Почетна Вести Христијанство Повик за будење на македонската национална свест со поддршка на Владиката Агатангел
Повик за будење на македонската национална свест со поддршка на Владиката Агатангел

Повик за будење на македонската национална свест со поддршка на Владиката Агатангел

396
0

Повик за семакедонски собир пред канцеларијата на Европската Унија во Скопје и поворка до Собранието против омаловажувањето на македонскиот национален идентитет и достоинство, испрати владиката Агатангел одговорен за Повардарската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија преку видеообраќање, поставено на јутјуб-каналот.

Собирот е предвиден да се одржи на 30 август годинава во 17 часот, но засега нема официјална потврда или информација за тоа кој е организатор на овој собир. Владиката Агатангел во видеообраќањето споменува група млади како организатори, кои поттикнати од љубовта кон земјата, а разочарани од немањето македонска национална политичка партија, се иницијатори за овој собир.
Во изјава за „Нова Македонија“ владиката посочува дека организаторите од него само побарале поддршка како црковно лице, кое има авторитет меѓу народот, на што тој се согласил, откако добил уверување дека протестот ќе се организира во согласност со препораките за заштита за време на пандемија.

Вели дека тој не е дел од организацискиот тим, туку само го испратил апелот. Инаку, во видеообраќањето Агатангел вели дека во овие тешки денови и моменти кога сѐ што е македонско се распарчува, Македонците се разединети и не можат да формираат една македонска заедница што ќе ги брани и чува сите македонски права и чувства, ќе ја брани МПЦ, својата македонска држава од оние што на секој начин сакаат да ја распродадат.
– Сите што ја љубите оваа света македонска земја не дозволувајте да ги изневериме нашите прадедовци, кои ги положија животите ние слободно да живееме во едно демократско општество. Сите се трудиме да одиме кон Европа, но Европа за нас не треба да биде срам и понижување. Европа треба да биде гордост и така сакаме со крената глава да влеземе, а не со промена на нашето свето македонско име, непочитување на нашиот македонски идентитет и јазик – вели владиката.
За таа цел, тој го повикува секој добронамерен Македонец да дојде и да го искаже своето незадоволство кон неговото понижување, незадоволство, кон неговото омаловажување, немир во срцето и во душата за да му се покаже на светот дека Македонците не се ниту против НАТО, ниту против влегувањето во европската заедница, но сето тоа да биде со крената глава и достоинствено.

– На овој семакедонски собор групно со песна ќе се појде до македонскиот парламент да се искаже незадоволство прво кон промената на светото македонско име, промената и непризнавањето на македонскиот јазик, непризнавањето на МПЦ, која е столб и тврдина на оваа света македонска држава. На демократски начин да се избориме за нашите права – порачал г. Агатангел.
Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во земјава, вели дека секој поединец во нашата држава има неоспорно право на слободно изразување на мислењето како темелна демократска вредност, кое, пак, може да се реализира индивидуално или колективно.
– Сепак, во услови на сѐ уште галопирачка пандемија загрижуваат сите масовни собири од различен карактер, кои се потенцијални жаришта на вирусот. Верските лица имајќи предвид дека имаат специфична општествена одговорност и влијание треба со особена претпазливост и примат да дадат на здравствената заштита – посочува Сотировски.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека иако живееме за време на пандемија и на примена на превентивни мерки против коронавирусот, сведоци сме дека се одржуваат собири на граѓани.
– Имавме изборна кампања, имаме културни фестивали, имаме музички концерти. Сите тие се собири на граѓани и се дозволени доколку се применуваат превентивни мерки, како држење дистанца, користење маски, средства за дезинфекција. Така, не гледам проблем ниту да се одржи еден таков собир – протест каков што го најавува владиката Агатангел. И во оваа ситуација, на граѓаните не може да им се одземе правото да протестираат за она за што се чувствуваат засегнати. Се разбира, организаторите треба да обезбедат почитување на превентивните мерки – посочува аналитичарот.
Според него, и поводот за протест не е спорен.

– Дел од граѓаните сметаат дека треба да реагираат во однос на она што се води како политика на државно ниво и ним не може да им се одземе правото јавно да го искажат своето противење на таквата политика. Се разбира, и тука треба да се обезбеди собирот да биде мирен и цивилизиран. Не ми е спорно ни тоа што меѓу учесниците се наоѓа и владиката Агатангел, бидејќи и црковните достоинственици имаат право да ги искажат своите ставови за важните државни прашања – вели аналитичарот.
Сепак, Ѓорѓевски посочува дека проблем можат да бидат тешките квалификации што се даваат од типот дека се работи за предавници и слично, што може де предизвика и други реакции.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *