Почетна Анализа Папата Франциск со охрабрување за иднината на државата
Папата Франциск со охрабрување за иднината на државата

Папата Франциск со охрабрување за иднината на државата

121
0

Закажаната посета на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, за мај следната година, ќе го сврти вниманието на светската јавност кон Македонија, токму во периодот кога во државата се случуваат големи политички процеси, а во пресрет на најавеното членство на земјата во НАТО, како и на интензивирањето на процесот за приближување кон Европската Унија.

Аналитичарите сметаат дека посетата на папата токму во овој период претставува историски чекор, со силна порака на охрабрување за Македонија да продолжи со евроатлантските интеграции. Особено е важно што во оваа пригода за неговата посета, папата како единствени држави од Балканот ги одбрал Македонија и Бугарија.

– Самата посета на папата во одредена земја е вест број еден за светските медиуми, што за Македонија е од огромно значење. Папата наедно доаѓа и во земјата каде што е родена Мајка Тереза, која е обединител за сите граѓани што живеат тука – велат аналитичарите.

Со тоа, според нив, доаѓањето на папата во Скопје ќе повлече и голем број гости од странство.
Бискупот на Католичката црква во Македонија, Киро Стојанов, истакна дека доаѓањето на папата во главниот град на државата и во родниот град на св. Мајка Тереза има посебна симболика. Смета дека пораките што ќе бидат упатени за време на неговата посета ќе бидат делотворен поттик за многу потребната духовна и друга обнова на ова наше општество.

Александар Спасеновски, експерт за право, политика и религија од Правниот факултет, вели дека папата, како духовен водач на повеќе од една милијарда католички христијани и политички водач на Светиот престол, со својата прва посета на Македонија следната година ќе постигне три поважни цели.

– Ќе ја поткрепи католичката заедница во државата, ќе придонесе во насока на натамошно зацврстување на поддршката на нашата држава во светот и ќе го заврти вниманието на светот кон нашата држава, во која имало многу важни личности или места за католицизмот, што може да влијае во насока на зголемување на интересот на странските туристи за посета на Македонија – објаснува Спасеновски.

Верскиот аналитичар Цане Мојановски, пак, вели дека нашата земја ќе има и индиректна бенефиција од посетата на папата.

– Отсекогаш поддршката на Ватикан кон одредена земја имала значење за влијанието и за поставеноста на другите европски земји. Уште папата Јован Павле Втори имаше удел во признавањето на нашата земја под уставното име од страна на другите земји, зашто во поздравните говори нѐ нарекуваше Република Македонија, а не ФИРОМ. Тука е и поддршката што ја изразува Ватикан за време на чествувањето на гробот на свети Кирил, како столб на европската култура, секој 24 Мај, каде што се поканети и претставници на Македонската православна црква-ОА.

Католичката црква во Македонија доби нов статус, односно од апостолски егзархат стана епархија, прва од црквите со источен обред во регионот. Сето тоа многу зборува за зацврстувањето на посебноста на македонскиот идентитет на овие простори – додава аналитичарот Мојановски.

/Радмила Заревска – (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *