Почетна Анализа Политичарите верници ќе тераат и пост и кампања
Политичарите верници ќе тераат и пост и кампања

Политичарите верници ќе тераат и пост и кампања

138
2

На 12 април 2020 година, Македонија третпат во својата историја како независна држава ќе гласа, овој пат за парламентарни избори, на еден од поголемите христијански празници. Тој ден православната црква го слави Цветници, денот на влегувањето на Христос во Ерусалим. Тоа е еден од подвижните празници, кој секогаш се слави една недела пред Велигден.
На Цветници Македонија гласаше и на последните претседателски избори 2019 година во првиот круг на 21 април, а Велигден беше на 28 април 2019 година. Исто беше и на претседателските и на парламентарните избори во 2014 година, кога првиот круг од претседателските избори се поклопи со Цветници, празник што тогаш се славеше на 13 април, а Велигден беше на 20 април 2014 година. Лидерите на политичките партии, кои завчера кај претседателот Стево Пендаровски го договараа датумот за предвремените избори, изјавија дека воделе сметка и за деновите поврзани со верските празници, за да не се поклопуваат со чествувањата на верниците.

Премиерот Зоран Заев рече дека кога биле разгледувани датумите било гледано да не се поклопат изборната кампања и гласањето со постите кај муслиманите. Една од причините е што многумина од политичарите од албанскиот политички блок се муслимани и се декларираат како верници, а поради тоа ги практикуваат и рамазанските пости. Кампања за време на постите би им претставувало тешкотија, затоа што постот во исламот е потежок и бара воздржување од храна и вода од изгрејсонце до зајдисонце.

Анализата на изборните процеси досега покажува дека во Македонија нема организирано изборни циклуси што се совпаѓаат со рамазанските пости, и оваа одлука е всушност и продолжување на таквиот тренд.

Но од друга страна, интересен е податокот дека од 19 изборни години од независноста на Македонија, изборната кампања или изборното гласање се поклопува дури седум пати со постите во православната црква. Најмногу шест пати со велигденските пости и еднаш со божиќните пости. Така ќе биде и следната година, кога политичарите од македонскиот политички блок, кои се декларираат како верници, ќе постат и ќе тераат кампања. Ист беше случајот и на минатите избори во 2019 година, како и на парламентарните избори 2014 година, локалните избори во 2013 и 2005 година и на локаните и претседателските во 2009 година. Во 2016 година, пак, политичарите верници водеа кампања и пости за време на божиќните пости.

Датуми на одржани избори во државата
2020 г. – 12 април ПАРЛАМЕНТАРНИ (Цветници) (пости)
2019 г. – 21 април и 5 мај ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ (Цветници) (пости)
2017 г. – 15 и 29 октомври ЛОКАЛНИ
2016 г. – 11 декември ПАРЛАМЕНТАРНИ (пости)
2014 г. – 13 и 27 април ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ И ПАРЛАМЕНТАРНИ (прв круг 13 април Цветници) (пости)
2013 г. – 24 март 7 април ЛОКАЛНИ (пости)
2011 г. – 5 јуни ПАРЛАМЕНТАРНИ
2009 г. – 22 март 5 април ЛОКАЛНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ (пости)
2008 г. – 1 јуни ПАРЛАМЕНТАРНИ
2006 г. – 5 јули ПАРЛАМЕНТАРНИ
2005 г. – 13 и 27 март ЛОКАЛНИ (пости)
2004 г. – 14 и 28 април ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ
2002 г. – 15 септември ПАРЛАМЕНТАРНИ
2000 г. – 10 септември ЛОКАЛНИ
1999 г. – 14 октомври 5 ноември ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ
1998 г. – 18 октомври 1 ноември ПАРЛАМЕНТАРНИ
1996 г. – 17 ноември ЛОКАЛНИ
1994 г. – 16 и 30 октомври ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ И ПАРЛАМЕНТАРНИ
1990 г. – 11 и 25 ноември ПАРЛАМЕНТАРНИ И ЛОКАЛНИ

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(2)

  1. Е многу сметка воделе де… џанам…
    Откај па излезе споредбата кој пост бил потежок а?
    Ај , ај предметниот политичар нека си се јави кај духовниот отец(ако го има) да му објасни во што всушност е тежината и содржината на постот!
    Библиска Македонијо!
    Што народ изроди?!

  2. Арно успеа да го прочита текстов некој!
    Г-ѓата Радмила на крај успеа да го докаже својот докторат и екстремен експертизам во познавањето на Православната Теологија!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *