Почетна Коментар Папата во Македонија
Папата во Македонија

Папата во Македонија

1.06K
0

Државата Македонија, без одобрение и согласност од сопствениот народ, а со огромен притисок и залагање од надворешни фактори, го промени своето вековно име, по што веднаш следуваа промени на државните меморандуми, печатите и називите на институциите. Планот беше исполнет, но дојде на ред примената и употребата на новото име во секојдневниот живот. За успех на овој план е потребно да се има соодветна маса народ, што очигледно е невозможно вештачки да се набави. Хартијата трпи сè, но она што со векови е врежано во македонските битија е неизбришливо дури и за најголемиот моќник на овој свет. Затоа и се тажни и убедливо немоќни обидите за „пелтечење“ на новото име од државните претставници, па многумина од нив ја кријат својата немоќ зад старите накарадни и комични флоскули „нашата земја“ или „нашиот народ“, кои беа омилена алатка за понижување на Македонците од страна на многубројните амбасадори и заштитници на грчките интереси во светот, за чиј отворен фашизам беа дебело потплатувани. Ноторен факт е дека целата оваа нечесна операција се изврши со помош на манипулации, уцени, закани и заробување на јавното мислење. Но повеќе од јасно е и тоа дека тешко ќе успее промената на македонската сенародна свест, која низ вековите се навикнала правилно да се постави спрема најдрскиот и најсилен окупатор. Впрочем, ова не е одлика само на Македонците.

Историјата ни сведочи дека мнозина во минатото правеле и посилни обиди да ја сменат човечката свест, мнозина вешто ги користеле присилата, манипулацијата, па ако сакате и науката, но и покрај цврстите репресии, успехот бил никаков и незначителен, бидејќи свеста во еден човек е неговото сопствено јас, а тоа, освен со физичка елиминација, нема друг начин да се отстрани. Досега, за среќа, таква напредна хирургија сè уште никој нема измислено и применето. Македонија, при процесот на нејзиното обезличување, изгуби речиси сè, ги изгуби своето достоинство, својата самопочит и својот надворешен углед, а одвнатре, меѓу сопствените граѓани, беше насадена и вкоренета недовербата кон нејзините водачи, без разлика дали доаѓаат од власта или опозицијата. Па, затоа, неприкладни и бадијала се и пофалбите од странските интересенти, и приказните за Нобелови награди, и фатаморганата за регионални лидери, и фалењето на нашиот интергалактички напредок, кога ние Македонците истите ги доживуваме како една обична и лицемерна политичка бесмислица на европските дипломати и кариеристи, кои промената на македонското име ја сметаат за свое големо достигнување, па затоа и со големи букви веќе си го запишале во своите политички животописи и подоцнежни мемоари.

Во една таква атмосфера на енормно лицемерство и сенародна потиштеност, безволност и меланхолија, апостолската земја Македонија ќе биде посетена од римскиот папа. Од значајни државни и политички претставници, без разлика на која политичка опција припаѓаат, оваа посета е доживеана и промовирана како огромна потврда за „вистинскиот европски пат“, кој го избрала нашата татковина, небаре во посета ни дошол чуварот на клучевите на европската цивилизација. Она што никој нема да ни го каже, а сите повеќе или помалку го насетуваме, е дека улогата на римскиот папа во овој случај, при оваа посета, е симболично смирување на совеста на сите оние што спроведоа тивок и специјален геноцид врз македонскиот народ. Во папините зборови и обраќања, темата за вековното страдање и истребување на македонскиот народ вешто ќе биде избегнувана, може единствено темата за страдањето да биде искористена како флоскула, односно како украс на неговата „неоспорна добрина“, но затоа, пак, секако ќе следуваат пофалби за нашата храброст и далекувидост, а нема да изостане и поддршката за нашето конечно прифаќање на европските вредности.

Папата добро знае во каков вруток на цивилизацијата доаѓа, но тоа никогаш нема да го признае, бидејќи нему не му требаат силни и освестени личности, ами зависни и потчинети индивидуи. Иако папата ќе биде пречекан како еден од авторитетните светски државници, сепак нема да ја пропушти шансата да улови во матната вода и понекоја душа за својата кауза, како што тоа интензивно го правеле неговите претходници уште од деветнаесеттиот век, кога биле создадени првите унии на тлото на Отоманска Македонија. Тогаш, трпејќи невидена духовна тортура и изживување, како од турските власти, така и од пропагандите на своите браќа по вера, еден мал дел од македонскиот народ прифатил верзирана унија со римскиот папа, надевајќи се дека со тоа конечно ќе дојде крајот на угнетувањето и немирите во неговата непосредна средина. Народот што ја прифатил оваа лицемерна понуда искрено се надевал дека притоа ќе го зачувува и својот православен и национален идентитет. Но, сепак, само по неколку десетлетија, и покрај договореното, оние што останале во унијата се претопиле во римокатолицизмот, па така, римокатоличката заедница во Македонија денес е раководена од потомците на оние што со сосема поинакви цели и намери ја потпишале и прифатиле оваа унија.

Од папата, при неговата посета на нашиот главен град, се очекува да одржи спектакл што ќе ги воодушеви домашните умислени величини и помодари. И ним, како и на папата, впрочем, ни пречи евангелскиот Христос. Нивниот бог е овоземната слава, сјај и богатство, а ветерницата против која се борат и дебело ја наплатуваат својата борба е самиот Господ Бог, кого отворено, и без никаква основа и срам, го прогласуваат за непријател на жената. На одборниците за пречек на папата, како и на нивниот работодавец, пријател им е исламскиот екстремист и западноевропскиот индустриски милитарист. За овие војници од пластелин, со снага и разум на мекотели, светот не се состои од ниту една друга боја, освен од бојата на парите, па така, по потреба, денес се револуционери со маици на кои е изобразен Че Гевара, а утре се негови прогонители, кои прават лични фотографии со неговото мртво тело некаде по планините на Боливија.

За нив папата е промотор на мирот и благосостојбата и соодветствува на нивните искривени претстави за моралноста, а да се потсетиме, морал за нив не е ништо друго освен удобна фотелја и пристап до фондови на незаработени пари. Овие морални невладини активисти во исто време се успешни претприемачи, но и гласни дисиденти. За нив папата е симбол на нешто модерно и напредно, но во суштина тој е најсигурниот чувар на нивните илузии, односно блиска и соодветна форма за нивните провинцијалистички сфаќања на поимот за она што е „европско и цивилизирано“.

Водени од ваквите плитки предрасуди и од својот широк провинцијалистички дух, со години ќе се исмеваат и ќе газат по сопствената традиција и нивните вековни вредности, а во исто време ќе се воодушевуваат од туѓата, лажната и далечната, бидејќи одамна се сомелени и привлечени од медиумската пропаганда, на која тие многу се подложни и како сепредани пагански жреци во занес ѝ слугуваат. Ова е карактеристично за слабообразовани и малкувоспитани умислени величини, кои како типични духовни „џетсетери“, она што е актуелно и трендовско го прогласуваат за „урбано“ и нему му се клањаат, а она што е слабо покриено со примамливи медиумски слики им е „рурално и назадно“. Папата, како облик и фигура, за нивните сфаќања е симбол на нешто старо, традиционално и секогаш модерно и со нивните интелектуални и духовни капацитети воопшто не се способни да проникнат зад лажниот сјај и накарадната импозантност на таа цветна и примамлива фасада.

Еве, накратко, во интерес на просторот, да се обидеме и да објасниме каков државник и верски водач е папата. Да видиме каков е неговиот поглед на светот и со какви вредности и успеси го задолжил човештвото и врз какви принципи го изградил својот авторитет.

Целокупната старохристијанска црква, како Источната, така и Западната, повикувајќи се на Светото писмо (Јн. 15, 26) апсолутно го негувала учењето дека Светиот Дух предвечно исходи само од Отецот, кој е единственото начело во Света Троица. Мислењето според кое Светиот Дух исходи и од Синот (т.н. Филиокве), го претвора Синот во второ начело, причина, почеток и извор паралелно со Отецот, и внесува подреденост, разделување и разединетост во Света Троица. Учењето на Православната црква Христова е утврдено на првите два вселенски собори и според нив и ден-денес го носи името Никео-цариградски символ на верата.

Некогаш помесната Римска црква, која во првите векови уживала огромен углед и го заземала првото место според чест меѓу петте апостолски катедри, веќе во 4 век почнала да застранува во теолошки и догматски поглед, што неминовно довело до воведување погрешна црковна практика. Влијанието на „Филиокве“ во црковниот живот за секој христијанин е огромно, бидејќи нашиот однос со Бога е ускладен со начинот на кој веруваме во Него. Па, затоа, секое лажно и погрешно учење, секоја неточна и искривена догматика, беспоговорно доведува до искривена побожност. За нас православните, црковните догми не се само една обична теориска норма и правило утврдено од авторитетите. Догмите се всушност сведоштво на оние што Бога го виделе во своите срца онаков каков што Он е. Основната грешка на „Филиоквето“ се состои во рационалистичкото и филозофското толкување на божествените тајни, кое нема никаква поткрепа ниту во Светото писмо, ниту пак е проверено преку духовниот подвиг на самата црква. Ваквите отстапувања од правоверието црквата со векови ги толерирала заради зачувувањето на единството, кое од секогаш било многу важно. Но, по големата шизма во средината на 11 век, во римокатолицизмот се појавило силно реформистичко движење, кое со сите сили настојувало да ги утврди престижот и моќта на папата во однос на световната власт. Отпадот од Правоверната црква конечно бил запечатен со пљачкашките походи на Исток при т.н. Крстоносни војни, кога речиси сите вредни и древни христијански реликвии биле пренесени на Запад.

Под влијание на „Филиоквето“, воведувајќи нов дух во мислата, како домино-ефект, со текот на времето биле воведени и нови догматски новотарии во римокатолицизмот, кои многу влијаеле на квалитетот на општествениот живот на Западот. Така, на почетокот на 13 век била воведена и инквизицијата – смртната казна со спалување на клада, кога голем број видни личности од науката и општествениот живот биле осудени, брутално измачувани и усмртени поради своето спротивно мислење од папата и од римокатоличката практика на верата. Со векови била користена инквизицијата за прогон на „вештерки“ и за замолчување и промена на свеста на мислечкиот човек. Но репресијата довела до уште поголеми контроверзии и погрешни учења, па како одговор на ова лудило на римокатолицизмот се појавила реформацијата, контрареформација, судирот со духот на просветителството и Француската револуција. Во 19 век, поточно во 1854 година, папата Пиј Деветти официјализира нови погрешни учења во римокатолицизмот, како што се догмата за безгрешното зачнување на Богородица и догмата за папската непогрешивост. И двете догми немаат основа во Светото писмо и единствено ѝ служат на егоцентричната потреба на папата во процесот на зголемување на својата непресушна волја за моќ. Приближно во овој период се навлегува во новата ера на екуменизмот, во кој римокатолиците ја виделе својата шанса за почнување нови и поперфидни методи за унијатење на православните. Екуменизмот смета дека догматите се нешто второстепено. Овој нездрав дух незабележливо пробива во свеста на современиот човек и веќе почнува да ги носи своите плодови.

Многумина сигурно се прашуваат кои се разликите меѓу православието и римокатолицизмот, па поради тоа ќе ги набројам само најважните новотарии и погрешни учења што се воведени во текот на овие речиси илјада години од големата шизма.

Веќе го спомнавме „Филиоквето“, исходењето на Светиот Дух „и од Синот“, од кое сè тргнало во неврат. Во „Филиоквето“ е воведена субординација на Светиот Дух и сува рационализација на божествените тајни. Во римокатоличката практика има недостиг од епиклеза во евхаристијата, односно отсуство на Светиот Дух во осветувањето на даровите, што е древна апостолска практика во богослужењето. Во нивната миса, која е еквивалент на нашата литургија, се употребува бесквасен леб во евхаристијата, не се извршува светата тајна миропомазание по крштевањето, воведено е учење за целосно ускратување на божјата благодат на човекот пред обраќањето. Ова учење ја оправдало инквизицијата, која во „необратените“, особено Евреите, гледала обични ѕверови без никаква боголикост во нив. Подоцна, под влијание на овој дух, се појавил и нацизмот, а за неговата налудничавост не треба многу да објаснуваме. Воведено е учење за предестинација (предодреденост), кое целосно ја негира слободната човечка волја. Воведени се практика и учење за спојување на телото и крвта Христови.

Поради ова нивно учење, нивните верници се причестуваат само со кружни и тенки бесквасни ленти т.н. „хостија“, но, за разлика од верниците, свештенството го задржало стариот начин на причестување под двата вида, што прави поделба на достојни и недостојни, а што е спротивно на Евангелието и по малку личи на учењето на гностичките секти. Воведено е учење за опрост на гревовите, кое се надоместува од отповеќе потребните „заслуги“ на светителите, односно т.н. индулгенции. Чувар на оваа „ризница на доспеани заслуги“ е самиот папа, па, според тоа, оној што ќе приложи одреден паричен надомест, добива магично ослободување од сите гревови. Богатиот се спасува, а сиромавиот неминовно страда и умира, и овде и во вечноста. Индулгенциите се прапочеток на духовната корупција. Тие биле причината за почнување на протестантската реформација, чиј предводник бил Мартин Лутер, кој, пак, ако не бил заштитен од германските благородници, веројатно торжествено ќе бил запален на клада. Воведено е учење за чистилиште (пургаториум), што е чиста измислица без основа во Светото писмо, но која вешто била користена за продажба на што поголем број индулгенции. Кажано со современиот јазик, чистилиштето е рекламирање и популаризација на производот на духовниот пазар, па единствен лек за негово надминување е индулгенцијата. Воведено е учење за лимбо-состојба за човечки души, кои не се ниту за вечна казна ниту за вечно блаженство. Потоа, воведена е догмата за папската непогрешливост, која во себе не содржи никаква здрава логика, освен логиката на високото мислење за себеси. И на крајот, воведено е учењето за безгрешното зачнување на Богородица, кое Богородица ја воздигнува на ниво на еден вид божество што нема врска со човештвото. Оваа догма ја загрозува тајната на спасението и смислата на воплотувањето Христово, бидејќи Христос не го спасил, преобразил и воскреснал човечкото тело и природа, туку некое друго тело, кое не е грешно и човечко, туку е свето самото по себе и натчовечко. Според ова погрешно учење, на човекот сè уште му се затворени вратите на Царството Божјо, бидејќи станува практично невозможно неговото спасение преку Исуса Христа, кој би бил тотално различен од обичниот човек.

Е, сега, токму чуварот на оваа потполна дехристијанизација ќе ја посети Македонија. Папизмот е најголемото отуѓување од вистинското христијанство и целосно остварување на идејата за секој апсолутизам и тоталитаризам.
Денес римокатолицизмот е само бледа сенка и привид во сеќавањето на некогашната правоверна и првочесна Римска патријаршија. Напуштајќи ја спасоносната вера, римокатолиците отстапиле од бројот на оние што со вера и дух се спасуваат. Напуштајќи го преданието на Светите отци, тие ја загубиле полнотата на апостолското преемство и благодат. И покрај постојаните обиди за унијатење на православните, преку разните видови на екуменизмот, ние православните сè уште не сме ја загубиле надежта дека римскиот папа, со целото свое свештенство и верниците, ќе побара прошка за сите злодела што со векови му ги нанесувал на човештвото и конечно ќе се откаже од новововедените догми и ќе се врати во лоното на едната, света, соборна и апостолска Црква, која и ден-денес неизменето ги чува и негува Христовото учење и Светото предание на великите Свети отци.

Македонската православна црква – Охридската архиепископија трпи многу неосновани критики на својот грб, најмногу за црковните такси, од кои ги крепи своето егзистирање и опстојување. Па затоа, секој што во иднина ќе ја критикува и ќе ѝ се исмева на нашата Црква поради тоа што единствен прилив на финансиски средства, покрај даровите, ѝ се црковните такси за венчавање, крштевање и погреб, нека има предвид дека еднаш во својот живот си платил билет за да го види и „потпомогне“ водачот на мултимилијардерска корпорација, кој како декор во спектаклот што ќе ни го приреди, ќе има задолжително бакнување на бебиња, мавање со раката од блиндираниот папамобил и патетични говори за конечното цивилизирање на Македонците, притоа, секако намерно заборавајќи, дека најголемите синови на овој народ први го прифатиле христијанството во Европа и ги описмениле половината од европските народи.

Пишува: Агатангел Митрополит Повардарски (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *