Поврзаност на свети Климент Охридски со апостолите

Date:

Share post:

БИБЛИСКОТО ИМЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ (4)

Свети Климент се поврзува со двајцата најголеми апостоли во христијанството: со апостолите Петар и Павле.

Во Службата на свети Климент Охридски е воспеан како големопроповедник – апостол: Μεγαλοκήρυξ Ἀπόστολος или како рамноапостолен: Свѧтителю Клименте Равноапостолне. (Во стихира на Вечерната богослужба и во првата песна од канонот на Утрената).

И во најголемата и најнова руска Православна енциклопедија е наречен „рамноапостолен“: „равноап. Климент Охридский“.

Со апостолот Петар е поврзан преку ученикот на апостолот

Поврзувајќи го свети Климента со Петровиот ученик свети Климент Римски, се доближува неговата врска со апостол Петар. Дури и вториот празник на свети Климент Охридски е во ист ден со празнувањето на свети Климент Римски на 8 декември/25 ноември. Другото за оваа поврзаност е посочено и образложено во оваа студија. Освен преку свети Климент Римски, поврзан е со апостол Петар и уште на два начина.

Со значењето на името

Ако сакаме да тргнеме и во потрага на крстеното име на свети Климент Охридски, ќе дојдеме до сознание и до искази дека никаде нема податоци за неговото име пред замонашувањето. Тој е познат само со своето монашко име Климент.

Но оние што сакаат да претпостават, најмногу ја бараат веројатноста според вообичаеноста монашките имиња да започнуваат на буквата од крстеното име на кандидатот, а такви примери имало и има во монаштвото. Оттаму се бара претходното име на буквата „К“ и се претполага дека е неговото име Камен, а тоа е наполно исто со грчкото име Петар. Во тој случај, свети Климент и Петар се истоимени како Петар и Камен. Исто како што се имењаци и Крсте и Ставре, Лефтер и Слободан, Маргарита и Бисера и многу други. Симон Петар и Климент Камен се поврзани. Нивната врска е света во Црквата. Едниот се втемелил во Римската, а другиот во Охридската црква. И уште…

Со набројувањето

Тој може да се спореди со апостолот Петар и при набројувањето. Свети Климент е прв во набројувањата на учениците од светите Кирил и Методиј, како што е секогаш прв апостолот Петар, при набројувањето на апостолите во Светото писмо (Матеј 10,1-6; Марко 3,13-19; Лука 6,13-16; Дела 1,13).

Свети Климент Охридски е првоимен во Петочислениците – неговото име е прво секогаш, а потоа другите. Така е и во богослужбениот редослед. Црквата на ист начин ги поредила и во отпустот на богослуженијата. Секогаш се споменува прв Петар, па другите ученици Господови, како и Климент, па другите ученици Кирилометодиеви.

И тоа има библиска смисла и порака. На тој начин се прави достојна споредба на библискиот редослед на апостолите и редоследот на рамноапостолните свети учители и нови апостоли на словенскиот род – Седмочислениците.

Оваа библиска сродност на двајцата е целисходна и има своја богооткровенска поука и порака. Нејзината смисла и значење се откриваат во ликот и делото на свети Петар, првиот епископ Римски во почетокот на славната Римска црква и на свети Климента, првиот епископ на словенски јазик во почетокот на славната Охридска црква.

На овој начин свети Климент се поврзува со апостолот Петар, а блажениот Теофилакт, пак, во Житието – директно и јасно го нарекува Климента „новиот Павле“. Значи, поврзан е и со друг апостол – со Павле.

Поврзан е и со апостолот Павле, преку споредбата со него

Освен поврзаноста на свети Климента со апостолот Петар, која е поставена низ посредството со Петровиот ученик свети Климент Римски и е градена врз претпоставки и висока веројатност, – многу поконкретна и прецизна е поврзаноста на свети Климента со апостолот Павле. Блажениот Теофилакт во Пространото житие на свети Климента напишал дека е тој „новиот Павле“ = Παῦλος ἄλλος = Друг Павле, Втор Павле. Еве ја уште еднаш споредбено поставена таа апостолска вредност и достоинство на свети Климента.

Во таа смисла е речено и во Службата на свети Климент Охридски, каде што тој е спореден со апостолите Павле и Тимотеј, искажано во црковната поезија со зборовите: „Блажени, јасно подражавајќи го Павла заедно со Тимотеја, апостолот просветител на сета земја, ти си бил следбеник на Методија и Кирила…“. (Во првата песна од канонот, четврта стихира).

Освен нашето нагласување на оваа апостолска, а со тоа и библиска врска на свети Климент Охридски, овој пат разоткриваме и една сосема нова димензија на поврзаноста со библиските содржини и личности. Ваквиот чекор претставува нов од, премин од поапостолскиот во библискиот предел, а тоа значи откривање нова поврзаност на свети Климента со библиски лик и име од Светото писмо на Новиот завет.

Свети Климент Римски, пак, не е библиско име, а ние одиме во Библијата и во следното поглавје го посочуваме библиското име на свети Климент Охридски.

Пишува: Проф. д-р Ратомир Грозданоски (За Нова Македонија)

Продолжува

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Нов 21 метарски крст во Скопје

Од минатата сабота, на празникот Митровден, небото над Раштак и Скопска Црна Гора доби нов симбол – светлечки...

Ватикан покрена истрага против швајцарски гардист поради наводен антисемитски инцидент

Ватикан започна истрага поради наводен антисемитски инцидент во кој припадник на Папската швајцарска гарда, за време на папска...

Незадоволство во редовите на Руската православна црква: свештеници проговорија за војната и лицемерието на системот – III

Го напуштив свештенството во Руската православна црква – не сакам повеќе да се мачам во атмосфера на дволичност...

Православната вера отсега ќе може официјално да се изучува во холандските училишта

Каде и да има родители што ќе ги запишат своите деца, и обучени наставници кои се достапни, ќе...