Почетна Анализа Папа или човек?
Папа или човек?

Папа или човек?

493
1

79 годишниот Франциск покажува енергија како на млад бискуп, кој штотуку добил шанса да остави белег од секоја негова активност. Од скромен аргентински кардинал, дојде на папскиот трон. Тој е првиот папа, кој во Ватикан се вселува надвор од Европа во 740 години. По многу нешта вероијатно ќе остане како прв и едиствен во современиот живот на Црквата. Сепак кој ќе биде побрз до целта, неговите реформи или неговата конзервативна опозиција.

Кога еден поглавар на која било верска заедница, па макар и од помал обем, ќе изјави дека тој не е овде за да суди, или дека не морате да верувате во Бог за да одите во рајот, тогаш таквата изјава самата по себе е цитат кој остава трага во едно општество.

Кога, пак, тоа ќе го изусти поглаварот кој седи на еден од најдолговечните тронови на христијанската црква, тогаш никој не може да каже дека останал рамнодушен. Ниту, пак, може да каже дека нема каков било став за една ваква изјава. Особено ако таа е само дел од низата спектакуларни ставови, што Хорхе Марио Бергољо, го соопштува од името на Франциск, 266-ти Папа на Римокатоличката црква.

Овој став, кој се однесува пред се на атеистите, Франциск го соопшти во отворено писмо до основачот на „Ла Република“, Еугенио Скалфаро,како одговор на едно од прашањата испратени до Папата.

-Ме прашувате дали Бог им простува на оние што не веруваат. За почеток ќе кажам и ова е основна работа, дека божјата милост нема граници ако кај него отидете искрено и со понизно срце. Оние што не веруваат во Бога треба да ја слушаат својата совест. Гревот, дури и кај оние што не веруваат постои кога луѓето не ја слушаат својата совест – потенцирал Папата.

ВАТИКАН ПРЕД СЕРИОЗЕН РАСКОЛ

Иако многумина, претежно традиционално-козервативно воспитани, што верници, што свештеници, но и јавноста од тој конзервативен профил, очекуваат еден поинаков став на Црквата за вакви прашања, сепак кај голем дел од светската јавност Франциск плени со позитивни симпатии. Но, со тоа  Франциск ја добива можеби и најсилната ватиканска опозиција, која се појасно и поотворено зборува против неговите ставови во овие речиси нецели три години колку што ја води Римокатоличката црква.

“Ставовите на Франциск за хомосексулната заедница :„Ако некој го бара Бог, со добра волја, кој сум јас да му судам“, за бегалската криза, климатските промени, абортусот, разводот и други конзервативни теми, како никогаш досега во последните 60 години ја делат Католичката црква внатре во своите редови.”

Ако во првите месеци од неговиот понтификат многумина само тивко набљудуваа со спорадични забелешки, денес во „ватиканскиот дворец” има цело крило негови опозиционери.

Ватиканските конзервативци неформално ги предводи Рајмонд Бурк, американскиот кардинал, кој неодамна и најжестоко го нападна Папата пред медиумите. Тоа е и прва отворена и јавна закана за власта во Ватикан. Кардиналот Бурк, кој секојдневно добива се повеќе приврзаници, му порача на Франциск дека во никој случај нема да дозволи никакви либерални реформи на Црквата. Особено значајно е што во тој отпор кон Франциск, конзервативците имаат голема поддршка од италјанските медиуми.

Кардиналот Рајмонд Бурк, неформален водач на опозиционерите
Кардиналот Рајмонд Бурк, неформален водач на опозиционерите

Токму забелешката за прекумерна либералност е еден од основните постулати околу кои се обединува конзервативната струја кардинали. Но, тоа не е идинственото нешто што некому му пречи во Ватикан. Отпорот кон Франциск е голем и во обидите да да се воведе ред во скандалите и корупциските афери што ја тресеа години наназад Ватиканската Банка, која се уште е под истрага за обвинение за перење пари.

ПАПА КОНТРА ПАПИТЕ

Отпорот околу Ватиканската Банка почна уште во 2013 година, кога Франциск на чело на банката го поставува, Батиста Марио Салваторе Рика. Веднаш во италјанските медиуми Рика добива етикета дека е хомосексуалец, прв притисок на кој тој попушта и поднесува оставка. Но, Франциск останува доследен и ја одбива понудената оставка од Рика.

Франциск со самиот избор за Папа, знае дека ќе мора да воспостави своја кардиналска структура за доверба, ако сака да влезе до постапките за реформи за кои сонувал уште како надбискуп во Боенос Аирес. Избира осуммина кардинали и го основа папскиот поверенички совет. Но, она што шокира многумина е тоа што во овие осуммина само еден Кардинал е повразан со „Дворецот”. Останатоте се од целиот свет. Ова тело практично е единственото со кое Франциск се советува во управувањето на Црквата, реформите во Ватикан, свештеничката бирократија, која практично е најголемата препрека за реформи на Црквата.

Ватиканската Банка од која Франциск ги почна реформите
Ватиканската Банка од која Франциск ги почна реформите

Франциск ја прави и можеби најголемата реформа во последните педесет години, воведувајќи нов секретаријат за економија, кој ќе управува со ватиканските финасии. На позициите кои се поврзани пари, економија, бизнис, Франциск поставува стручни лица, наспроти досегашната практика со нив да раководат свештеници. Со Франциск шансата ја добиваат оние свештеници и кардинали надвор од „Дворецот”.

Неговите приврзаници и поддржувачи велат дека е тешко дека некој може да не се сложи со фактот дека она што Франциск го зборува, не го применува и во пракса.

-Ние сите сакавме реформа и промена, но сметам дека никој од нас не очекуваше толку свеж воздух, вели англискиот кардинал, Окорнер.

“Но, како што Франциск ги засилува позициите во „Ватиканскиот двор”, така конзервативните кардинали не мируваат. Обид за пресметка со него направија и кога станува збор за австрискиот кардинал, Џорџ Пел, кој Папата го назначи во веќе споменатиот секретаријат за Економија, место од каде Пел треба да ги спроведе финансиските реформи.”

Преку австриските медиуми, годинава Пел е обвинет за раскалашеност и неконтролирано расфрлање со црковни пари. Случајот со Пел коинцидира и со уште еден момент од неговата историја и судири со конзервативците во „Ватиканскиот дворец”. Тој и претходно беше омразен кај голем дел Кардинали, затоа што отворено зборуваше и беше предводник на борбата против сексуалното злоставување на деца, нешто што го правеа католичките свештеници. Пел беше и отврен критичар на претходниот Папа, Бенедикт XVI.

Светските медиуми и аналитичари, предупредуваат дека Папата Франциск колку што ја има наклонетоста на светската јавност, дотолку повеќе секојдневно го акомулира гневот на своите браќа кардинали.

„Вашингтон пост“ пишува дека дури седуммина високи црковни функционери на Ватикан сметаат дека ваква поделеност во Ватикан немало од 60-тите години на минатиот век, кога биле спроведувани реформи.”

Околу Рајмнод Бурк има многу се уште анонимни кардинали, кои се против постапките на Франциск. Отворените напади се толку чести, што обвинувањата на сметка на Папата одат до таму што честопати неговите либерални ставови се поистиведуваат со ризикот црквата да ги загуби верниците и опасноста од нарушување на црковното учење, нешто што во црковната доктрина се смета за ерес.

-Потребно е да се биде многу внимателен кога е во прашање папската моќ. Моќта на Папата не е апсолутна. Папата нема моќ да го промени црковното учење или црковната доктрина. Ватикан со Франциск е како брод без компас – вели во предупредувачката изјава за американските медиуми, Кардиналот Бурк, неформалнот папски конзервативен опозиционер.

Слични обвинувања доѓаат и од британскиот остров. 500 свештеници од Британија во отворено писмо го обвинуваат Франциск дека внесува конфузија во црковното учење.

Поларизацијата во ставовите во Ватикан можеби најјасно се отсликува во Манифестот против предлогот на Папата да се дозволи црковен развод и причест за разведените во Католичката црква. Тој манифест го потпишаа петмина Кардинали, меѓу нив Бурк и влијателниот конзервативец од Болоња, Карло Кафара.

Зградата Св.Марта, прв избор надвор од протоколите на Франциск
Зградата Св.Марта, прв избор надвор од протоколите на Франциск

Она што е особено интересно е што либералните ставови на Папата немаат некоја жестока одбрана во јавноста и меѓу неговите поддржувачи. Нивниот став е дека Франциск се обидува да воспостави дебата и дијалог за овие теми, кои црквата ги игнорира наспроти новиот современ начин на живот на верниците.

-Мислам дека луѓето го зборуваат тоа што го мислат затоа што цврсто и страствено ги бранат позициите. Не верувам дека Ватикан тоа го доживува како личен напад. Светиот Папа ја отвори вратата за можноста да се зборува отворено за некои прашања. Тој не одредил однапред во кој правец ќе се одвива оваа дебата, вели Надбискупот од Чикако, Блаже Чупич, за медиумите, кој во јавноста важи за близок соработник на Папата Франциск.

Франциск  не е Папа кој и се противи на науката, или пак на традицијата на Црквата. Далеку од тоа. Тој, сепак, е верен син на Црквата, како што и самиот се дефинира, но и верен на Исусовата методологија, велат неговите поддржувачи.

РЕФОРМАТОР, КОЗМЕТИЧАР, ПИ АР СТРАТЕГ… ШТО Е ФРАНЦИСК?

Ако се земат за анализа досегашните ставови на Папата, заедно со констатацијата на неговите поддржувачи, како и предупредувањата на неговите опоненти, дека тој, иако е Папа, сепак, не е семоќен, тогаш јавноста се прашува што всушност е целта на Франциск. Колку неговата иницијатива има моќ на дело ги спроведе ваквите реформи, а колку таа е само обид да се поправи исклучително лошата слика која постоеше изминатите години во јавноста за „Ватиканскиот Дворец“.

“Светските верски аналитичари сметаат дека и промена на сликата во јавноста преку ваквите изјави на Франциск е доволно за почеток да се покрене дебатата дека Црквата мора да размислува за реформа, не во учењето, туку во односот кон современиот свет.”

-Прилагодливоста на модерниот современ човек кон конзервативните црковни позиции е невозможен процес. Тој со себе носи ризици од губење на верниците. Прилагодливоста на Католичката црква, пак, кон денешните начини на живот е тежок и спицифичен процес, но тој може да создаде стабилна врска меѓу Црквата и верникот. Тука е потребен баланс, разбирање и взаемен однос на искреност, без ограничувања. За тоа треба да се разговара, велат либерално позиционираните верски аналитичлари за светските медиуми.

Белото Рено 4 од 1984, со кое Франциск влезе во Ватикан
Белото Рено 4 од 1984, со кое Франциск влезе во Ватикан

Иако во март следната година навршуваат три години како Франциск е на чело на Светиот Престол во Ватикан, сепак самиот Ватикан се уште не се привикнал на тоа Папата да го носи својот евтин пластичен часовник, да ги носи своите црни чевли, наспроти ватиканските правила да се движи со црвени папски кломпи. За „Ватиканскиот дворец” засекогаш ќе остане и нејасна сликата од неговото доаѓање. Ако неговиот претходник замина со Мерцедес, тој дојде со Рено од 1984 година. На градите се уште го носи железниот, наместо традиоционалниот златен крст.

Ватикан се нема привикнато и на хуморот на Франциск, кој честоипати знае да го практикува. Има неколку анегдоти за тоа. На пример онаа, кога еден помлад Кардинал обраќајќи му се со: „Свет отецу”, добил одговор: „Кажи свето чедо”.

Или, анегдотата  за разговорот на Папата со надбискупот за социјални комуникации во кој, по една аудеинција откако заминале сите, тој на шега му рекол на Франциск: „Што, сакаш да бидеш сигурен дека и јас сум заминал”, на што од Папата добил одговор: “И дека не си однел нешто со себе”.

Франциск од првиот ден кога беше избран за Поглавар на Римокатоличката црква, речиси секојдневно ја изненадува јавноста. Првиот потег кој навести дека ќе биде поинаков од другите беше одлуката никогаш да не се смести во раскошната папска резиденција. И денес никој нема конкретен одговор за одлуката наместо во Апостолкаста палата, Франциск да остане во зградата „Света Марта“. На своите поранешни блиски соработници им рекол дека ниту планирал, ниту имал намера да остане на местото каде беше сместен за време на папската конклава. Одговорот го поврзува со „Божја промисла”.

Симпатиите на народот, му донесоа отппр во "Дворот"
Симпатиите на народот, му донесоа отпор во “Дворот”

Со „Божја промисла” објаснува и многу негови потези. Такво е и објаснувањето за неговиот избор за Папа. Но, иако вели дека никогаш не се надевал и очекувал да седне на папскиот трон, сепак неговите поранешни најблиски соработници велат дека Франциск кога заминувал од Буенос Аирес на папската конклава, точно знаел каде оди и дека никогаш повеќе нама да се врати. Неговиот тогашен шеф за комуникации, за „Нешанел Географик”, вели дека Бергољо, ден пред да отпатува во Рим, се оставил во совршен ред и прецизно зададени обврски како кога некој заминува од одредена позиција.

Многумина денес немаат сомнеж дека Франциск и енергијата за реформите што ги турка ја црпи со „Божја промисла”. За разлика од нив пак, голем е бројот на оние кои сметаат дека „реформите се само дел од бујната фантазија на Франциск”.

НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА МУ ГО ОСПОРИ „ЧОВЕКОТ ВО СЕБЕ“

Можеби најточна денфиниција за тоа дали Франциск е реформатор, револуционер или циркузант е онаа дека времето ќе покаже кој со каква искреност гледал на состојбите и дали црквата сака, а не Папата, пат на реформи.

Во едно, сепак сите се согласни. Франциск е човек. Како што го опишува Елтон Џон: „Папата е чудо од скромност и добродетелство. Тивок љубител на човекот, кој сака секој да биде вклучен во божјата љубов.”

Црквата на улица.
Црквата на улица.

Франциск навистина верува дека Господ се сака низ единствената негова икона, а тоа е човекот. Ближен, создаден по слика и прилика на Создателот. Тој е Папа кој зборува со јазикот на милосрадието и љубовта. А, тоа сепак е јазикот на Христос. Затоа и сите го разбираат. И оние кои се христијани, но и оние кои не се.

Се чини дека за овие нецели три години, Франциск најмногу ги собра импресиите за неговиот однос кон сиромашните. Велат, никој толку се нема солидаризирано со сиромашните, колку што Франциск им го подари својот наклон. Едноставно ја враќа црквата на народот, онаму каде и што таа припаѓа. Тоа, пак, неговиот понтификат го прави сосема поразличен од претходните.

Колкаво влијание во јавноста има, како што го нарекуваат „Ефектот на Франциск”, покажува само еден статистички (можеби неважен, но значаен) податок. Продажбата на ватиканските сувенири е зголемена за 200 пати.

“Филозофијата на овој Папа е „сиромашна црква за сиромашните”. Не пропушта момент да потенцира дека свештениците треба да излезат надвор.”

Заклучокот за многумина, денес три години подоицна би бил многу едноставен. Ако Франциск се беше родил пред неколку стотина години, или можеби пред само неколку десетици, тешко дека некогаш ќе станеше Папа, или пак тешко дека ќе останеше Папа.

ИЗЈАВИ И ПОСТАПКИ ШТО ГО ОБИКОЛИЈА СВЕТОТ

Папата Франческо и денес го карактеризира една константа од неговиот карактер. Блискоста, или обидите за блискост, до обичните луѓе не е пи-ар маркетинг од позицијата на Поглавар. Тој и како надбискуп во Аргентина сакал да се дружи со обичните луѓе. Се возел со градски сообраќај. Знаел честопати да шета низ улиците на Буенос Аирес и да ги бара сиромашните за да разговара со нив, да им помага.

Сите се согласни дека тој е Папа на сиромашните
Сите се согласни дека тој е Папа на сиромашните

Франциск сам ги плаќа своите сметки, знае да им измие нозе на сиромашните, да се вози во обичен автомобил. Поради завештание веќе 25 години не гледа телевизија. Весници чита 10 минути дневно.

Речиси секоја негова изјава знае да погоди нечиј нерв, особено во неговото најблиско опкружување од „Ватиканскиот дворец”.

-Повеќе сакам Црква која е полна со модрици, која е болна и валкана бидејќи била на улица, од Црква која е нездрава поради ограничувања и грижа за сопствената сигурност. (Изјава за односот на Црквата кон сиромашните)

-Кој сум јас да им судам. (Изјава за хомосексуалната заедница)

– Оние кои не веруваат во Бог, нека ја слушаат својата совест. (Изјава за атеистите)

-Како може да биде вест дека берзата паднала за два отсто, а не е вест дека некој бездомник умрел.  (Изјава за односот кон вредностите во човештвото)

-Некои мислат, простете ми на речникот, дека треба да бидат како зајаци, за да бидат добри католици, но не. Сакате ли зад себе да оставите седум сирачиња? (Изјава со која Франческо повика на одговорно планирање на семејството)

-Со плаќањето пари на Црквата, сакаат да ја прикријат неправдата што ја прават. Не е христијанско однесување ако во петок не јадеш месо, но го искористуваш својот близок. (Изјава за верниците кои со пари купуваат вера).

-Вистина е дека постојат случаи кога разводот е неизбежен. Некогаш тоа всушност е и морален императив.  (Изјавата која предизвика бура, а се однесува на можноста Католичката црква да го признава разводот).

-Не смее да се негира Божјата прошка за сите оние кои искрено ќе се покајат. И затоа во годината на милосрданието да ја поделиме милоста со оние жени кои абортирале, но искрено се покајале. (Изјава за односот кон абортусот).

-Не ги сакајте парите, тие се ѓаволски измет кој убива. (Изјава за парите).

Марјан Николовски

Коментар(1)

  1. Prekrasno kazano. Papata Francisk e potvrda deka nekoi vernoci dosledno se pridrzuvaat do ona sto go velat. Kako poinaku da se sfativ vernistvoto bez konzistentnost I harmoniziranje na mentalnoto so duhovnoto ( umot I dusata) i iskreno predavanje na grizite na Boga odnosno priznavanje na negovata edinstvenost I nenadminatost?!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *