Почетна Коментар Потешко ни беше да бегаме
Потешко ни беше да бегаме

Потешко ни беше да бегаме

222
0

Деца, денес го чествуваме денот на жените мироносици. Кога би ве прашал, сега, што би издвоиле вие, кои повеќе или помалку го знаете нивното житие, како најкарактеристично од севкупниот нивен подвиг во служењето на Богочовекот Христос, што би ми одговориле? Нели е тоа непоколебливото и постојано следење на Христос, без оглед на тоа што се случува со Него и без оглед на тоа какви последици од тоа можат да произлезат за нив самите? Нели е тоа односот кон Бог карактеристичен за чедата Божји, наспроти тој на робовите и наемниците?

Некаде, некој има убаво кажано дека колку повеќе се доближуваме до Голгота, следејќи Го верно Христос, толку помалку луѓе (духовни чеда, пријатели) гледаме околу нас. Но, ништо чудно. Знаеме и од Светото Евангелие дека истото се случило со Христос, Кој затоа нè предупредува и охрабрува: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јован 15, 20). Но, што сакам, за мене нешто навистина посебно и воодушевувачко, да ви нагласам за жените мироносици? Во оној период од дејствувањето и проповедта на Богочовекот Христос, кога Он чудесно исцелува луѓе болни и од најтешки болести, па дури и мртви воскреснува, кога чудесно заситува илјадници гладни, кои околу Него се собираат и кога како овоземен цар славно Го пречекуваат во Ерусалим, служењето и присуството на жените мироносици е речиси незабележливо; но во периодот кога започнуваат Неговите страдања, нивната верност и нивното присуство веднаш доаѓа до израз. Спротивно од однесувањето на масата, која дури и се врти против Него.

Иако ни се добро познати овие видови на однесување и од секојдневниот живот, особено негативниот избор, сепак, да се задржиме на нив уште малку. И народната мудрост ги забележала во поговорката: во маката јунакот се познава. Голем впечаток ми остави и еден неодамна слушнат дијалог помеѓу двајца воини. Кога едниот го прашува другиот зошто воопшто се бореле во битка за која однапред знаеле дека е изгубена, овој му одговара: „Потешко ни беше да бегаме отколку да се бориме“. Што да ви кажам, вистинска храна за секој борбен дух. Ние, пак, се бориме во војна за којашто однапред знаеме дека Христос ја извојувал и во која победил за нас.

Пресвета Богородице, заедно со жените мироносици спасете нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *