
Поглаварот на Исламската Верската заедница, Сулејман Реџепи во име на ИВЗ, а во пресрет на подготовките на постот и верскиот празник Рамазан испрати порака до верниците муслимани за значењето на деновите кои следуваат во периодот на трите свети месеци. Пораката ја пренесуваме во целост.
Влегуваме во трите Свети Месеци кои што според Хиџретскиот Календар се нарекуваат Реџеб, Шабан и Рамазан.
Овие три месеци се преполни со посебни, Свети Ноќи, како што се: Ноќта на Регаиб, Ноќта на Мираџот, Ноќта на Берат, и конечно- Ноќта на Кадр.
Без сомнение дека овие три месеци треба да ги минеме со што повеќе ибадети, со што е можно повеќе добри дела.
Мухамед а.с., неговата фамилија и сахабите се трудеа многу за да се здобијат со добрините на овие месеци. Тие клањаа нафиле намази, бараа прошка, ги помагаа сиромашните, делеа милост и ги радуваа сираците, осамените и по старите луѓе.
Без сомнение, за овие три Месеци и за Посебните Ноќи во нив, може да се каже и да се пишува многу, но секако останува наша должност додека траат тие месеци, сите ние да ги минеме во што по голема активност и во ибадет, да чиниме добри дела со потполна искреност.
Затоа, драги верници, да се обидеме месеците што се пред нас да ги минеме со многу добра волја, со верба и со желба да се исчистиме духовно за да достигнеме што по висок степен на преданост кон Алах џ.ш.
Посакувајќи ви се најубаво и честитајќи ви ги трите Свети Месеци, да се потсетиме на довата на Мухамед а.с. што тој ја кажуваше секогаш кога ќе дојдеше ноќта што го обележува почетокот на Трите Месеци: ” Алаху мој! Благослови ни ги Реџеб и Шабан и спои не со Рамазан!” Aмин!