Почетна Анализа Политичарите агитираат и во верските храмови
Политичарите агитираат и во верските храмови

Политичарите агитираат и во верските храмови

212
1

Чествувањето на големиот празник Голема Богородица уште еднаш ја покажа практиката на политичарите да ги користат верските храмови и верските празници, кога по правило има големо присуство на верници, за свои политички интереси. Оваа година главна тема беше политичката состојба во државата пред закажаниот референдум на 30 септември годинава, а лидерите и на опозицијата и на власта токму на тој ден одбраа своите пораки да ги испратат токму од дворовите на верските објекти.

Според верските аналитичари, нивото присуство на овие настани, повеќе личи на партиски собири, отколку на искрен однос кон верата. Тоа, пак, покажува дека нивната крајна цел е пропагирање на својот партиски интерес и потребата да се допре до што повеќе гласачи, па на тој начин црквите стануваат злоупотребени.

На претставниците на верските заедници генерално не им пречи присуството на политичарите за празниците, но сепак тие и не можат да бидат оние што ќе успеат да ги спречат во намерата за политичка злоупотреба.

Освен етичките и моралните принципи во врска со оваа појава, политичарите и државните функционери се оние што дополнително треба секогаш на ум да го имаат уставното начело на секуларност на државата, кое подразбира одвоеност на државата од верските институции. Македонија според Уставот јасно е дефинирана како секуларна држава, во која ниту државата може да се меша во работата на верските заедници, ниту пак тие можат да бидат дел од државното уредување. Но ако се зборува за секуларност, тогаш претставниците на партиите и на државата се оние што не смеат да го кршат тоа начело.

Дилемата што се наметнува е зошто споменатата категорија јавни личности ги користат овие настани за политичка пропаганда, колку нивното присуство во верските објекти е искрено поврзано со нивната вера и дали злоупотребувајќи ги црквите тие всушност се потпираат и го ползуваат авторитетот на црквата.

Слика што годинава беше видлива за Голема Богородица како по непишано правило се повторува речиси за сите големи празници, но никој досега јавно не реагирал и не ги осудил овие постапки на политичарите, без разлика дали се од власта или од опозицијата.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека присуството на политичарите на верските обреди, по правило, исклучиво на големите верски празници, какви што се Божиќ или Велигден, никогаш не го доживувал искрено.

– Да беа искрени и ревносни верници, ќе ги забележувавме многу почесто по храмовите и за многу помали поводи, макар и еднаш годишно. Не верувам дека некој граѓанин ги видел како доаѓаат на некоја утринска или вечерна служба или слично. Нивното стапнување во црква и присуство на богослужбите е мотивирано со други, би кажал, потребите на сопствениот политички пиар. Јасно е дека имаат потреба да се претстават како обични граѓани, како верници многу повеќе отколку што имаат потреба да се потпрат на авторитетот на црквата. Граѓаните, пак, знаат дека тие тука се дојдени „по функција“ и дека не може да го искористат авторитетот на црквата, зашто станува збор за празник што ги собира сите граѓани – објаснува Ѓорѓевски.

Според него, политичарите редовно даваат политички изјави веднаш по излегувањето од храмот, пред црковните порти што, како што вели, не е во ред, зашто црковниот двор не е место за давање политички изјави.

– Но како што некогаш црковните достоинственици имаат право од пред олтарот да го искажат својот став за некое важно општествено прашање, така и на политичарите не можеме целосно да им оспориме да го кажат она што го мислат за важни општествени прашања. Сепак, таквите локации посветени на Господ, кој не ги дели луѓето по нивната национална, а уште помалку по, световна, политичка определба, политичарите би требало да ги одбегнуваат. Со тоа се маргинализира значењето на празникот, се отвораат можности за кревање тензии меѓу луѓето. Сето тоа токму на празниците, кои се слават во име на мирот, љубовта, сакањето на сопствениот непријател – додава аналитичарот.

Зоран Матевски, професор по социологија на религија вели дека тоа што политичката елита оди во посета на верските храмови за време на големи верски празници е начин за истакнување на нивните морални вредности преку религиските вредности.

– Политичарите сакаат да се претстават пред верниците како морални и чесни личности што се грижат за граѓаните, односно за своите гласачи. На политичарите не им се забранува да бидат верски определени и да одат во верски храмови, како што тоа беше случај во минатото, на пример, за време на комунизмот. Напротив, тоа дури може да се смета за доблест кај еден политичар, зашто кај религиозните луѓе нема простор за манипулација и за нечесност – додава Матевски.

Според него, природно е политичарите да се потпрат на верските институции, зашто и во минатото се докажувало дека верските заедници биле медијатори во многу општествени процеси.

– Секако, на политичарите треба да им е јасно дека не треба и не смеат да манипулираат со религиските вредности и со она што го промовираат црквата и другите верски заедници во земјата, за да придобијат поголемо гласачко тело – истакнува професорот.

Практикување или ползување на религијата

Токму присуството на политичарите во црквите и во џамиите беше една од темите за анализа во рамките на последното истражување на темата „Религијата и политичките кампањи“, спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје, во ноември минатата година, со кое се покажува дека верските институции уживаат висока доверба кај граѓаните.
На прашањето дали практикувањето на верата од политичарите јавно пред камери е позитивно, високи 60,2 отсто одговориле дека тој потег на политичарите е негативен, бидејќи верата треба да остане приватен елемент, надвор од дневната политика. Сепак, Македонската православна црква-ОА и Исламската верска заедница во земјава, како две најголеми верски заедници во државата добија здрава тројка како оценка за довербата што ја уживаат кај граѓаните.

– Доверба во МПЦ-ОА и во ИВЗ имаат 42,2 отсто од анкетираните, а дополнителни 22 отсто дека имаат одреден степен на доверба. Негативниот дел го сочинуваат 19,6 отсто, кои немаат доверба и 14,5 отсто, кои донекаде немаат доверба. Сето тоа дава една средна оценка од 3,12 во скалата на доверба за МПЦ-ОА и на ИВЗ – пишува во истражувањето.

Граѓаните не веруваат во секуларноста на државата

Според истото истражување, на прашањето дали во Македонија постои целосна одвоеност помеѓу религијата и државата што е начело содржано и во македонскиот устав, како основа на современите граѓански општества во кои религијата е одвоена од државата, 34,9 отсто одговориле потврдно и дополнителни 20,4 отсто изјавиле дека донекаде се почитува ова начело. Сепак, 18,2 отсто од испитаниците сметаат дека државата не е одвоена од религијата и дополнителни 16,2 отсто, кои сметаат дека донекаде религијата не е одвоена од државата. Иако процентот на граѓаните што сметаат дека религијата е одвоена од државата е повисок од оние што не го сметаат тоа, сепак висок е процентот на граѓаните (34,4 отсто) што сметаат дека религијата донекаде или целосно не е одвоена од државата. Перцепцијата дека религијата не е одвоена од државата претставува своевидна рефлексија и на претходната перцепција дека за повеќето испитаници религијата има влијание врз политиката.

/Радмила Заревска – Нова Македонија

Коментар(1)

  1. Molam ako moze nekoj da posochi link so tekst so ovakva sodrzhina vo periodot od 2006-2016😀?
    Golemite praznici se nerabotni denovi vo R.Makedonija taka da toa se moznosti i za politicharite nekolku pati vo godinata da prisustvuvaat na liturgii kako ostanatiot narod;
    Imeno hramovite kaj nas se najpiseteni za najgolemite verski praznici, sto znaci i politicarite se odnesuvaat kako ostanatiot vraboten narod vo drzhavata.
    Ako drzhavniot vrv ne otide za Uspenie na Bogorodica,Veligden ili Rozdestvo Hristovo,
    koga drug pat? I da, sekako toa e moznost da se vidat so graganite, i sto ima losho vo toa?
    Ako otishle, zoshto otishle, ako li pak ne, povtorno komentari, ete gi nema, se dvojat od narodot. Pa neli bevme bibliska zemja?

    Zabeleshkite ne se na mesto!
    A i otkaj znaeme,moze odat i drgi denovi na crkva intimno so svoeto semejstvo nadvor od objektivite na kamerite?!
    Ama i togash ke se najde nekoj i ke napishe nekoj tekst: toj i toj politichar skrishno bil vo taa i taa crkva! A mora da ima neshto somnitelno?! Sto bara toj tamu?!
    A Gorgeski kako verski analitichar,
    odi li sekoja nedela na liturgija?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *