Почетна Коментар Постојано треба да знаеме по кој пат одиме
Постојано треба да знаеме по кој пат одиме

Постојано треба да знаеме по кој пат одиме

97
0

Да Му благодариме на Бога, што, по молитвите на Пресвета Богородица, во чиј манастир се помоливме утрово, по молитвите на свети Климент Охридски – патронот и заштитникот на нашата Света Црква и на сите македонски свети, како претставници на сите наши епархии и институции, се собравме на собрание, на собор, за и на овој начин да го потврдиме единството во нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

Овој Собор има свечен и работен карактер, а го одржуваме согласно Уставот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (чл. 45).

Во свечениот дел, со духовна академија и молитвено со Света Литургија, ќе ги одбележиме     60-те години од возобновувањето како и 1000 години од создавањето на Охридската архиепископија. Во оваа година ги одбележуваме и годишнините од почетокот на Моравската мисија (863 г.) на солунските браќа, светите Кирил и Методиј и од одржувањето на Свештеничкото собрание во Издеглавје (1943), во Дебарца, на првата ослободена територија во НОБ во Македонија.

Всушност, на овие историски настани им ја посветивме цела оваа година, а ова, во овие денови, го правиме соборно, искажувајќи благодарност и чувство на гордост, во име на целата наша Света Црква, преку присуството на претставници од сите наши епархии и институции.

Соборноста се содржи во самата природа на Црквата, како полнота на нејзиното живеење и раководење. Соборите отсекогаш, од апостолско време, па до денес, имале свое место и своја улога. На нив, пред сѐ, се потврдувало единството во Црквата и соборно се решавале прашањата, проблемите и потребите, се санкционирале  еретичките учења, се донесувале одлуки со кои се потврдувала чистотата на верата и правила по кои се раководела и се раководи Светата Црква.

Ќе потсетам: во минатото, од 325 до 737 година, одржани се седум Вселенски собори, со претставници на Помесните Цркви, како и 10 Помесни собори, на кои, исто така, донесените одлуки се општо прифатени за целата Црква.

Пред две години, од 18 до 26 јуни 2016 година, на Крит, се одржа долго подготвуваниот сеправославен Собор, на кој, за жал, не присуствуваа сите Помесни Цркви – Руската, Антиохиската, Грузиската и Бугарската. Тоа неединство меѓу помесните Православни Цркви, видено во спротивставените мислења и ставови уште на подготвителните предсоборски конференции, покажано и со отсуството на споменатиот Собор на Крит, се потврди и преку неодамна објавениот прекин на односите меѓу Москва и Цариград.

Секогаш кога земното е пред небесното, кога љубовта и грижата за своето се потпира на штета, па дури и врз омраза кон другите, доведува до расправии и несогледливи последици по единството на Црквата. Очигледно е дека Православието никогаш не било во поголеми од овие искушенија. Некогаш Црквата на Источна и Западна ја поделија некои различни богословски мислења и толкувања, како и надворешни влијанија – борбата за превласт меѓу Рим и Цариград. Во наше време, Православната Црква е на искушенија од внатрешни и, за среќа, само административни недоразбирања. Да се молиме – да се врати мирот и единството меѓу Помесните Цркви, а за доброто на Црквата Христова.

Во работниот дел на Соборот, покрај предложените измени и дополнувања на Уставот на нашата Света Црква, ќе имаме можност да слушнеме актуелности од животот и активностите во нашите епархии. Ова е прилика да прикажеме и за постигнувањата, како и за потребите и проблемите со кои живееме како Црква.

Одбележувајќи го 1000-летието на Охридската архиепископија, се потсетуваме на славната наша Архиепископија, на вековната наша столица, под чија духовна грижа и раководство опстоивме и опстојуваме како народ. Таа ни беше и, еве, преку нејзиното возобновување пред 60 години, продолжи да ни биде духовна мајка на македонскиот народ, и овде во Татковината и насекаде по светот до каде што нѐ има. Благодарение на неа опстоивме како народ, и во ропствата и под туѓите владеења, а со неа, да веруваме, и сега и секогаш ќе ги надминуваме сите искушенија. Како народ со вековна Црква, мора и треба постојано да знаеме по кој пат да тргнеме и кој пат да го следиме. – Тој пат е вековниот пат на нашата Црква, патот по кој оделе нашите славни предци, пат кој секогаш бил пат на вистината, животот и спасението.

– Па да го чуваме тој вековен пат и да се браниме од искушенијата на кои наидуваме, секогаш имајќи го пред себе прашањето: Како би постапил сега и свети Климент, како би постапиле сега сите наши достојни претшественици, како би постапил сега и блаженоупокоениот Доситеј, како би постапиле сите тие кога би имале слични на нашиве сегашни проблеми и искушенија? Но верувам дека од сите нив би го добиле советот: чувајте ја Црквата, чувајте го единството, трудете се да живеете со мир меѓу себе и во мир со сите…

Токму и овој, како и сите Собори, ја има таа цел: да го покаже и потврди нашето единство, каде што го нема, ако го нема – да го врати мирот и да ја посведочи на дело љубовта што треба да ги краси сите вистински Христови последователи и чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Поздравувајќи ве уште еднаш, вас почитувани гости, соборјани и присутни медиуми, посакуваме од Бога мир и благослов за успешно заседание на Соборот и за полна духовна радост на свеченостите. Амин!

/Стефан, Архиепископ охридски и македонски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *