Почетна Коментар Пимен: Биди ни соучесник и во оваа наша радост Кириле блажени
Пимен: Биди ни соучесник и во оваа наша радост Кириле блажени

Пимен: Биди ни соучесник и во оваа наша радост Кириле блажени

1.25K
0

Споделувајќи радост од единството со православната екумена,

Пак и пак му се молиме на светиот Кирил исправени пред гробот негов свет.

И ќе речеме:

Нé научил животот преку евангелието на Христа Бога наш, кое ете преку азбуката што ни ја даде токму ти, о блажен свети Кириле и наш просветителе, го чувме на јазикот кој го разбираме, на кој се описменивме, дека животот треба да биде благодарење, а не убедување дека оној што е прв на земјата ќе биде прв и на Небесата, туку сосема обратно, дека последните ќе бидат први.

И ете така поучени, ете така просветлени, векови минавме полни и прогони, и негирања, и присвојувања, и покорувања, но свои на своето останавме и нит се одродивме, нит од Христа се откажавме. Нит за нож, нит за пушка се фативме, туку смирено другиот обрз го вртевме и се молевме и на Бога благодаревме поголеми од секое искушение да излеземе.

И смешно е тоа во очите на оној кој божјата заповед и за непријателот да се молиме не ја научил, нити чул. Чудно е и за оној кому му изгледаат многу вековите трпение, но ете, нека ги спореди тој што поинаку мисли, сите векови на овој свет со вечноста и ќе види дека вековите минати се само миг во вечноста која Господ Бог ни ја ветил и која ни ја дарува кога од времениот во вечниот живот преминуваме, кога од трулежност во нетрулежност во Царството небесно се вселуваме.

И тогаш ќе ја сфати жртвата на нашето смирено благодарење, на нашето смирено молитвено просење нашите имиња да бидат запишани на Небесата, а не чуда на земјата да правиме, не сили со сила да протеруваме. Не земни царства да формираме, ами во Царството Небесно вечен удел да имаме. Да живееме вечно со нашите претци кои затоа што се охристовиле при Престолот на Света Троица се населиле, а не затоа што припадници на посилната нација земна сме станале.

Та низ делењето и фаќањето страна залетот кон вечноста го трасираме или во прозбите за избавување од гревовите свои и исполнувањето на Божјиот закон?

Колку ли луѓе душа изгубиле земајќи го судот Христов во свои раце, судејќи му послабиот, помалиот? Колку ли луѓе гордоста до дното ги турнала мислејќи дека азбуката што ти ја создаде си им ја дал за љубоморно да ја чуваат и монополот на писменоста за свој да си го препишат?

Та ти, Кириле Блажен, азбука и јазик ни даде за да се описмениме, охристовиме и меѓусебе да се разбереме, а не јазик за омразата едни врз други да ја излееме. И зарем ни се лутиш што јазикот за во Христа просветување кој со букви го кодира, што во многу современи јазици го развивме? Или за редоследот, кој порано или кој покасно јазикот свој го кодирал краен термин си поставил, та тој за услов за просперитет на еден народ да се поставува?

Голем си ти, Кириле свети, за ние малите по дух, кои за твои ученици се кажуваме и преку тоа Христијани се нарекуваме љубоморно само за себе да те чуваме и себичноста и надменоста своја зад тебе да ја криеме.

Тоа што многу народи споменот твој го славиме, меѓу нив и ние Македонците, тоа што гробот твој со бројни благодарствени плочи сме го украсиле, тоа што бројни делегации и црковни и државни катагодишно молитвено пред гробот твој слава ти вознеуваме, со тоа големината твоја ја свеочиме, а не припадноста твоја. Но кој да разбере кога гордоста од припадноста национална не заслепила?

И кога децении како црква Македонска и древна Охридска, при тебе доаѓавме, од сестринските џркви непризнати и отфрлени, никогаш надежта дека пак со сите едно ќе бидеме како што Отецот наш небесен е едно со Синот Единороден и Духот Свети не ја изгубивме.

Напротив со таа надеж во единстото, за евхаристиско заедничарење со сите наши во Христа браќа при тебе доаѓавме да те молиме тебе Кириле себлажен и за нас најмалите во Македонската црква сплотени равноправно кон сите цркви да бидеме причеслени.

И на молитвите твои сполај ти чиниме денес.

Еве нé денес пак пред моштите твои молитвено исправени. Овојпат молејќи да се молиш испросеното единство евхаристиско со православниот свет во Царството небесно да продолжи.

И да, овој пат не сме тука само да ти се молиме, ами и слава и благодарност да ти принесеме што молитвите ни ги услиша, што пак во единство Господ Бог по твоите молитви Кириле свети нé врати.

И уште еднаш пред тебе да се помолиме, како што ете во Црквата разумот преовлада и престанаа сопнувањета, така и политичарите нека се просветлат за радоста полна да биде во исполнувањето на зборовите Христови дека по љубовта ќе не познаат дека сме негови ученици.

Биди ни соучесник и во оваа наша радост Кириле блажени.

/Отец Пимен

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *