Архиепископот Стефан, заедно со српскиот Патријарх Порфириј, свечено беа пречекани во Ниш пред утрешното сослужување.
Српската православна црква објави дека заедно со Архиепископот се и владиците Петар и Тимотеј и епископот Климент.
-Поглаварите на Српската Православна Црква и Охридската Архиепископија – Македонска Православна Црква, во Соборниот храм во Ниш ги дочека Високопреосветениот Митрополит Нишки Арсениј, заедно со свештенството, монаштвото и верниот народ, стои во веста на СПЦ.
-Ви благорадам на љубовта и гостопримството што секогаш го покажувате кон нас. Овде се осеќам како дома, бидејќи во Ниш служев војска и тогаш го посетував овој храм, кој денеска е поубав и повеличествен отколку во таа дамнешна 1983 година, изјавил Архиепископот Стефан, благословувајќи ги многобројните Нишлии кои дошле да ги поздрават гостите, пишува СПЦ во веста.
Утре на празникот Покров на Пресвета Богородица, Патријархот Порфириј и Архиепископот Стефан ќе служат света литургија во Богородичниот манастир во Ѓунис, во чест на манастирската слава.










