Почетна Коментар Песочен замок
Песочен замок

Песочен замок

481
2

Сите го знаеја Т. Џ. Припаѓаше секаде ама и никаде. Сите сметаа на него, но никој премногу. Со никого се немаше замерено. Имаше две деца Г. и З. Гледајќи ги како си играат низ дворот му светна идеја да тркнат до една од преспанските плажи. Не дека е времето за бањање туку така децата да си поиграат, а тој под сенка да си прочита некоја книга.

И запали колата и стигнаа. Кофичките и лопатките веќе беа во рацете на Г. и З. Нивните немирни но креативни рачиња се заиграа и за скоро време пред нив се исправи велелепен песочен замок. Спуштајќи ја книгата од пред неговите очи Т. Џ. остана вџашен од прекраснотијата на она што го виде. Го зеде телефонот в рака и потрча да го слика замокот.

Откако го ислика од сите страни и ги обработи фотографиите преку филтрите со гордост ги стави на својот фејсбук-профил и напиша:

– Песочен замок. Дело на моите деца.

Се спакуваа и се вратија дома.

Видно расположен од убаво поминатиот ден, ја замоли сопругата да направи една убава салата и седна на терасата да испие едно ракивче за чест на салатата.

Уште пред да стаса салатата пред куќа застана убава кола. Од неа излезе координаторот на десните лично. Поздрави од далеку и се приближи до масата.

– Не ти личи вака. Со сакаше да кажеш? Победи вашата опција и дека сега сте цврсти како замок и топ не ве бие? Па и децата ги злоупотребуваш. Демек тие го направиле. Проѕирен си, проѕирен. Не заборавај дека скоро ќе се вратиме и ќе памтиме се. Прибери се!

И пред да стигне да одговори координаторот го напушти дворот и го продолжи патот.

Додека Т. Џ. стоеше збунет му заѕвони телефонот. Скриен број беше. Го дигна телефонот. Од другата страна беше лично тој. Координаторот на левите:

-Слушај, видов на фејсбук. Убаво им кажа. Ги замолча. Ама кој разбра, разбра. Можеше и само замок да напишеш, ама ти мудро си ставил песочен замок. Демек иако е песочен во суштина си останува замок. А замок си е замок. Такви сме ние. Тврдина. Ајде ќе памтиме, па ќе вратиме.

И врската се прекина.

Ставајќи го телефонот на маса забележа нотификација на ФБ. Коментар од човекот каде што секоја година оди на одмор со семејството во Аспровалта.

-Филе, сакас да казис дека не се отказувас од антиката? Вие нема море, нема замок. Антика е Грцко. Алесандрос е нас. Не мозес дојдиш годинава.

Вртејќи со главата во неверување се огласи сигналот за порака во инбокс:

-Не те разбирам шо сакаш да кажеш со сликата. Дека ќе се распадне договорот како песочен замок кога ќе удрат брановите? Нема брат таква сила народот за да биде силен ко езерски бран и со еден протест да се урне договорот. Не си го лажи умот. Се се памти. Ќе си направиш беља.

Беше тоа неговиот колега од работа кој се испроба во неколку партии, односно кој секогаш беше на власт.

И само што ја подигна чашата да се напие од ракијата за да се поврати од шокот, од преку оградата се зачу гласот на неговиот комшија поп:

-Комшија, мораме да го чуваме она што ни е најсвето. Името комшија, името. А името се чува со молитва, но и со пушка в рака ако затреба. Не со лопатки и кофички за песок. А Господ ќе ги казни предавниците. Вразуми се.

Се огласи виберот. Брат му од Германија кој си ја проба среќата таму од пред една година откако му беше готов пасошот од кај соседите:

– А бе шо праеш таму замоци ко мало дете наместо да реагираш за имево шо ни го сменија? Достоинството ни го згазија. За ништо име не се менува. Ако треба и камења ќе јадеме, ама од името не се откажуваме. Напиши таму дека не ни требаат ни ЕУ, ни НАТО. Шо аир од нив? Ама од тебе да очекувам да реагираш? Ти го премолча и договорот со Бугарија. Уште тогаш се виде дека си продадена душа. Не кажа збор против нив. Си уживаш ти таму на Преспа, ти е гајле за нас што се бориме за името, за достоинството. После ќе бараш брату пушти 100 € за сметките.

И само уште му фалеше војничкиот другар од Охрид кој поминуваше од пред неговата куќа. Подзапре со колата, отвори прозор и довикна:

-Ам море, шо туку ми ја фалиш Преспа? Ам да не беше далгана од Грција ни песок ќе немавте. Џабе ти замокот македонски, ко песокта ти е грчка. Ај та оставам со здравје.

Му доаѓаше да го тресне телефонот од земја, парампарче да го направи. Но се воздржа и само мирно го исклучи. Ја стегна чашката и подигајќи ја промрмори:

-Ах Боже, кај отидовме? Што се случи со народов? Што се случи со срцата наши? Од кај оваа злоба? Од кај оваа пизма на уста?

И мирно си ја испи ракијата. Кога се фати за шишето за да си тури уште еден течен лексилиум, до него дотрчаа Г. и З. носејќи една дебела книга. Лесно препозна Т. Џ. дека ја исчепкале Библијата од негде.

Се приближија, ја положија на масата и покажаа со прсот на еден стих прашувајќи го татка си што значат тие зборови:

“Од преполнето срце зборува устата.” (Лука 6,45)

Насмевнувајќи се прозборе:
-Ова значи дека Бог веднаш ми одговори.

Ги погали по косите, ги дигна во раце, ги поведе на спиење и рече:

-Доста му е зло на овој ден. Утре ќе направиме уште поголем замок ако сме сложни и ако се сакаме меѓу себе синови мои.

  1. јуни 2018, Ресен

Пишува: Отец Пимен, Митрополит европски (дневен весник Вечер)

Коментар(2)

  1. Т.Џ. мора да е дете на Кумровачка школа, зашто само тие по потреба (читај: директива) се трансформираат од комуњари-атеисти во посветени верници и обратно…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *