Почетна Верски буквар Патував во Ерусалим и таму сретнав старец
Патував во Ерусалим и таму сретнав старец

Патував во Ерусалим и таму сретнав старец

345
0

Еден од показателите за духовен развој е откажувањето од потрагата по духовни натприродни доживувања.

„Леле, отец, онаа икона се помести! А оваа почна да мироточи!“

Ги прашувам:

„Добро и што со тоа? Што се случи со тебе потоа? Или сето се сведе на твоето „ах“ и „леле“?“

„Отец, ќе Ви раскажам нешто восхитувачко! Патував во Ерусалим, и бев просто шокирана, а потоа…“

„И што потоа? Што се промени во твојот живот?“

„Па, ништо…“

Еднаш ми раскажуваа:

„Патував во Ерусалим 35 пати и видов еден старец!“

„Добро, и што си постигнала со тоа што си го видела старецот?“

„Но него не го видоа сите, а мене дури и ме прими!“

„Браво! И што со тоа? Зарем тоа е успех? Тоа е само надворешна работа. Зарем Христос за време на Второто Доаѓање ќе те запраша: „Колку светители си видела?“ и тоа е сѐ? А ако си патувала во Ерусалим, Он можеби ќе те праша, дали си го прошетала градот барем 10 пати? А ти одговараш: „Не, само три пати“. – Ааа, три, па тоа е помалку од десет!“

Зарем тоа е таа духовност која ја негуваш во себе? Еве, на пример, јас сум ги сретнал и старец Порфириј, и старец Пајсиј, и старец Јаков. Дали поради тоа нешто се промени во мојот живот на волшебен начин? Христос беше сосема блиску до своите апостоли, но Јуда поради тоа не промени ништо во себе, и Го предаде Христа. Светиот апостол Петар се откажа од Христа, а и Тома исто така покажа неверие, и покрај тоа што Самиот Господ беше со нив.

Да зборуваш за тоа каде си бил, кого познаваш, со кого разговараш, не е доволно. Познавам луѓе кои никогаш не биле на Света Гора, бидејќи се неподвижни. Познавам и жени кои никогаш не патувале во Ерусалим, бидејќи се сиромашни и имаат многу деца, но во душата секогаш ја имаат радоста на Вокресението и Гробот Господов. Не го кажувам ова за да помислите дека не треба да патувате и да ги посетувате светите места. Патувајте слободно! Но, ако патувате и се враќате исти какви што сте тргнале, тоа нема да биде доволно. Тоа е она што јас го имам предвид.

Што значи духовен развој? Се сеќавате ли Христос што му рече на светиот апостол Петар?

„Врви по мене. (Јн. 21,19)“.

Апостолот Петар прашува, а што ќе биде со евангелистот Јован, и Господ му одговара:

„Што те интересира тоа? Можеби Јован ќе биде тука до Второто Доаѓање. Прашањето е, што ќе правиш ти со Мене?“

Каква полза извлече од патувањата? Една госпоѓа се вратила дома после читање акатист на Пресвета Богородица и страшно се искарала со мажот. И синот вели:

„Гледај, таа дојде од читање акатист и веднаш се кара. А уште порано отиде на фризер и си ја бојадиса косата. Што добила таа од Црквата, што научила, како се променила?“

Другите потоа не се менуваат, бидејќи гледаат дека ние не се менуваме. А ние сме добри само на зборови. И јас сум таков. Тоа ми го кажа татко ми пред два месеца. Бидејќи ги одбивав неговите повици, зашто бев многу зафатен и имав многу обврски. Тој ми рече:

„Чекај, чекај, не ја спуштај слушалката, ќе бидам краток. Зошто со сите останати си толку добар и љубезен, а со мене си толку суров?“

Слушалката просто ми висеше во раката. Одговорив:

„Имаш право, прости ми“.

Ајде да ви ја кажам и причината за тоа. Кога бев мал, тој не разговараше со мене, а сега, кога отиде во пензија и во потполност капитулираше, доби желба постојано да зборува. Поради тоа јас малку се налутив и му реков дека тој цел живот не обрнуваше внимание на мене, а сега на 72 години „сакаш ние да разговараме по телефон“.

Сепак, тој е во право дека јас на луѓето им говорам едно, а нему друго… Разбирате? Вистинскиот духовен успех не е претстава за публика, туку покажувањето на своето вистинско лице. Стани онаков, каков што треба да бидеш, па тогаш и другите ќе го разберат тоа, дури и без зборови. Тој ќе се зближи со тебе и ќе те засака.

Жената му говори на мажот дека го љуби и дека не постои друг за неа, но тоа е неубедливо. Кога тоа навистина е така, нема никаква потреба за тоа да се говори – од тебе се распростираат бранови на вистина, топлина и љубов кон другиот човек.

Пишува: Архимандрит Андреј Конанос

/АМВОН.МК Превод: Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија (Православна светлина бр. 42)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *