На 76-годишна возраст почина Киро Кипроски, доајенот на македонското новинарство од Гостивар. Тој со новинарството се занимаваше преку пет и пол децении. Првите чекори ги направил во „Наша просвета“, а како средношколец и студент соработувал со „Млад Борец“ и „Студентски збор“.
Работел за „Нова Македонија“, „Танјуг“, „МИА“, „Макфакс“, Радио Скопје, Радио „Дојче веле“, Радио Берлин, пишувал за „Вјесник“ Загреб, „Журнал“, „Екран“ и други.
Долги години бил дел од Радио Гостивар, а од 1993 до 1998 беше член на Претседателството на ЗНМ. Последно работеше како дописник на „Нова Македонија“.
Автор е на петнаесетина монографии и книги за кои добил и признанија. Неговиот опус содржи и бројни репортажи од Македонија и светот, а како новинар известувал од значајни спортски и културни настани, меѓу кои и ЗОИ Сараево 1984 година. Тој на читателската публика ѝ е познат по репортажите од посетите на Света Гора, Кина, Египет, како и на мијачкиот крај.
Кипроски беше долгогодишен пријател и хроничар на Бигорскиот манастир. Бигорската обител во сочуството пишува дека за нив, Кипроски останува врежан како човек со особена заслуга.
-Тој беше многу повеќе од хроничар на настаните – беше сведок и гласник на воскресението на монаштвото во Македонија. Тој е несомнено новинарот кој има напишано најмногу прилози и записи за нашата монашка заедница – неколку стотици написи низ годините, во кои грижливо и трпеливо ја документираше обновата, животот, подвизите, тагите и радостите на монашкото братство. Своето љубовно и трогателно сведоштво за Бигорски го круниса со монографијата „Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“, свечено промовирана во манастирскиот синодикон во 2021 година. Заради своите големи заслуги, тој од страна на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, беше одликуван со највисокото манастирско одличие – орденот „Претеча“ од прв ред. Во време кога малкумина се осмелуваа да пишуваат позитивно за монаштвото – особено во посттоталитарниот период на атеистички предрасуди – Кипроски застана цврсто во одбрана на христијанската обнова на нашиот народ. Со прецизен новинарски глас, но и со длабоко разбирање и љубов, тој сведочеше за воскресението на монаштвото во Македонија и беше верен летописец на нашата мисија. Неговото перо секогаш беше во служба на вистината и на доброто, осветлувајќи ги духовните вредности на македонскиот народ. На последната страница од неговото дело, остануваат зборовите што не се пишуваат со мастило, туку со љубов: љубов кон својата земја, кон Црквата и кон Бога, пишува Бигорски.
Меѓу неговите дела се и „Галичник засекогаш“, „Манастир Свети пророк Илија –Долно Јеловце“, „Сага за македонските воени пилоти“, „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“, „Поглед низ времето“ итн.
Во делото „Сага за македонските воени пилоти“, создадено заедно со публицистот Ставре Џиков, првпат беа претставени сведоштва и документи за почетоците на македонското воздухопловство и првиот лет со македонско знаме во 1992 година.
Минатата година Киро Кипроски ја промовираше својата последна монографија „Светот без Македонија не е цел“.

