Почетна Вести Христијанство Поголем од милениумот
Поголем од милениумот

Поголем од милениумот

270
0

Бигорскиот манастир прослави илјада години постоење

Достоинствено, како што прилега за милениумски јубилеј, вчера беше одржана централната прослава по повод илјада години од постоењето на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. Настанот беше организиран со строги протоколи за заштита од коронавирусот, литургијата беше одржана на отворено и со ограничен број гости.

Со тоа уште еднаш се покажа дека овој манастир е духовна тврдина и цврст столб на нашата Македонската православна црква-Охридска архиепископија во целиот православен свет.
Илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир (1020-2020 година) е настан што црквата го одбележуваше во текот на целата оваа година. На вчерашниот централен настан се обратија поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ г.г. Стефан, и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Архиепископот г.г. Стефан во говорот посочи дека Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите, наша гордост што трае, зашто, од љубовта кон него и од љубовта од него, израснал во неисцрплив вруток, во наш духовен горостас и наш најдобар црковен репрезент.

– Ако само за момент се навратиме на историските случувања од 11 век до денес, нема ниту едно раздобје во кое овој духовен центар, во помала и во поголема мера, не е присутен и активен со својот придонес. Со тоа се оправдува заклучокот дека уште од своето основање манастирот како да бил благословен да биде нешто големо и значајно. А тоа се провејува и се покажува на дело и до ден-денес. Во минатото манастирот претрпел многу премрежиња, достигнувал и слава, но и падови; бил уриван и опустошуван, сардисуван и ограбуван, осиромашувал и останувал без монаштво. Сепак, и во тие, како и во своите славни времиња, овој монашки центар бил искра на надежта за македонскиот народ во многу погледи – и културно, и политички, и економски, и пред сè, духовно. Како што е и денес и, дај боже, да биде и утре и до крајот на вековите – рече г.г. Стефан.

Според архиепископот, Бигорски е еден од пионерите во возобновата на македонското современо монаштво, па затоа овој манастир е нашиот најголем духовен центар, градба што постојано се доградува, имајќи го за свој современ ктитор богодаруваниот со уметнички и архитектонски осет – бигорскиот игумен отецот Партениј.

– Бигорски е најпрепознатливиот сведок на нашата црковна реалност и на нашата подготвеност, како и потврда на нашето право за црковна самобитност во православниот свет – заклучи г.г. Стефан.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, потсети дека токму во вакви моменти на растечка недоверба меѓу луѓето, страв и неизвесност од непознатото, многу наши сограѓани бараат мир и утеха и надеж токму на ова место.

– За многу страдалници од разни наши генерации, различни држави, различни идеологии и религии, Бигорскиот манастир претставува духовно засолниште од бурите на животот. Поделбите и предрасудите што се толку присутни во нашето општество немаат место во манастирот, во кој, луѓето се пред сѐ луѓе, независно од нивните лични особености. Ова е место за заздравување на душевните рани и рехабилитација на зависниците. Многу верници токму во овој манастир ја враќаат вербата во животот и го зацврстуваат својот духовен идентитет. Овој илјадагодишен подвиг се должи на две нешта. Прво, Бигорскиот манастир не е само материјална туку е и духовна градба, соѕидана не само од бигорскиот варовник туку и од постојаните молитви на генерации луѓе од верата. Второ, познато е дека оние што тука поминуваат дел од животот имаат поинакво сфаќање за времето, кое за нив е еднакво на вечноста. За нив, секој ден поминат во самооткажување вреди колку илјада години. Луѓето што искрено веруваат полесно го раздвојуваат тривијалното од суштинското, минливото од трајното. Со таквиот свој спокоен став кон животот, тие не се натпреваруваат за успех, за материјални богатства и моќ над другите. Се чини дека тоа е тајната на опстојувањето на овој манастир, чии темели се длабоко поставени во срцата и душите на македонскиот народ – кажа претседателот Пендаровски.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *