Почетна Коментар Пастирски пристап или поистоветување?
Пастирски пристап или поистоветување?

Пастирски пристап или поистоветување?

210
2

„И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата; беа толку лоши што не смееше никој да мине по тој пат. И ете, извикаа и рекоа: ’Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји? Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?‘ А далеку од нив пасеше голем број свињи. И бесовите Го молеа и говореа: ’Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињине!‘ И Он им рече: ’Отидете!‘ И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.“ (Матеј 8, 28–32).

Кога симболиката на оваа беседа би ја преточиле во толкување на политичката сцена на нашата земја во последниве 25 години – а се работи за верен опис, тоа би било многу тврда храна за мнозина што би читале. Затоа, ќе се воздржиме од таков остар зафат и ќе приложиме на педагошката трпеза мека храна, погодна за болните и немоќните духовно – за да можат да се исцелат и да зајакнат. Секако, тие ќе бидат нахранети со вистинска храна-лек, а лекот, сепак, малку горчи.

Се сеќавате што ви објаснував пред две-три недели: „Најлошо е кога мислиме дека на Бог Му служиме, а во суштина му служиме на демонот. Тоа се нарекува прелест. Тоа се случува затоа што начинот на нашиот живот не е восогласен со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме. Оттука произлегува и нашето острастено поистоветување (за разлика од пастирскиот пристап) со овосветските шеми на организирање надвор од Црквата: државата, нацијата и партијата.

Нашиот пастирски пристап кон државата, нацијата и партијата – нив ги преобразува и зајакнува, додека пак, нас нѐ осветува, а поистоветувањето со нив – нас нѐ заслепува, а нив ги уништува. Кој ќе ни биде крив после?!“

Што е пастирски пристап, а што поистоветување, еве, на пример, кога е во прашање партијата? Накратко: пастирски пристап е кога црковните, духовните, Богочовечките вредности ги пренесуваме во партијата, а поистоветување е спротивно од претходното – кога партиските вредности (вредностите на лидерот на партијата) безрасудно и безрезервно ги прифаќаме како свои. Истото важи и за државата и за нацијата.

Прашањето што се поставува сега е многу едноставно. Што ќе ни е Богочовекот Христос и целиот Божји Домострој на нашето спасение во Светиот Дух Господ, ако некоја партија или партиски лидер нам треба да ни ги одредува вредностите и критериумите според кои ќе мислиме и ќе живееме? Нели е малку малоумно да се поистоветуваме со овосветските вредности, кои на крајот, сепак, се сведуваат на задоволување на гревовните страсти за човечка слава и власт, за пари и имот, за телесни наслади, а истовремено да се нарекуваме христијани?

Јасно ни е на сите дека двете работи не одат заедно. Затоа, бидејќи отсега па натаму, вие што ќе прочитате, ќе знаете што е правилно, а што не е, отворено ви кажувам дека ако продолжите да се поистоветувате со овосветските шеми на организирање надвор од Црквата, не можете и да се причестувате со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови.

За да можеме да имаме пастирски пристап кон луѓето, треба и самите да се наоѓаме на степен на просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва или барем да сме во подвиг на очистување на срцето од страстите преку послушание – најдобро кај вистински духовен отец, кој, меѓу другото, го препознаваме и по тоа што нема самиот да ни кажува за која партија да гласаме.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(2)

  1. Значи, денес ќе Ве замолам само едно: да го отворите црковнословенскиот Минеј во издание на Московската Патријаршија, од кој секојденвно се пее во безмалку секој храм на Македонската Православна Црква и да погледнете што се прославува денешниов ден внатре (бидејќи новите месецеслови со превод на македонски јазик се’ уште не пристигнале секаде, а и свештениците и црковните пеачи од некоја причина се поприврзани кон црковнословенското богослужбено четиво). Како ќе ја објасните богослужбата во чест на победата на Петар Први во Полтавската битка (1709 г.) над шведската војска? На оној Петар Први кој им ги избричи главите на благоверните руски кнезови, кој стана против силното влијание на Руската Православна Црква во руското општество, изврши бројни реформи во државата спротивни на учењето на Црквата и на традицоналниот православен начин наживот?

    Патем, со задоволство ги отпеавме на денешната Утрена хвалитните стихири од тој богослужбен текст, радувајќи се на премудрото духовно знаење на нивниот духовен писател.

  2. Почитуван Андреа,
    кој Ве терал да ја пеете благодарствената служба за победата на Полтавската битка… Си има во минеите за 27. јуни служба на свети Сампсон Странопримец. До душа таа служба е мала и сте можеле да ја комбинирате со Осмогласникот.
    Патем, не правете го цар Петар Велики антихрист, само затоа што ја секулизирал државата, а уште помалку надевајте се дека во сите храмови на МПЦ се служи секојдневно, дека се служат утрени и вечерни или пак дека владиката Наум оди и пее на богослужби.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *