Патот до пропаста е поплочен со лажните пророци на патриотизмот

Date:

Share post:

Нема нема, па ќе се затресе гората… По долги месечни тишини, ќе се разбрануваат страстите.  Така некако, како по правило, во моментите кога најмалку е потребно, некој од негде ќе ги активира своите црковнобранители.

Методот е класичен, јасен и одамна познат. Ударот е на структурата, пораката е она што демек народ сака да слишне, а гласноста е аргументација. Е сега, новина заради тежината на околностите, е патриотизмот. Психофилозофски ако погледнете, тоа би била некаква македонска народна религија.
Да … звучи шашаво, ама очигледно кај некого функционира.

Но, за да Ви објаснам кон што води се ова, ќе Ви рскажам една приказна, многумина од повозрасните ја знаат, но веројатно многумина од нив или ја заборавиле, или  можеби не ја разбрале.

Таа приказна е нешто слична на современите контексти на денешните црковнобранители.
Се случува некаде во централно-јужниот дел на државата. Се почнува кога едно многу амбициозно момче станува дел од админстративниот систем на Црквата. Учено, горделиво, полно со елан и амбиција, на моменти и склоно да ја глорифицира својата биографија, станува епархиско библиотекарче. Тоа му доаѓа како добра шанса за неговиот подоцнежен раст. Учи, чита детето, анализира, во Библиотека работи, се му е на дофат. И почнува да станува гласен, да биде видлив, да го има во јавноста. И што избира за својата општествена експонираност?  Го избира она што во тоа време е најцелоисходен производ. Одбира да биде месија на патриотизмот.

И приказната почнува, постепено се шири, црквата се заменува со националниот жиг на македонштината… Во тој занес одбира и политички канал за активизација, станува редовен декор на сите партиски митинизи на политичката опозиција, ги бодри и билда со духот на непокорот, мантијата му е одежда на авторитетот, ем на стравопочитта. Патриотизмот почнува да се мери од него и по него. Во еден момент на општествен занес и будење на онаа македонска народна религија ветува станови за секое семејство со три и повеќе деца. И доаѓа до тронот, оној епископскиот де… најважниот… народот му аплаудира, не се родило таково патриотче… на Црквата нова крв… попови и валадици веќе го гледаат со Белата Пана за некоја година. Совршенство на македонската народна религија.

И се тоа трае до крајната цел. Еден ден јавноста се буди со изјавата на еден владика од соседството: „па, ние баравме 40 години човек како него“.

20 години подоцна повторно слична приказна. 20 години подоцна повторно се случуваат истите грешки, а владиците на МПЦ повторно се слепи.

За народ и Црква кои не само што не знаат да учат на туѓите, туку ниту на своите грешки и 20 години беа многу за да им се повтори истата приказна.

Но, што сега се случува? Која е целта, зошто и како се повторува историјата?

Изминативе неколку месеци низ црковната јавност, особено во светот на социјалните медиуми, понекогаш и низ смислени медиумски анализи, јавноста се подготвува на отпор при евентуално решавање на македонското црковно прашање. Креаторите се дел од целокупната црковна пропаганда што повеќе од две три години се води против Вселенската патријаршија, но поради специфичноста на македонското црковно прашање, за разлика од Украинското, овде треба да се дејствува на поделба на самото македонско православно ткиво.
Во Украина беше многу полесно, бидејќи црковните структури таму веќе беа поделени на руски и украински. Бидејќи во Македонија не е возможно да се создаде раскол по линија на просрпски и промакедонски верници, се оди на поделба на македонските православни верници. Единствен модел за реализација е ако создадете приказна за одмакедончување на македонската црква. И бидејќи овде нема многу простор за маневар, затоа што никој нормален нема да поверува во такви приказни, особено што во Синодот на МПЦ-ОА има тврди македонистички владици и се уште постари генерации, кои со децении опстанале на идејата за автокефална црква, мора да се смисли аргумент со тежина.

Кој е тој аргумент? Што е тоа што треба да го зголеми отпорот против евентуално решение за црковниот проблем на МПЦ-ОА?

Две тези се аргумент за заблудата. Едната е името на црквата Македонска Православна Црква, а втората е толку ступидна што и на студент од прва година по теологија би му била смешна.

МПЦ нема што да бара признавање, таа си е сама по себе автокефална.

Но, кога овие две работи ќе ги ставиш на маса, народ лесно ги прифаќа. Да. Така е. Што има ние да бараме признавање, името на црквата ќе ни го земат, тоа е проблемот.

Така би размислувал просечен лаик, но ако си епископ во Црквата и сериозно така мислиш, тогаш не знам како некој станал епископ. Другата варијанта, е дека тоа го правиш затоа што точно знаеш што правиш. Го правиш она што други ти рекле да го правиш, а кога други ќе ти кажат што треба да правиш, тогаш тоа се вика национално велепредавство.

Во целото ова сценарио има уште една заблуда, ама таа повеќе е веројатно заблуда за учесниците во најсериозниот заговор против Македонската црква и нејзината веќе вековна борба за автокефалност. Тезата е дека ако МПЦ-ОА го добие Томосот од Вселенската Патријаршија, тогаш Руската црква ќе издала Томос за автокефалност на МПЦ-ОА под името Македонска црква. Таа теза е толку провидна, што просто е невредна за анализа. За да се види колку е тоа заблудувачки очајно, еве еден пример. Не мора Руската црква да извада Томос за македонска црква, дури не мора ниту да ја признава МПЦ-ОА како автокефална. Ништо не треба да прави. Само една обична работа. Нека се качи на авион од Москва Кирил, Патријархот и нека слета во Скопје. Од таму нека дојде во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и заедно со Архиепископот Стефан нека отслужат заедничка литургија, нека се причестат заедно и од Скопје нека заминат во Белград на Врачар нека отслужат заедничка литургија сите тројца. Рускиот Патријарх Кирил, Српскиот Патријарх Порфириј и Македонскиот архиепископ Стефан, нека се причестат сите заедно и од таму во Патријаршијата нека го потпишат писмото со кое ќе го известат Вселенскиот патријарх Вартоломеј дека проблем нема и дека очекуваат тој да го потпише Томосот за автокефалност на оваа црква согласно сите канони како тоа го налагаат, бидејќи Српската црква ја признава новата реалност, Македонската црква ја прифаќа грешката и се кае за децениското неединство, а Руската црква е гарант на договорот за нова ера во односите на православните цркви.
Просто ко „пасуљ“. Но, тоа е само филм од научна фантастика. Реалноста е сосема поинаква, а во нејзе се испреплетени интереси, политичко-национални, геостратешки, секакви интереси освен црковни и христијански. За жал, тоа е таа судбина на Православната црква денес, а МПЦ-ОА за жал е дел од нејзе и ќе мора да продолжи да го докажува својот исправен пат, бидејќи е и христијански и човечки исправен пат. Тој пат е трнлив, тежок, но е исправен. Исправен како што бил и за останатите цркви.

Но, да почнеме со ред.

Минатата година се навршија точно 80 години како Српската Православна Црква нема формална јуриздикција врз територијата на Македонија. Да, последната црковна власт ја има негде до април 1941 година, кога скопскиот митрополит Јосиф бега од Македонија и нормално ги остава овде поповите и верниците на милост и немилост. Тоа е логично за еден српски владика, кој нема никакви емоции кон овој народ. Да се спаси себисе. Ако беше владика од македонски род, ќе останеше овде со судбината на македонскиот народ и останатите православни верници.

Следните три години црковната власт ја има Бугарската црква, тогаш се уште непризната од Вселенската Патријаршија. Како што си одат Бугарите од овде 1944 година, си оди и бугарската црковна власт.

Знаејќи ја важноста за иднината и за потребата од единство, востаничките чети во тој период меѓу првите одлуки кои ги носат, уште во 1943 година во Издеглавје, е создавање Македонска црква со владици по род од Македонија. Да, пред и воопшто да се зборува за создавање држава. Документот за црковна самостојност е постар од документите за државноста од АСНОМ.

Така и се случува. Од 1945 до 1958 година приказната за македонски владици и македонска црква успева. Српскиот патријарх прифаќа да назначи прво викарен свој епископ од Македонија. Доситеј како Епископ Топлички е хиротонисан во јули 1951 година. Веќе во декември истата година се враќа во Македонија, со благослов на Патријархот Викентиј. Тој практично е и прв македонски владика по Балканските војни. Паралено во Македонија иницијативниот одбор работи на идејата за создавање своја црква, а во коориднација со Доситеј се доаѓа до согласност и од СПЦ да се постигне целта, Митрополит во Скопје да биде Македонец. Иако СПЦ во 1958 година носи, па ја менува одлуката за согласност, во октомври на црковно-народниот Собор во Света Софија е донесена одлуката за возобновување на Охридската Архиепископија. Доситеј е избран за прв Архиепископ со титула „Архиепископ Охридски и Скопски и прв Митрополит Македонски“. 1959 година тоа и СПЦ го признава, а одлуката за самостојност на МПЦ е потврдена од страна на СПЦ преку отслужувањето на заедничка архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата на Свети Мина во Скопје, и истовремено е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа, Светиот Архиерејски Синод на СПЦ и дал самостојност на Македонската Православна Црква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот Патријарх. По неколку дена во црквата „Свети Никола“ во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ доаѓа Патријархот Московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската Православна црква. На празникот на Свети Кирил и Методиј во црквата „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид е одржана и архиерејска Литургија, на која служел патријархот Московски Алексиј, во сослужение со патријархот Српски Герман и Архиепископот Охридски и Митрополит Македонски Доситеј.

Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат, се до 1967 година кога се случува автокефалноста, но како и зошто во друга прилика.

Од 1967 година, сите српски патријарси во титулата имаат и назив Егзарх Скопски, со цел да го зачуваат административното владеење со Македонија, но не и формалното. Се до 2002 година, кога онаа несреќа од Повардарски митрополит не го направи најсериознит раскол на црковното ткиво на МПЦ-ОА. Но, за несреќа на СПЦ и до ден денес тие само административно ја имаат јуризидикцијата во Македонија, но не и формално, бидејќи МПЦ-ОА е црковната структура што обединува 99 отсто од православните верници во Македонија.

Зошто е ова важно да се знае?

Заради фактот што црковните канони велат дека ако некоја црковна власт нема формална власт врз териториите подолго време, а во случаот 80 години, тогаш тоа не е веќе внатрешно црковно прашање, туку сериозно сеправославно прашање, за чие решавање надлежен во Православната црква е Вселенскиот Патријарх.

Има многу такви примери во историјата, меѓу кои е и денешната територија на Македонија од 1897 до 1922 година, кога иако јуриздикциски оваа територија е на Цариград, владиците кои се поставуваат овде се по род од Србија, особено по Втората Балканска Војна. Прв меѓу нив е Фермилијан Дражиќ, формално владика на Вселенската патријарпшија, но по барање на Српската црква назначен. Тука е важно да се знае дека во тој период Вселенската патријашија практично нема контрола врз овие епархии, бидејќи најголем дел од населението црквува во црквите на Егзархијата, тогаш канонски непризната од Вселенската патријаршија. Меѓу другото една од причините зошто Вселенската Патријаршиај овие епархии и ги остапува на новоформираната Православана црква на Краслството СХС е токму причината поради смената на политичките граници на државите и новата политичка реалност, за непречено управување на црковниот живот.

Или да прецизираме.

80 години откако СПЦ нема формална црковна власт во Македонија, а одбива да ја признае новата црковна власт и реалност и со тоа на најбезболен начин да му овозможи на Вселенскиот патријарх да потпише Томос за автокефалност, решението логично е да се бара пред Вселенската патријаршија.

Втората ступидна теза која упорно се форсира, а има за цел само да билда некаков патриотизам е именувањето на црквата овде во Македонија.

Со години се лаже народот дека МПЦ не може да добие автокефалност затоа што се вика Македонска Православна Црква. Тоа е најпогрешната и најнеточната теза.

Главниот проблем не е името на црквата, а за тоа сведочи и фактот што уште во 2007 година МПЦ го смени своето име за да овозможи двојно именување во МПЦ-ОА, но тоа не го реши проблемот. Впрочем името МПЦ се користи од 1967 година, претходно е Православна црква во Народна Република Македонија.

Но, како и да е. Не името, ами статусот на МПЦ-ОА е главниот проблем за нејзиното непризнавање од ниту една православна црква.

Зошто? Затоа што за сите православни цркви ова е внатрешно прашање на СПЦ и ниедна црква не сака, а нема ниту канонско право, да се меша во внатрешните состојби на друга црква.

Но, зошто СПЦ не ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА?

Затоа што СПЦ никогаш нема да се откаже од великосрпските сонови дека оваа територија е српска. Многу просто, да беше поинаку, одамна проблемот ќе беше решен. СПЦ се ќе овозможи, не само широка автономија, и најширока автономија, и име на црква, се што може да Ви падне на памет, само не и автокефалност. Затоа што автокефалност, значи црква со свое Кефало. Со свој ум, со своја глава. Кинењето на духовната папочна врска со Македонија, за СПЦ е нејзин траен пораз. Друг проблем е што покрај СПЦ има уште една црква со слични националистичи идеи. Тоа е Руската патријаршија. И за оние кои не знаат, блискоста на Москва со Белград не е од вчера. СПЦ беше онаа црква која им пружи на руските владици и Патријархот прибежиште по Болшевичката револуција. Рускиот патријарх со години во Белград беше патријарх на пребегнатите руски православци.

За да ја поедноставиме ситуацијата. Автокефалност значи своја црква со своја јуриздикција. Значи во литургуите прво спомнување на Вселенскиот патријарх, па останатите од црковниот диптих. Свое управување со црквата. И ред други состојби, но тоа е суштината. Автономијата на СПЦ значи прво спомнување на српскиот патријарх, па потоа на останатите. Тука нема свое управување, затоа што кефалото ти е во Белград. Ама кој да мисли.

Третата и најступидната теза е дека нема што МПЦ-ОА, да бара признавање. Тоа е толку глупава што просто нема зборови да се опише. Едно е да опстојуваш на своите ставови и да бараш решение, па макар и со децении, да чекаш нови времиња, ама сосема друго е да веруваш дека нема потреба од решение. Таа теза е толку ступидна што за да се објасни мора да се искористи исто така ступиден пример. Тоа е исто како утре јас да направам своја црква и да не барам никој да ме признае. Како лаик кој ја заговара и не е вредна за анализа, ама ако доаѓа од лица од Црквата, тогаш сериозно мора да се спречи, затоа што тоа е веќе поминување на линијата што води во ерес.

Ако до овде работите се јасни, останува клучното прашање. Зошто е важен процесот пред Вселенската патријаршија?

Затоа што МПЦ-ОА со години се обидуваше своето црковно прашање да го издигне на меѓународен простор, надвор од пашалукот на СПЦ. И конечно успеа да отвори мал, но можеби значаен прозорец. Иако се уште се е далеку од решение. Има надеж, но нема гаранции дека ќе се дојде до целта. Тука, во тоа издигање на ова црковно прашање на меѓуправославен проблем, за волја на вистината добра улога одигра Бугарската црква, која иако не направи ништо со барањето од МПЦ за признавање, сепак се вмеша и за прв пат директно во овој спор пројави интерес, иако формално сепак формира некаква комисија,  што беше доволен аларм за Вселенската патријаршија да рече – стоп. Тоа е наш проблем.

Тој процес кој има желба да го води Вселенсата патријаршија може да трае со години и во него ништо однапред не се знае. Засега само две работи се јасни. Но, пред се најважно е Вселенската патријаршија да почне да сослужува со МПЦ-ОА, за да падне митот дека македонскиот раскол е догматски. Не не е догматски, ами административен.

Првата јасна работа е она што МПЦ го бара, а тоа е признавање на Автокефалност и тоа е црвената линија. Втората работа што е јасна е издавањето на Томосот, кој треба да биде како и за сите други цркви кои стекнале своја автокефалност. Тој Томос треба да значи територијална јуриздикција на политичкиот регион државата Македонија. Бидејќи во една држава православните не се само од една националност, и бидејќи Христос не признава нации, именувањето на црквите во тие Томоси се по името на државите. Не постои Томос од Вселенската патријаршија издаден на име на национална црква. Националните имиња како српска, бугарска, грчка, македонска си ги користат самите цркви. ГПЦ не е ГПЦ, тука е Атинска Архиепископија. БПЦ не е Бугарска, туку Трновска Патријаршија и на Бугарија. Ниту руската не е Руска, туку е Московска патријаршија и на Цела Русија. Нашата опција е или Црква на Северна Македонија, што голем дел од јавноста и владиците не би го прифатиле или името Охридска Архиепископија. За тоа што за Македонија и за МПЦ-ОА би значело Вселенскиот патријарх да потпише Томос за автокефалност на Охридската Архиепископија е непотребно да се објаснува. Доволно е да се каже дека националистите од соседството со такво нешто на апарати ќе завршат.

И уште едно разобличување на заблудите.

Читам во некои нарачани текстови од оние несреќници во и околу МПЦ-ОА, со Томос од Вселенската Патријаршија, МПЦ ќе престанела да постои и нова црква ќе имало. Па знаат ли дека СПЦ е црква од 1922 година? Дека БПЦ е црква од 1945 година, или 1953 како Патријаршија? А тоа се годините кога се издадени томосите. Па, и спори ли некој на СПЦ да го врзува својот континуитет се до Свети Сава. И спори ли на БПЦ некој да го врзува својот континуитет од Егзархијата, па се до црквата во Плиска? Не.

Кој на МПЦ-ОА може да и го спори врзувањето на континуитетот со Охридската Архиепископија, ако самата се нарекува Охридска Архиепископија.

Изборот е едноставен.

Да се бориш за својата вистина и правиш компромиси со она со што можеш за да стасаш до целта, или да седиш пред кооперација и со вегета и посебна салама и литро брља да си ги помодрш градите колку голем патриот си.

Првото ќе те однесе во историјата, а второто во пропаста.

Е да. Првиот пат е трнлив, ама вториот е поплочен со патриотизам.

А што е патриотизам?

Пишува: Марјан Николовски

8 COMMENTS

  1. Заедничко сослужување на архиепископот на МПЦ со патријархот на СПЦ без претходно лечење на расколот преку враќање на шизматиците во лоното на помесната автокефална црква од која отпаднале, според каноните е невозможно! Дури после ова може да се разговара за автокефалија од најпроста причина што на наше инсистирање патријархот ќе може да не предложи за нова автокефалија која се создава од дел од веќе постоечка помесна автокефалија (во случајов тоа е СПЦ) пред Цариград, кој само ја изразува соборната волја на Црквата! МПЦ не може да добие канонска автокефалија со просто премостување на веќе постоечката автокефалија на СПЦ од која сака да се одвои! Токму затоа, верниците на МПЦ се исправени пред избор. Или ќе одат во тотална изолација, одбивајќи го и Белград и Цариград, или ќе се надеваат на неканонски томос за автокефалија од Фанар продлабочувајќи го сеправославниот раскол преку создавање на фанарокатолицизам . Третата опција е помирување со српскиот патријарх според каноните после што сите опции за нас се отворени, во смисла на останување во автономија или барање на автокефалија по канонски пат.

    • Со исто такво ‘премостување на автокефалија’ Св. Сава своевремено ја втемели Пеќската Архиепископија. Што ќе рече дека толкувањата на каноните на кои се потпирате не се занимаваат со лечење на некакви рани. Напротив: има таму многу поезија заради многу суета.

      • Охридската архиепископија никогаш не била автокефална. Во времето на Св. Сава била под јурисдикција на Цариград. Оттука св.Сава се обратил на точната адреса за неговата автокефалија, нешто што МПЦ денес не го прави бидејќи истата треба да оди преку помесната црква од која што сака административно да се одвои. Ова и најсветовен лаик би го разбрал.

  2. Многу е неумесен тој тренд да му се спротиставува патриотизмот на Православието, особено во условите во кои денес опстојува македонскиот народ – нешто што освен во МПЦ го немам забележано никаде во Православието. Изгледа некој се подготвува за компромиси заради стекнување некаков томос, па се сака благовремено да се омаловажи евентуалниот отпор на народот. Обично пастирите на Црквата се обидуваат да ги канализираат љубовта кон Татковината и љубовта кон Бога во една синергија која всушност и нема антагонизми во себе. Прашање е дали Христос своевремено би си го оставил стадото за да стекне признание од првосвештениците на Старозаветната Црква на пример. Што Му било поважно: љубовта и верата на народот во Него или да ја стекне наклоноста на првосвештениците? Имал ли народот друга можност, друга заштита освен Него? Направил ли Тој Самиот каков било компромис за првосвештениците да го прифатат како еден од нив? Та тие првосвештеници (за разлика од народот) цел живот фактички и професионално се занимавале со богословие, но не сакале да ја прифатат Вистината, ни најочигледната Вистина. И што би се случило со Домостројот на спасението кога Христос би одлучил да го остави народот кој во се’ поголем број врвел по Него за да ги придобие првосвештениците?! Секој од Епископите на Македонската Православна Црква благодатно стои на место Христово во својата епархија (дури и на местото на Небесниот Отец). И секој од нив должен е да се споредува во сите свои постапки со Самиот Христос (не како величина, туку како образец). Христос ја сфатил Својата самотија во овој свет.

    • Не можете да го поистоветувате патриотизмот со Православието (Црквата) бидејќи истото по дефиниција не може да биде национално за да се исполни Христовата заповед на крштавање на сите народи во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Ако црквите се национални, тогаш луѓе од друга народност не ќе можат да и пријдат на црквата за да се крштеваат од страв да не бидат асимилирани национално. Самотијата за која говорите е изолација на црквата што во целост се коси со православната тријадологија и христологија од кои произлегува самата Црква. Раскинувањето на канонските врски со останатите епископи надвор од помесната црква во име на одбрана на патриотизмот всушност ве води преку некакво староверство директно во ерес (етнофилетизам кој завршува во форма на аријанство бидејќи ја нагласува човечката природа Христова над божествената!)

      • Синергија и поистоветување се две различни работи. Инаку, денес Црквата никаде во светот нема проблем со Крштевање на луѓе од разни националности; елементарните вистини на кои сакате да им ја хиперболизирате важноста за овој конкретен случај, се одамна апсолвирани во христијанството. Има една голема разлика меѓу моето и Вашето поаѓалиште: мојот репер е опитот (особено, и тоа претежно личниот!), Вашиот како што добро се чувствува е – теоријата (‘теологија на повторувањето’, како што ја нарекува Св. Григориј Палама). Никаде погоре не ја нагласив човечката природа на Христос – напротив. Не е човечки да го покриваш благодатно “обичниот народ”, Божествено е (макар што не би говорела за такво нешто, туку за мистичниот факт дека ‘обичен човек’ не ни постои!). Инаку, не сметам дека до раскинување на врските со епископите на СПЦ дошло во име на некаков патриотизам, туку заради разликите во сведочењето на Христос во тој дијалог. Колебливоста, богословската непоткованост, недоследноста од пристрасност, па и нечесноста на епископите на СПЦ во тој дијалог (не го велам заради увидот во документите и преписката од тој дијалог, туку заради фактот на нивното трагикомично презентирање на нивните позиции, особено во токму нивните медиуми околу овој спор)…, тоа се квалификации кои ја губат смислата на обновување на какви било мостови. Јас им се восхитувам на епископите на МПЦ на волјата да предложат обновување на некаков дијалог со истите соговорници на истата тема. Верувам дека знаете како изгледа препознавањето на благодатно богатиот во средба одблизу или на далечина: сакате да зборувате со него, настојувате да се зближите, се смирувате пред него без размислување, има магнетна љубов по која трчате. Но ако Вашиот можен соговорник се покаже гол и бос, па и уште ако самобендисано негодува, ако земе во рацете макијавелистички методи и се срамни со земја не само себеси, туку преку себеси и Христос Кого божем “главом и брадом” го сведочи, тогаш неопходната желба за разговор на крајот не може ни да постои. Вам таквите “епископи” на благодатно-мистичен план не можат да ви понудат ништо занимливо, ништо битно. Не за џабе нагласив погоре: Оној Кој има да дава и дава – не преку каноните и заради каноните (иако и тие во споров се на страната на Македонската Православна Црква), туку како Бесмртен Бог Кого ништо и никој никогаш не може да Го ограничи и Кој е верен во сите Свои ветувања – Тој е интересниот, Тој е вдахновение и утеха за сите што Го бараат, Тој ги посрамува “мудрите” во нивната смешна пресметка (на крајот тие пресметки не не’ ни интересираат) Тој е Првиот и Последниот со Кого може и треба постојано да се споредува секој епископ, се’ друго е второстепено, и многу помалку битно. Да, од благодатно-мистичен аспект помесната Црква може и треба да живее во рамките на нацијата, заради непобитниот факт на перихорезата преку која во една нација се содржани сите живи, па дури и некои исчезнати нации. Тоа не значи дека ќе одбива да ги прима дојденците, зашто Црквата по дефиниција ги следи и настојува да ги исполнува Христовите заповеди. Но помесната Црква е самодоволна и самовласна во поглед на Нејзиниот духовен темел па и на Нејзините дострели, и должна е да го чува Својот духовен капацитет од сите аспекти. Не е должна да остварува врски со друга помесна Црква ако последната пројавува дејства што ги загрозуваат самобитноста и духовниот идентитет на првата. Напротив, должна е будно да ја јакне својата одбрана првенствено на духовен, но и на историски и на материјален план, се’ додека не дојде до благодатна преобразба кај непријателски настроената ерархија на другата помесна Црква во однос на Неа. Ако некој мисли дека под мамка на добрата глетка на Православието може и треба да подвластува други помесни Цркви и ако тоа го нарекува исцелување на рани од расколи, сам себеси се лаже, и точно е: таквиот не е во изолација од луѓе, во сосем друга изолација е. Кога зборував за самотија (немал Синот Човечки каде глава да потслони, па и сега нема многу каде), не ја сметав за негативна категорија: напротив. Самотијата е Божествена категорија. Да можеш да љубиш во самотија, да немаш потреба да излезеш од неа, знаете дека е еден од повисоките квалитети на подвижниците. Но оној кој го нема тој благодатен дар ја смета за тежок и злосреќен подвиг. Можеби аскетските книги не велат така, зашто претежно ја опишуваат борбата со помислите, аскетската димензија на животот во осаменост. Светите Отци не ја опишуваат убавината на самотијата како балгодатен дар, зашто за даровите многу и не се зборува. Тие што ги имаат ги знаат.

        • Најнапред ви благодарам најискрено што ме удостоивте со исцрпен одговор, но морам веднаш да ви кажам на кратко дека вашиот одговор само го потврдува она што ви го изнесов претходно. Со вашето мудрување вие го раскинувате богочовечкото единство во Црквата! САМОТИЈАТА НЕ Е БОЖЕСТВЕНА КАТЕГОРИЈА ТУКУ ЗАЕДНИЦАТА. Ако самотијата беше божествена категорија тогаш Бог не ќе беше света Троица, а Синот не ќе благоизволеше да стане човек. Како може како православен верник да изнесете вакви мислења? Ова не ми личи на ортодоксија. Со каков мистицизам се бавите, индиски? Вашето учење сериозно тежнее кон ерес, а патем тоа го претставувате како паламизам претпоставувам? Црковниот аскетизам и живот не се заснива на “ритуалната чистота” и “православното” пуританство и ароганција, туку на богочовечкото единство според првосвештеничката Христова молитва кон Бога Отца- Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото…..освети ги со Својата вистина…..за да бидат сите ЕДНО, како што си Ти, Оче во Мене, и Јас во Тебе; па така и ТИЕ да бидат во Нас ЕДНО, и да поверува светот дека Ти се Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат ЕДНО, како што сме Ние. Јн. 17:15….22… И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и НАЈНАПРЕД ПОМИРИ СЕ СО БРАТА СИ, А ПОТОА ДОЈДИ И ПРИНЕСИ ГО ДАРОТ Мт. 5: 23,24. Ова е воедно и клучот на православната побожност и нелицемерната љубов и смирение.

  3. Има нешто што се вика ‘олтар на срцето’, таму служел Христос. (Како да бил Индиец?) Лебот го прекршил за оние на кои им бил потребен и надворешен олтар. А надворешните подвизи можеби и епископите на МПЦ ги интересираат, исто како Вас. Мене лично ми се здодевни, плодовите што се трудите да ги предочите и на кои им придавате нереална вредност се за жал повеќе од сомнителни. И Вашата индикативна навика мошне често и лефтерно да ги квалификувате сите непознаници со кои се соочувате во говорот на другиот како ‘ерес’ е само една од карактеристиките на бесплодната ‘теологија на повторувањето’. Св. Григориј Палама кого очигледно го почитувате не правел така. Имал добро развиено ‘молчание на умот’ и сходно на тоа автентично созерцание. Иако имам голема почит кон него како кон значаен учител во мојот личен развој, не сметам дека Православието почнува и завршува со него или дека даровите на Светиите и плодовите од созерцанието на секого од нив се истоветни. Ниту дека “индиската духовност” грубо да се изразам (тоа е се разбира широк и комплексен поим) е за осуда. На што мислевте: на Православна Индија, на индуистите, на браманите, на будистите или на некоја друга ставка во вашата табела? Судењето е за луѓе со недостаток на личен опит. За оние што немаат учество во Животот Божји. За оние коишто сета догматика ја црпат од почитуваниот Зизјулас и неколкумина слични автори, но на кои Бог не им се открил лично. Тоа е сепак едно папагалско богословие. Неопходно на првиот степен од духовен раст, ама не е обичај човек да се експонира со него, зашто фактички на тој прв степен обично и нема свое, автентично сведоштво. Се причестува, пости , се моли, се воздржува и ги практикува сите подвизи за кои знае трудејќи се да ги исполни заповедите, но тоа не се нарекува учество во Животот Божји. Очистителната и пророчката (творечката) благодат не се исти.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here