Почетна Коментар Потсетник за Богојавление
Потсетник за Богојавление

Потсетник за Богојавление

205
0

На две вистини да се потсетиме.

Прва, на Богојавление за првпат доаѓа до израз Тајната на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство – во ликот и делото на свети Јован Крстител.

Свети Јован Крстител не е носител на официјалното и институционално свештенство, но сепак Го крштева Господ. Токму преку Крштевањето на Христос, тој ја објави тајната и силата на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство и крајот на старозаветното. Ова, ново свештенство, може секој крстен да го има.

Достигањето на вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот со дарот на умно-срдечната молитва, е внатрешно духовно покритие на Светата Тајна Свештенство, но тоа е и личен дар за нас во Црквата, дар на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство, т.е. дар кој ќе нѐ краси и во Царството Небесно.

Во суштина, Бог, Тајната на Домостројот на нашето Спасение во Црквата ја восовршува само преку оние кои се удостоиле да бидат носители на царското, новозаветно, внатрешно и есхатолошко свештенство, без оглед на тоа – дали го имаат и дарот на официјалното и формално свештенство. Поради нив светот сѐ уште и постои.

И втора, Богочовекот Исус Христос е Оној што благословува и осветува; и Нему не Му треба никакво осветување или обрезание или крштевање, а сѐ што прави, прави заради нас и наше спасение.

Затоа Он се крсти од свети Јован во водите на реката Јордан, а на сите нас ни овозможи да се крстиме со вода и со Свет Дух, во Црквата. Он се крсти во водата, а сѐ создадено благослови и освети, и тоа повторно стана погоден материјал за совршување на Светите Тајни.

Заради Него се отворија Небесата, а на нашето срце му се овозможи да стане влез и седиште на Царството Небесно. „Гласот на Отецот од Небесата за Него сведочи: ’Тој е Мојот возљубен Син и на Него е Мојата милост‘“ (Матеј 3, 17), а на сите нас восиновување ни благовести.

Да, Бог се јави како Света Троица, а луѓето, возглавени од вистинскиот Човек – Богочовекот Христос, се јавија како Црква на Светиот Дух, како несоздадено-создадена икона на Света Троица и како автентични сведоци на Божествената љубов (види: Јован 17, 21).

Пресвета Богородице, преку Која секој Божји дар го добиваме, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *