Почетна Коментар Параполитички коментари на една братска средба
Параполитички коментари на една братска средба

Параполитички коментари на една братска средба

313
0

Кога Православните цркви стигнаа до еден чекор пред завршување на подготовките за Сеправославниот собор што требаше да се одржи во седиштето на Протот, Константинопол, Руската црква имаше многу тешки причини за резервираност, кои потполно симптоматично имаа врска со местото на одржување – Константинопол.

За почеток, беше изразена загриженост дека една муслиманска земја како Турција не е соодветно место за одржување на Сеправославен собор. Потоа открија дека храмот Света Ирина, каде што требаше да се одржи овој Собор немал крст на куполата. Следуваа забелешки дека постојат различни муслимански елементи во истиот храм, па така го сметаа за несоодветен, поткрепувајќи го тоа со фотографии кои ги делеа на православните претстојатели на последната подготвителна средба која се одржа во Константинопол во март 2014 година.

На крај, како што знаеме, Соборот не се одржа во Константинопол поради руско-турскиот конфликт во тоа време, туку на Крит, каде што повторно од истите причини Руската црква не учествуваше.

Сега одиме да видиме каде се случи оваа „братска средба“ со цел „мир“ во Православната црква.

Градот што беше одбран за оваа средба беше Аман, престолнина на Јордан, една земја за која колку што се сеќавам на географијата од основно, е муслиманска. Доколку грешам и во меѓувреме тоа се променило, однапред барам извинување.

„Свештеното“ и „осветено“ место на кое се собраа претстојателите за да разговараат беше еден убав хотел со пет ѕвезди, кој никаде немаше крст. Можеби тоа се должи на фактот што хотел Фермон нема купола, но сепак не настојувам на ова, зашто можеби има, а јас не сум ја видел. Единственото што потсетуваше дека оваа средба е црковна, а не конференција на претставниците на некоја фирма за автомобилски гуми беше една скромна целивална, на која стоеше икона од Богородица и еден банер кој потсетуваше на евтина имитација на сценографијата од Светиот и велик собор на Крит.

Сега одиме да ги видиме личностите со кои се сретнаа православните претстојатели. Единствениот нецрковен претставник со кој се сретнаа претстојателите за време на нивниот престој таму, беше муслиманскиот крал на земјата, директен потомок на пророкот Мухамед.

На последната вечера после завршувањето на заседанијата, претстојателите јадеа заедно со исто така муслиманскиот принц Гази, советник на кралот по религиозни прашања, со кого радосно се фотографираа пред банерот на заседанијата, на кого имаа испечатено икона од Педесетница и знаковите на Православните цркви, можеби за да се сеќаваат колку од нив одбија да учествуваат.

Би сакал многу да пишувам колку многу умилително беше заедничкото служење на светата Литургија што го извршија претстојателите во соборната црква на Аман, потврдувајќи го единството на верата преку заедничката Чаша, како што е обичај веќе дваесет века, но нивната преполна програма не им дозволи ниту да поминат покрај црква.

Сега, како можеше во случајот на „братската средба“да се надминат со ваква леснотија сите оние работи што претставуваа проблем при организирањето на Сеправославниот собор, искрено немам одговор. Ќе гледам на нештото со вера и ќе го припишам на чудо.

Секако, како православен, се сметам потполно задоволен и, се осмелувам да речам, горд, зашто овој пат чувствителноста на Руската црква беше таква што верата беше непоколебливо заштитена.

Забелешка на авторот: Можеби стилот на пишување е чуден за некого, но некои работи не можеш да ги гледаш сериозно, колку и да сакаш…

Пишува: Андреас Лударос
Извор: ORTODOXIA.INFO 

Забелешка редакциска: Кон текстот на Лударос. Беше многу чудно за луѓе демек алергични на екуменизам како овие што се собраа на средбата, официјален претставник за печат на настанот беше Peter Welby, син на Кентерберискиот архиепископ Justin Welby од Англиканската црква.

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *