Почетна Коментар Партениј: Нема потреба да стравуваме од заедничко сослужување
Партениј: Нема потреба да стравуваме од заедничко сослужување

Партениј: Нема потреба да стравуваме од заедничко сослужување

628
0

Архимандрит Партениј на пречекот на бугарските владици во Бигорски

Длабокоуважен Претседател на Република Бугарија, г-н Румен Радев,

Достојнопочитуван архипастиру на оваа богочувана епархија, митрополите г. Тимотеј,

Ваши Високопреосвештенства, Митрополите Пловдивски г. Николај и Митрополите Старозагорски г. Кипријан,

Преподобни отци, монаси и монахињи, возљубени верници, духовни чеда и посетители,

Ќе го започнам своето обраќање со една огромна, би рекол свештена благодарност кон предобриот наш Христос Бог, што ме удостои мене, најнедостојниот од сите, во овој историски миг да возвестам за величието и радоста на денешново собитие. И навистина, оваа исклучителна средба, овој несекојдневен, сечесен, торжествен собир, токму спроти Неделата на простувањето и почетокот на Чесниот Пост, е повеќе од очигледно дар од семудриот Бог Промислител, Кој го благословува и дарува заедништвото во името на љубовта Негова.

Особено сме почестени, а истовремено и благодарни кон Вас, благоверен Претседателе Радев, што токму Вие сте првиот Претседател на друга држава, којшто ја посетува илјадалетната Бигорска Обител. Ние веруваме дека оваа посета воопшто не е случајна. Едноставно, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, кој на своја служба нè повикал и нас последните и недостојните, измолил од Бога така – првиот човек на некоја држава, што ќе го посети неговиот древен Манастир, да биде токму од братска Бугарија. И ако добро расудиме, тоа едноставно не е случајност, туку се случува токму во годината кога Охридската архиепископија, чијшто прв Архиепископ беше ктиторот на нашата Обител, секогаш спомнуваниот отец наш меѓу Светиите, Јован Дебранин, ја слави својата илјадагодишнина. Ние цврсто веруваме дека оваа посета на Вашето Превосходство е јасно показателство дека најблискиот ни бугарски народ и неговото правителство ќе продолжат братољубиво да ги поддржуваат, како и досега, целовитоста, напредокот и благоуспевањето на Република Македонија и нејзините жители, не само на внатрешно, туку и на надворешно поле. Таквата несебична поддршка, во иднина ќе покаже уште појасно кои се вистинските пријатели и браќа на македонскиот народ и неговата држава. Всушност, во Вашето присуство овде, ние го гледаме братољубието на целиот бугарски народ.

Би сакал да ја искажам и нашата преголема благодарност кон Неговото Светејшество, Патријархот Неофит, и кон Светиот Синод на Бугарската православна црква, што благослови да ве испрати денес вас, Високопреосвештени отци, на наша сеопшта радост. А заедно се радува поради вас не само нашата Охридска архиепископија и нејзината паства, туку и душите на богомудрите ни предци, кои живееја и заминаа од овој свет со нескршлива вера дека духовното сродство меѓу македонскиот и бугарскиот народ ќе остане вечно.

Токму затоа, богољубиви архиереи, наш заеднички свештен долг е да го продолжиме нивното вдахновувачко дело на љубов и единство. А најсовршен израз на тоа братољубие е, секако, единството во Божествената Евхаристија, во сослужението на Светите и страшни Христови Тајни, кои се оска и цел на нашето суштествување. Таквото заедништво бива благословено од Бога, така што нема никаква причина да се притеснуваме и да стравуваме, туку едноставно, треба само евангелско дело да извршиме, дејатели на Божјата љубов да се покажеме.

И најпосле, бидејќи за кратко започнуваат светите денови на Великата Четириесетница, во навечерието на Неделата на простувањето, јас, најмалиот и грешниот, би сакал од најскриеното место на моето срце да побарам од сите вас прошка за моите прегрешенија, а и удвоени молитви за моето смирено монашко братство. Но најмногу од сè, молитви и труд за она за коешто копнее секое православно срце во Македонија, верувам и во православниот свет – да се исцели големата рана на Православието и Охридската архиепископија, во годината кога го празнува своето илјадалетие, да го доживее своето признавање и да го добие местото во семејството на помесните Православни Цркви, со посебен Томос од „Мајката на сите Цркви“, светата Вселенска патријаршија, како што впрочем налага божествениот црковен ред.

Уште еднаш изразувајќи ја целодушната благодарност кон многуценетите гости од братска Бугарија, просам од Бога за сите добра и богоугодна Четириесетница.

Ви посакувам топло добредојде на сите!“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *