Почетна Коментар Последна надеж за спасение
Последна надеж за спасение

Последна надеж за спасение

348
0

Она нѐ научи Кој Е смислата на нашиот живот. Она нѐ научи Кој Е вистинска љубов. Она нѐ научи Кој Е апсолутна слобода. Она нѐ научи Кој Е одрекување од овој свет. Она нѐ научи Кој Е небесно смирение. Она нѐ научи Кој Е непрелестно кружно движење на умот во Бог, односно благодатна умно-срдечна молитва. Она нѐ научи Кој Е совршена заедница со Бог. Она е новиот, личносен однос со Бог.

Она е совршен сад на Божјото Предание. Она дозволи да се воплоти Единородниот Син Божји во Неа – од Светиот Дух. Она Го роди нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос. Она пострада, а и сега страда, под Крстот Христов, како никој од човечкиот род – кога било. Она, од сите нас, прва воскресна. Она е граница меѓу несоздаденото и создаденото. Преку Неа го добиваме секој дар Божји. Секој наш дар на Бог, Он преку Неа го добива. Она е Црквородица. Она е нашата Мајка, а ние сме Нејзини деца – по благодат. Она е нашата последна надеж за спасение.

Она не е божица! Она е нешто попрекрасно и позначајно за нас – Она е Богородица! А јас, ништиот, како да ти објаснам поподробно за Неа, драг читателе, кога тие зборови ги нема.

Подобро да го оставиме свети Григориј Палама да ни говори за Марија и за Нејзиниот живот и молитвен подвиг: „Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување… оддалеченост од светот, заборав на сѐ земно и стремење кон божествените откровенија, избор на ’подобриот дел‘. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себе: единственото дејствување преку кое тој би можел да се соедини со Бог“.

Пресветата Дева, престојувајќи во храмот, „со внимание и во непрестајна божествена молитва, целата Своја стана… и воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, кој јас ќе го наречам ’молчание на умот‘. И, предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, која никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание – својствено за непорочните души и умови.

Бидејќи причесна на ова (бого)созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина Живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот. (…) Токму затоа – не знаејќи за маж – Таа и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос“.

Верувам дека сега во потполност го сфативте она што го реков во една моја беседа: учењето за умно-срдечната молитва не е едноставно еден дел од севкупното Свето Предание, тоа е самата срж на Светото Предание на Православната Црква. Без умно-срдечната молитва нема ни Предание.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *