Почетна Коментар Педесетница – Литургија и надвор од Литургијата
Педесетница – Литургија и надвор од Литургијата

Педесетница – Литургија и надвор од Литургијата

196
0

Богочовекот Христос, пред Своето Вознесение, ги теши учениците дека Он треба да оди, а дека ќе им Го прати Светиот Дух, Духот на Вистината, Кој ќе ги воведе во сета вистина (види: Јован 14, 16; 16, 13). Доаѓањето на Светиот Дух се случило по десет дена.

Токму Светиот Дух на Црквата ни овозможува на секоја Литургија да учествуваме во целиот Христов Домострој на спасението, па и во самата света Педесетница. Богочовекот Христос во Евангелието вели: „Секогаш кога ќе се соберете да јадете од овој Леб и да пиете од оваа Чаша, Мојата смрт ќе ја сведочите и Моето воскресение“ (види: 1 Кор. 11, 26; Божествена Литургија на свети Василиј Велики). Со други зборови: секогаш кога ќе се соберете на светата Литургија околу својот Епископ и ќе се причестите со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови, го овозможувате и учествувате во целиот Домострој на спасението на светот. Но, подеднакво е важно да сте и сведоци на овој Домострој, и надвор пред сите луѓе, после завршувањето на Литургијата.

Се надевам дека сите ме разбирате: ако нашиот живот надвор од оваа Литургија не е Литургија, ниту ќе можеме во Литургијата на Црквата да учествуваме; а ако во неа не учествуваме и вистински не се причестиме со Телото и Крвта Христови, ниту ќе може надвор од неа нашиот живот да биде Литургија. Сѐ е меѓусебно поврзано во Светиот Дух Господ.

Свети Никола Кавасила вели дека треба редовно да се причестуваме – затоа што ние сме како некој мек и слаб сосад на кој печатот Христов не останува долго време така јасен, и ако  почесто не се причестуваме со Христос, тој полека се губи. Толку се битни црковните литургиски собранија што во каноните на Црквата, Отците одредиле дека никој не може да се смета за жив член на Црквата ако неоправдано три недели по ред не учествува во Литургијата на Црквата.

Едно сведоштво од Евангелието постојано ми дарува покајание и љубов кон Бог и кон секој човек, а тоа е фактот дека Он нас прв нѐ возљуби, а не ние Него (види: 1. Јован 4, 10). Бог ни подари со симнувањето на Светиот Дух во Црквата нашиот живот да биде света Литургија и по светата Литургија.

Затоа, трудете се вашиот живот да биде Литургија и по Литургијата, бидејќи тоа само од нас зависи и само така има смисла и нашето собрание овде. Христос вели: „Јас не дојдов да му судам на светот, туку дојдов да го спасам светот“ (Јован 12, 47). Значи, ние мораме да учествуваме во спасението на светот со наша конкретна љубов, а не да му судиме, и на тој начин да Го сведочиме Христос како Оној што го љуби светот, а не како Оној што му суди на светот. Предуслов за тоа е и ние, кои ја претставуваме Црквата, да имаме љубов меѓу себе: „По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов меѓу себе!” (Јован 13, 35).

Еден од условите нашиот живот суштински да биде света Литургија и надвор од Литургијата на Црквата е дарот на умно-срдечната молитва, каде што нашиот ум молитвено престојува пред олтарот на нашето срце и смирено Го моли Бог за спасение на целиот свет. Овој дар се надоместува само со целосрдечно послушание кон духовен отец на првиот степен од духовниот развој.

„Цару Небесен, Утешителу, Духу на Вистината, Кој си насекаде и сѐ исполнуваш, Ризницо на добрата и на Животот Подателу, пријди и всели се во нас, и очисти нѐ од секоја нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души!“

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *