Почетна Анализа Половина век македонски поклоненија на гробот на свети Кирил философ
Половина век македонски поклоненија на гробот на свети Кирил философ

Половина век македонски поклоненија на гробот на свети Кирил философ

260
0

Годинава по 50-ти пат, Македонската црковно-државна делегација се поклони на гробот на свети Кирил во Рим. Пред точно 10 години, во 2008 година во Р. Македонија Денот на сесловенските просветители, 24ти мај, е прогласен за државен празник.

За првпат портите на базиликата „Свети Климент Римски“ ни беа отворени во 1968 година, само една година по обновената самостојност на древната Охридска архиепископија во 1967 година, олицетворена во денешната света Македонска православна црква. Оттогаш, педесет поклоненија пред гробот на сесловенскиот апостол сведочат за едно возвишено чувство на благодарност и духовен подвиг. Свети Кирил ги посеал првите семиња на словенската писменост која станала движечка и животворна сила за сите словенски народи. Заедно со неговиот брат, Методиј, создале епохално дело кое има свои длабоки корени кај нас, во нашето современо живеење и чествување што претставува голем придонес во духовната и културната ризница, не само за македонскиот, туку и за многу народи во светот.

Досегашниот историјат на манифестацијата „Во чест на свети Кирил во Рим“ покажа дека поклонувањето во црквата „Сан Клементе“ во Рим не е само оддавање почит на моштите на Свети Кирил Философ, туку претставува значаен придонес во градењето добри и хармонизирани екуменски односи со другите помесни православни цркви и со Ватикан. Во голема мера овие одбележувања ја проширија меѓусебната доверба и ги зацврстија верските односи во целина. Она што е помалку познато е дека се до 1978 година, само Македонија подготвуваше програма поврзана со чествувањето на свети Кирил. Потоа манифестацијата доби нов и поширок организациски карактер, под наслов „Југославија во чест на свети Кирил“. Од 1978 година па наваму, програмата и составот на Југословенската културна делегација го определуваше Меѓурепубличкиот координационен одбор за меѓународна културно-просветна соработка. По одлука на ова тело, координацијата и организацијата на оваа заедничка манифестација и беше доверена на Македонија, односно на Републичката комисија за културни врски во странство. Во манифестацијата редовно учествува делегација на МПЦ, како и претставници од областа на политиката, културата, науката.

Денес, кога се навршува половина век од македонските поклоненија пред гробот на Свети Кирил, не можеме, а да не се осврнеме на најсилните моменти од историјата на ова одбележување, а тоа се беседите и пригодните слова на архиепископите и митрополитите на обновената Охридска Архиепископија, во лицето на Македонската Православна Црква. Тие се едно драгоцено сведоштво за обновените црковно-народни традиции на нашата Црква и богат придонес во нaшата понова духовна историја.

„Во тешките дни на искушенијата низ кои врвеше македонскиот народ и Црква, честите молитви што нечујно ги искажуваше кон Господа нашиот човек, беа упатени и кон Тебе, кон Твојот брат свети Методиј и Вашите ученици свети Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Преку Вас Спасителот, Господ Бог ги услиши нашите молитви и еве денес ние Ве славиме на глас и ја искажуваме нашата топла и срдечна благодарност. Можеби ќе ни замериш преподобни оче Кириле што на вака скромен начин ја искажуваме нашата благодарност. Те уверуваме дека тоа е честитата и срдечна интима што кон тебе ја изразува твојот македонски народ и црква. Ти се молиме, како и во иднина, ти да бидеш наш застапник пред престолот Господов. И да продолжиме, во духот на нашите претшественици да останеме доследни кон спасоносното твое дело и кон спасителното учење на Христовата вера.“ – Архиепископ Охридски и Македонски г. Доситеј, молебен, 1970 год.

„Водени од желбата ова поклонение да добие се пошироки размери и да му служи на екуменизмот, Светиот Архиерејски Синод на нашата Црква им се обрати со писмо до сите православни словенски цркви, оваа година да се направи заеднички молебен на гробот на свети Кирил.“ – Митрополит Американско-канадски-австралиски г. Кирил, 1972 год.

„На небескиот небесклон над вечниот град Рим, светлеа безброј ѕвезди. Се радуваме што една од тие ѕвезди е и ѕвездата на нашиот народ и на сите Словени, големиот сесловенски просветител и учител, св. Кирил Солунски. Во вршењето на оваа божествена мисија извршени се големи дела, но епохално и значајно за нас, како и за сето словенство е создавањето на нашата прва азбука и описменувањето. Јазикот на македонските Словени, од Солун, што светите браќа добро го познавале, го овековечија со словенското писмо, преведувајќи ги потребните книги, за светите богослужби и христијанската просвета што им беше доверена од кнезот Ростислав во Моравија. На тој начин, поставија цврста основа за натамошното црковно и културното издигнување на словенските народи.“ – Митрополит Пелагониски г. Ангелариј, пригодно слово, 1976 год.

„Делото на свети Кирил е универзално, апотолско. Тоа е целосно исполнување на Христовата заповед: „одете и научете ги сите народи крштевајќи ги во името на Отецот и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал“(Мт. 18,19). Поради ова, тоа не може да се смести во географски граници на еден народ, зашто „нивниот глас се слуша дури до крајот на вселената…Евангелското дело секогаш е ново, бесмртно и вечно, проткаено со препородувачка потенцијална сила, импресивно и поучно за младите поколенија како ориентација во нивниот верско-просветен прогрес.“ – Митрополит Дебарско-кичевски г. Ангелариј, 1980 год.

„Светите браќа добро знаеја дека Царството Божјо на земјата, Царството на љубовта, се остварува не со оружјето на силата и себичноста, туку со оружјето на верата, надежта и љубовта. Но, тие, исто така, знаеја дека оружјето не е нивно, туку им е дадено од Бога за да се прослави Бог на земјата.“ – Митрополит Преспанско-битолски, г. Петар, 1983 год.

„Просветителе, ти благодариме што направи Македонија да постане земја-книга, земја-икона и земја-олтар, да постане небо на земјата и земја на небото…Свети оче Кириле, продолжи да сееш и понатаму љубов меѓу луѓето, да проповедаш мир меѓу Истокот и Западот, да градиш добра волја меѓу народите. Свети оче Кириле, моли се за оние што не љубат и за оние што ни прават зло-за да се просветат. Моли се за оние што го следат и за оние кои застраниле од Твојот пат-моли се за сите! Биди ни и понатаму постојан застапник пред Семоќниот Господ, заедно со брата Ти Методиј, со свети Климента и со сите светии.“ – Архиепископ Охридски и Македонски г. Стефан, 2007 год.

Еве ни прилика, по 50-ти пат да покажеме дека во нас живее духот на нашите претходници, духот на верата и традицијата прадедовска. Да потврдиме дека најсилното и најсветото во човекот и во секој народ, го имаме и ние во нашава генерација. Навистина, прославувањето на големите дела бара многу жртви и голема одговорност.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *