се соживее со една таква прикаска и да потоне во неа (сетете се само на A Beautiful Mind со Russell Crowe), но таквиот може да биде многу убедлив и да привлече други сосема нормални луѓе кои ќе му поверуваат. Кога речиси неограничените комуникациски можности на социјалните мрежи ќе паднат во рацете на такви кругови се произведува колективна конфузија. Тоа го гледаме веќе некое време со „рамноземјашите“, „антиваксерите“, „запрашувачите“ и сл. Сепак, не се во прашања само „психички лабилни лица“, туку цел еден начин на разбирање на религиозноста кој нема ништо заедничко со православната вера. За да го обосновам ваквото тврдење, како што си е редот, ќе започнам со мал историски преглед.

Уште во 17. век американските пуританци на чело со гувернерот Роберт Винтроп ги прогласуваат затекнатите индијански племиња од територијата на Масачусец за сатански слуги, при што безмислосната борба со нив добива „метафизички“ карактер. Во текот на 18. и почетокот на 19. век за главни непријатели на протестантските американци се проглесуваат масоните и илуминатите, како и мормоните, а особено римскиот папа. Ирските имигранти се сметале за главните спроведувачи на папаската завера да завладее со САД и да ги укине слободите на граѓаните. Набргу, акцентот се поместува кон анти-ропското движење во САД, кое повторно се гледа како заговор – овојпат против белата раса чиј супериорен статус е востановен лично од Бога. Појдовниот наратив на кју-клакс-кланот во времето по граѓанската војна во САД е дека постои завера, според која дотогашните робови ќе станат господари и ќе го „африканизираат“ југот. Во сите наведени случаи забележуваме своевидно „воплотување“ на „есхатолошкиот непријател“ (сатаната) во ликот на оние што се обележани како „непријатели“ во овој век. Оттука, евентуалната победа на „непријателот“ во конкретниот историски момент се гледа како духовна катастрофа со космички димензии. Во прашање е борба меѓу доброто и злото која се одвива сега и тука, во материјалниот свет, и од чиј исход зависи судбината на човкот во вечноста. На тој начин, се губи границата меѓу телесната и духовната борба, што од гледна точка на православната аскетика е недопустливо, бидејќи според според неа историската криза вообичаено се толкува како шанса за духовна обнова преку μετανοία, т.е. покајание. На таков начин се толкуваат најтрауматичните епизоди од историјата на православната црква, како што се падот на Константинопол, Црвената револуција или страданието во нацистичките концентрациони логори. Но, да се вратиме на историскиот преглед на теориите на заговор.

Во текот на 20. век, меѓу американските конспиративисти добива залет антисемитизмот, додека антисоветизмот, со посредство на масовните медиуми, успева да генерира масовна параноја. Во 1966 Роберт Велч говори за „големиот заговор“ во кој Москва и Вашинтон се само две раце на едно тело контролирано од еден мозок. Во времето по Втората светска војна апокалиптичните наративи повторно се актуелизираат. Темата за „печатот на ѕверот“ од библиската книга „Откровение“ станува „лајт мотив“ на протестантско-фундаменталистичките теории на заговор. Книгата се инстурментализира како средство за обосновување на разновидните заговори. Но, уште во 17. век пуританците во Нова Англија се уверени дека припаѓаат на последната генерација, принудена да се спасува од „сатанските паписти“ и нивните англикански сојузници. Во прилог на ваквите теории е и оформувањето на израелската држава во 1948, а особено заземањето на Ерусалим од страна на израелската армија, што се интерпретира како дефинитивен влез во „последните времиња“ и „милениумскиот период“.

Во текот на втората половина на 20. век темата за „апостасијата“ станува централна меѓу американските конзервативно-евангелички кругови. Организациите како „Moral Majority“, „America for Jesus“, „National Christian Action Coalition“ и „Christian Coalition“ вршат силно политичко и општествено влијание. Цела редица социјално-политички теми се интерпретира низ призмата на идејата за „последните времиња“ и се инструментализира како средство за прозелитистичко дејствување во и надвор од границите на САД. Меѓу другото, прозелитизмот не подразбира само врбување на нови членови во соодветните религиозни групи, туку и пренесување на нивниот „начин на мислење и расудување“ – она што отец Георгиј Флоровски го именува како „ум“ (φρόνημα).

Хал Линдзи во неговата книга Late Great Planet Earth (1970) го поставува во преден план мотивот за „печатот на ѕверот“ и за тоа како оние што ќе одбијат да го примат ќе бидат прогонувани и убивани. Јужно-баптистичкиот пастор Џери Фалвел, основачот на „Moral Majority“, тврди дека Бог го испратил ХИВ-вирусот за да го казни градот Сан Франциско за неговиот грев и дека тогашниот државен секретар Хенри Кисинџер е антихристот затоа што „нумеричката противредност“ на неговото име што тој ја пресметал е 666. Салем Кирбан во неговиот бестселер Водич за преживување (1991) зборува за втиснување на „бројот на ѕверот“ преку невидливи тетоважи. Џек Лео Ван Импе во неговото Објаснување на Откровението за првпат ја прогласува опасноста од „една светска влада која само што не дошла“ и од „една светска религија“ на антихристот. Звучи познато, нели?

Мери Релф во нејзината самообјавена книга When Your Money Fails (1981) ја пренесува дискусијата во контекст на развојот на технологијата, тврдејќи дека веќе мнозина го носат на себеси „знакот на ѕверот“, станувајќи „мајка“ на паниката поврзана со бар-кодовите, кредитните карти и биометриските пасоши… Се прашувам дали „православните ревнители“ воопшто имаат претстава од каков „извор“ пијат? На неа и го должиме и познатиот мотив за компјутерот од Брисел по име Ѕвер чија нумеричка вредност е 666. Пет Робертсон, еден од највлијателните и медиумски експонираните американски конспиративисти, дава религиозна интерпретација на теоријата за „Новиот светски поредок“, прогласувајќи го за проект на сатаната. Во центарот на заговорот, според нео-нацистичкиот пастор Ричард Батлер, стојат Евреите, кои, борејќи се за превласт врз светот, ја распространиле чумата во средниот век, ја создале римокатоличката црква, илуминатите, масонските ложи, комунизмот, системот на федералните резерви во САД, меѓународното банкарство, како и вакцинацијата и хемотерапијата.

Има уште многу, ама мене ова ми е премногу за еден ден. Ќе го поставам уште еднаш прашањето – дали сме свесни дека ваквите приказни немаат ништо заедничко со православната вера? Како прво, тие потекнуваат од една сосема друга религиозна традиција. Ќе се вратам назад во средновековието. Откровението било централен мотив во западната средновековна егзегетика, химнографија и уметност. Но, тоа не е случај со православната егзегетска традиција, во која речиси и да нема толкувања на Откровението. Барањето на паралели со откровенските виденија на св. ап. Јован Богослов се сметало за опасно, исто како и гледањето на телесни претстави во рамките на мистичното искуство (затоа во православната аскетика акцентот паѓа на видението на нетварната таворска светлина).

Понатаму, апокалиптичните и конспиративните наративи може да бидат основа само за патолошка религиозност, која себеси се темели врз – страв. Заканата на заговорот се користи како средство за прозелитистичко дејствување и одржување на „есхатолошката температура“ на заедницата. Тоа нема никаква врска со православниот духовен живот, уште помалку со православната теологија како неразделна од животот во Христа. Православните „ревнители“ опседнати со ваквите белосветски будалаштини ја занемаруваат верата на своите татковци и брзаат во прегратките на најопскурните секти. Критичкото следење на општествените процеси и богомудрото расудување во кризни ситуации, својствено за православното предание, нема ништо заедничко со конспиративната параноја што на големо ни се пласира од фантомските страници на интернет и на социјалните мрежи.

À propos коронавирусот, повиците дека COVID-19 е обична настинка околу која намерно се крева бучава сѐ со цел да се воспостави „светска диктатура“ во која сите ќе бидат „чипувани“ преку вакцини се не само забегани, туку и опасни во оваа ситуација. Потценувањето на состојбата, повикувањето да се игнорираат препораките на компетентните институции, како и стигматизирањето на оние кои се застапуваат за спроведување на тие мерки – може да бидат значаен фактор за ширењето на заразата.

Неспорно, точно е дека технологијата со која денес располагаме може да биде крајно опасна ако се најде во погрешни раце. Точно е и дека во земји како Кина степенот на контрола на населението зазема димензии слични на оние од Орвеловата 1984. Но, теориите на заговор се апсолутно неадекватно средство за спречување на таквите предизвици. Теориите на заговор го блокираат човекот – и како политичко (ζώον πολιτικόν), и како религиозно битие (homo religiosus). Нивната движечка сила е стравот кој ги задушува слободата и способноста за расудување во човекот. Со тоа, конечно, се задушува и можноста да му се уподобиме на Бога. Ако сакате, токму теориите на заговор се „чипувањето“ од кое нивните поддржувачи, како во некој магепсан круг, се обидуваат да избегаат.

Пишув: презвитер Милан Ѓорѓевиќ, Авторот е професор на Православниот богословски факултет во Скопје и свештеник на Скопската епархија

Извор: Дигитален Ареопаг

Коментар(1)

  1. So dolzhnata pochit kon prezviterot no za zhal nikako ne mozham da zabelezham nekoja povrzanost so iznesuvanje na hronologija na izolirani nastani vo svetot koi se rezultat na mala grupa na luge ili poedinci a se odnesuvaat na nivni stavovi i gledishta koi nekoi gi izrazile preku izdavanje na knigi, i sluchuvanjata so Korona virusot koj ja opfati cela planeta pri sto imame realni fakti izrazeni vo broj na zaboleni i broj na pochinati;

    Realnata situacija so voveduvanje policidki chas, so zakana za pad na ekonomijata, zabraneti avio letovi, neodrzhuvanje na sportski i drugi nastani, sporedena so procentot na zrtvi i zarazeni na svetsko nivo , predizvikuva osnova za somnezh za pozadinata na ovaa panika na sekoj razumen chovek;
    Kolku luge godishno umiraat od glad?
    Kolku od loshi zhivotni uslovi?
    Kolku od hepatit?
    Kolku od soobrakajni nesreki?
    A kolku od mozochni udari i srcevi zaboluvanja?
    Zoshto se krena tolkava panika za virus od koj 80 % od zabolenite imaat lesni infektivni problemi?
    Zoshto se proglasi epidemija a posle i pandemija ?
    Pochituvan prezviter, zhiveeme vo 21vek vo koj % na obrazovanie na naselenieto e golem, vek vo koj brzo se shirat informaciite, i vek vo koj javnosta razmisluva…
    Dajte malku pozanimavajte se so brojki i matematika, udrete eden digitron na brojkite na zarazeni i pochinati…. I togash dajte logichen zakluchok dali panikata koja se krena e real na?
    Ako ne e realna togash se pistavuva prashanjeto zosto ne e I shto saka nekoj da postingne?

    Realno e pri krevanje na nerealna panika narodot da se zaprasha zoshto e ovaa panika?
    Shto e posredi?
    Se pojavile razmisluvanja deka poradi ovoj virus ke se sluchi vakciniranje i kojznae sto ke ima vo taa vakcina?!
    Da toa se samo razmisluvanja isto kako sto i vie iznesuvate razmisluvanja koi ne mozhete da gi potkrepite! Ajde dokazhete deka ne e taka?( bidejki so iznesuvanje na hronolgija ne dokazhuvate nisto povrzano so somnevanjata na narodot)
    Vie ste uchele samo teologija!
    Imate li poznavanja od biologija, mikrobiologija, biologija na kletka, ste gledale li virusi i mikroorganizmi pod miikroskop ?
    Pochituvan, znaete li neshto za telekomunikacii, za prenos na signali i zvuka na dalechina?
    Naukata stigna do podmornici, raketni sistemi, I kakvi se ne chuda, ne e chudno sto narodot pochnal da razmisluva I za chipiranje preku vakcina;
    Ovaa pretpostavka e si ista mizhnost kako i vasheto neosnovano negiranje, 50:50!

    Ke povtoram nitu eden od nastanite koi hronoloshki gi iznesuvate nema nikakva vrska so deneshnite sluchuvanja!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *