
Контроверзниот Архимандрит Дионисиј го подели Синодот на Бугарската православна црква.
Откако на дневен ред на САС на БПЦ се најде точката за негово санкционирање, вчерашната синодска седница пропадна и не се одржа, бидејќи највисокото тело на БПЦ не успеа да обезбеди кворум за работа. Најголем број членови на Синодот не дојдоа на закажаната седница во „Синодалната палата“.
Денеска Владиците на БПЦ ќе направат нов обид за одржување на седницата на бугарскиот синод.
Вчера како и што се најави пред Патријаршијата во Софија се собра поголема група верници кои протестираа и бараа санкционирање на Архимандритот Дионисиј кој е старешина на Црквата „Св. Александар Невски“ во Софија.
Судирот меѓу Дионисиј, свештениците од овој храм и верниците настана по контроверзната прослава за велигден и огнометото што тој го нарачал за време на литургијата, а потоа и по откажувањето на свештениците да сослужуваат со него.