Патот на смирението е Вознесение. Патот на гордоста е превознесување

Date:

Share post:

Што во пракса би значело – почеток на нашето лично вознесение во Црквата? Познато е дека првичната цел на нашиот православен духовен живот е да преминеме од противприроден начин на живот – растројство или невроза, во природен – очистување на срцето од страстите, а токму тоа е почетокот и на нашето лично вознесување во Христос. Со други зборови, штом го ставиме нашиот ум, преку послушание, во процес на исцеление од страста на високоумието – со цел да достигнеме негово просветлување и сеопшто лично обожение, истовремено почнува и нашето вознесение.

Без овој премин од противприроден во природен начин на живот, не е возможно ниту нашето свесно учество во Малиот вход на Светата Литургија на Црквата – како вознесение пред престолот Божји, ниту личното вознесение кон обожение, ниту православно славење и сведоштво на Вознесениот. Главна карактеристика на почетокот на нашето лично вознесение е восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓаме. Тоа, исто така, значи и восогласување на начинот на нашиот живот со местото и улогата што ги имаме во Црквата и општеството.

Проблемот е што, најчесто современите, т.н. православни христијани не го следат патот предаден од Светите отци и денес, кај многумина од нив, наместо знаците на вознесението, ние ги гледаме знаците на превознесувањето, на прелеста. Тоа го гледаме и кај оние што имаат некакви позиции во Црквата и кај оние што немаат. Карактеристично за сите нив е душевното самораководство – тие го немаат дарот на умно-срдечната молитва, а истовремено немаат ни свој духовен отец – кај кого редовно се исповедаат.

Постојат две главни искривувања, односно прелести, при подвигот на послушанието кон духовниот отец. Едното искривување е едно полумагиско послушание во она што нам ни одговара, а другото е душевно и идолопоклоничко поврзување со духовниот отец – во комбинација со неговото незнаење духовното чедо да го раководи правилно.

Јасно е дека духовниот отец не треба да го насочува духовното чедо кон себе, туку кон Богочовекот Христос, преку љубов и послушание кон Епископот на локалната Црква. Првиот случај е најчест и се гледа во општата млакост и по падни-стани живеењето на современите христијани, а другиот начин се препознава во секташкото однесување. Членовите што душевно се приврзуваат кон духовниот отец, а не само кон неговото слово – како што е правилно, го превидуваат Епископот како центар на единството на Црквата, го величаат својот „духовник“ како безгрешен, ги омаловажуваат другите духовни отци и нивните духовни чеда, и накратко: ги пројавуваат сите карактеристики на псевдоелитизам, затвореност и исклучивост за другите – коишто не се согласуваат со нивниот начин на однос со „духовникот“ и неговата „вера“, или со неговото политичко и национално поистоветување – што е трагично.

Време е да одлучиме: ќе се вознесуваме, преку правилно послушание, во Богочовекот Христос, или ќе се превознесуваме, од прелест во прелест, во друштво со демонот?

Патот на смирението е Вознесение. Патот на гордоста е превознесување: „Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот“; и непоправлив пад.“,

Пишува: Наум Струмички

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img