
Почнува седмицата на Светото писмо
Денеска почнува Шестата седмица на Светото писмо во организација на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Движењето за организирана духовна обнова на Македонија, која ќе трае до 26 јуни.
Темата е „Црквата и Светото писмо – сведоци и заштитници на вистината“.
Свеченото отворање ќе биде од 19 часот во салата на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје каде ќе биде претставена овогодинешната програма на Седмицата, ќе биде промовирана интернет емисијата за православната христијанска вера и духовност „Училиште за животот“, а ќе се проговори и на темата „Црква, мисија, медиуми, општествена активност, можности“.
Од 20 до 23 јуни, сесиите со предавања ќе се одржуваат во салата на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Меѓу темите се „Црквата на живиот Бог, столб и тврдина на вистината“, „За употребата и злоупотребата на Светото Писмо – низ призма на Светото Писмо!“, „За правилното и неправилното разбирање на Црквата – низ призма на Светото Писмо!“ и „Како да ја препознаеме вистинската Црква?“