Почетна Анализа Политички игри врз грбот на верските чувства
Политички игри врз грбот на верските чувства

Политички игри врз грбот на верските чувства

55
0

Дали отворениот судир меѓу Владата и Исламската верска заедница во земјава, кој ескалира изминатава недела со отворен конфликт преку медиумите, може да се дефинира како меѓуверски проблем или, пак, станува збор само за институционални недоразбирања меѓу една верска заедница и извршната власт? Како може да се одрази ова на меѓуверската слика во Македонија, а како на политичките состојби во државата, особено во период пред одржување на претседателските избори, закажани за следниот месец? Овие дилеми се отворија во јавноста откако Владата преку соопштение ја обвини Исламската верска заедница дека ѝ се заканува и ја уценува и најави дека за овој случај размислува и да го извести и Јавното обвинителство.

Владината прес-служба, пред два дена јавно го објави одговорот на писмото до поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во кое вели дека писмото на поглаварот испратено до премиерот Зоран Заев на 12 март оваа година е класична ултимативна и уценувачка закана.

– Во однос на примениот допис од ваша страна, истакнуваме дека истиот тој претставува неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид уцена и закана, поради што сериозно размислуваме за истото тоа да го известиме надлежното јавно обвинителство. Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата – пишува во одговорот од Владата.

Владината прес-служба го објави и писмото што Реџепи му го испратил на премиерот, во кое тој ги посочува долгогодишните проблеми што ИВЗ ги има со процесот на денационализацијата, но и неможноста за изградба на неколку верски објекти и бара итно решавање на проблемите.

Реџепи во писмото пишува дека за ова ќе ги запознае и верниците на ИВЗ.

– Пред почеток на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјата да ги информираме верниците за долготрајната дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава – стои во писмото испратено од поглаварот на ИВЗ.

Исламската верска заедница сѐ уште не одговорила на соопштението на Владата, со образложение дека немаат добиено официјален одговор и дека за нив преписката меѓу медиумите не е решение.

Релациите меѓу актуелната влада и ИВЗ веќе подолг период се затегнати, а ескалираа по одлуката за стопирање на реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид и поради инспекциските служби што Управта за јавни приходи ги испрати во верските заедници за финансиска контрола.

Од ИВЗ се незадоволни што актуелната власт не ги исполнила своите ветувања давани пред изборите во 2016 година. Според неофицијални информации, особено бил тензичен разговорот меѓу поглаварот на ИВЗ и премиерот Заев на последната средба на верските поглавари во Владата, која се случила пред еден месец.

Познато е дека ИВЗ беше голем критичар на претходната влада и во предизборието во 2016 година му даде отворена поддршка на тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер Зоран Заев. Тогашната влада обвинуваше дека џамиите во Македонија се користат за отворено политичко агитирање за СДСМ.

Верските аналитичари, пак, сметаат дека токму делот во писмото во кој поглаварот зборува за запознавање на верниците во 700 џамии за дискриминацијата кон ИВЗ, може да се толкува и како обид за политичко влијание, во предизборен процес, овој пат на штета на актуелната влада.

НЕ ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД ПОТТИКНУВАЊЕ ТЕНЗИИ

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, смета дека ваквиот однос меѓу ИВЗ и Владата е однос меѓу верска институција и државна институција, а не меѓу Албанци и Македонци, или меѓу муслимани и христијани. Затоа, истакна дека ваквите расправии не можат да придонесат за некои тензични состојби, иако се прават во предизборен процес. Сепак, смета и дека ваквиот однос се темели на некакви лични причини на незадоволство.

– Не е ништо ново за муслиманските верници тоа дека ИВЗ има проблем со процесот на денационализација на нејзините имоти. Тоа е така уште од 90-тите години на минатиот век. Тој процес оди бавно и тоа е системски направено и треба да се направи увид во сите тие процеси и ако треба да се ревидираат случаите – нагласува Муслиу.

Ги повикува двете страни да размислат за наративот на изразување, да бидат повнимателни и да не користат зборови, кои потоа нема да можат да ги повлечат.

– Владата треба да има поголем слух за барањата на верските заедници и да го преиспита недејствувањето на институциите за нивните барања – додава Муслиу.

СЕКОГАШ ПОСТОИ МОЖНОСТ ЗА ТЕНЗИИ

Верскиот аналитичар Цане Мојановски вели дека токму ваквите состојби меѓу една верска заедница и Владата можат да донесат подгревање нетрпеливост на верска основа, особено што државата е пред клучен момент, како што се претстојните претседателски избори.

– Прашањата за меѓуверска и меѓуетничка нетрпеливост мислевме дека веќе се надминати во минатото, но ете токму вакви предизборни периоди се плодна почва за создавање вакви состојби – додава аналитичарот.

Според него, факт е дека ИВЗ има проблеми со денационализација на нејзините имоти.

– Прво треба да се види дали динамиката на денационализацијата се остварува различно, односно дали сите случаи што се во постапка за денационализација се одвиваат забавено. Ако се утврди дека постапките се одвиваат бавно, треба да се утврди зошто се прави тоа. Изминатиот период ИВЗ беше во центарот на случувањата за теми за ја засегаат неа, со Алипашината џамија, како и со одредени обвинувања кон поглаварот Реџепи. Затоа кај нив постои и определена нервоза – објаснува Мојановски.

НЕРЕШЕНИ ПРОБЛЕМИ ИМААТ И ДРУГИТЕ ВЕРСКИ ЗАЕДНИЦИ

Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, вели дека одговорот од Владата е целосно во согласност со нивните ставови како надлежна институција.

– Сите верски заедници во државата, а особено нивните челници мора да го имаат предвид прво нивниот кохезивен потенцијал. Со други зборови, мора постојано да дејствуваат со сите капацитети кон зајакнување на општествената кохезија во нашето мултиконфесионално општество. Процесот на градење доверба мора да биде континуиран и придружен со многу консензуси и разбирање. Оттаму ниту еден ултиматум или едностраност во наоѓањата решенија за отворени прашања во општеството не се соодветно решение. Замислете кога сите верски заедници би поставувале ултиматуми до другите верски заедници или до државата, се разбира за очекување би било дека решенијата ќе бидат сѐ подалеку, а довербата и кохезијата би опаѓале. Католичката црква има отворени прашања во селото Паљурци, МПЦ-ОА има отворени прашања во селото Октиси, во селото Пешталево имотот на манастирот „Св. Наум“ е одземен, Еврејската заедница има отворени прашања во Битола, протестантските цркви имаат безброј имотноправни проблеми и така натаму. Но, секогаш мирот и соживотот се најважни. Со верски речник „Бог го радува чинот на подавањето рака, а не бројот на црквите, висината на минарињата, гласноста на молитвите, големината на храмовите“ – објаснува Сотировски.

Убеден е дека граѓаните припадници на различна вероисповед се зрели и свесни дека само заедно, преку почит и стекнување меѓусебна доверба можеме да обезбедиме подобра иднина.

– Исламот е религија што учи за солидарност, хуманост и го истакнува значењето на семејството. Овие вредности ги живеат многу генерации муслимани во нашата земја. Суштината е дека меѓу верниците нема проблеми ниту омраза. Се разбира дека има прашања чие решение го посакуваат многумина верници од различна вероисповед, а по таквите решенија се доаѓа со смиреност и посветеност – додава директорот.

ЌЕ СЕ ОДРАЗИ ЛИ ОВОЈ СЛУЧАЈ НА ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА?

Министрите од владината коалиција на СДСМ и ДУИ, Оливер Спасовски и Бујар Османи, сметаат дека работите меѓу верската заедница и Владата треба да се решаваат со дијалог.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е дециден дека писмото на ИВЗ е уцена. Вели дека Владата е подготвена за дијалог, но дека не прифаќаат уцени. За разлика од него, вицепремиерот Османи не прецизира дали за него писмото на ИВЗ е уцена или не, и повикува на дијалог меѓу двете институции. Но и двајцата сметаат дека ова нема негативно да се одрази на владината коалиција.

Министерот Спасовски, вели дека во случајов станува збор за едно писмо на ИВЗ, кое е сериозна уцена.

– Повикувам на сериозен пристап. Оваа влада на чело со Зоран Заев покажа дека има сериозен капацитет за дијалог и разговор, во тој дух да разговараме со секого, но никако нема да дозволиме уцени од било кого – изјави Спасовски.
Вицепремиерот Бујар Османи повика проблемите што се создале со ИВЗ да се решат низ дијалог бидејќи, како што истакна, тоа е единствениот начин да се решат сите недоразбирања.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *