Седмата по ред струшка Литија за „Св.Ѓорги Побединосец“ го навестува нејзиното прераснување во една од најзначајните духовно-културни манифестации во Македонија која постепено станува една нова, возобновена традиција.
-Литијата, што почна веднаш после вечерната богослужба, беше навистина одраз на триумфот на светлината, мирот и љубовта. И сè беше во духот на тој триумф, па дури и првиот редар и најавувач на литијата, кој беше облечен во римска воена облека, онаква како од времето на Св. Георгиј, кој и самиот бил воен трибун во римската војска. Звуците на оркестарот од град Скопје и гласовите на псалтите ја надополнуваа таа сеопшта симфонија на радоста, која низ главните струшки улици беше пречекувана со цвеќиња, насмевки и развеани знаменца од страна на најмладите стружанчиња, облечени во народни носии. И секако, главниот украс на молитвената поворка и овој пат беа чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј донесени од неговиот манастир во Рајчица. Положени во цветниот и раскошен епитаф, и опкружени од верна гарда од славниот мијачки крај, тие го излеаја својот благослов врз целата Струга, велат од монашкото братсво на Бигорскиот манастир, возобновители на оваа литија.