Почетна Коментар Овој род се истерува… само со благодат Божја
Овој род се истерува… само со благодат Божја

Овој род се истерува… само со благодат Божја

524
0

Едно е аскетска вера и доверба во Господ, а друго е благодатна вера. Едно е аскетска молитва, а друго е благодатна молитва. Едно е аскетска љубов кон нашите ближни, а друго е благодатна љубов. Истото важи и за подвигот во сите други добродетели.

На првиот степен од духовниот развој, кој се нарекува чистење на срцето од страстите, подвигот на секој човек во која било добродетел е повеќе аскетски отколку благодатен. Тоа значи дека срцето на овој степен е сè уште подложно на страстите и заробено од нив, така што демонот релативно лесно, преку помислите и сетилата, однатре, го наведува човекот на грев. Колку што човекот слободно му се приклонува на гревот, толку Божјата благодат отстапува од него.

Затоа и подвигот на првиот степен (посебно после намерното сокривање на првата благодат) изгледа многу тежок, а некојпат дури и безнадежен. Треба да се вложи многу напор и труд во моменти кога ни се чини дека нема помош од никаде. Треба да ги исполнуваме заповедите Божји и кога за тоа воопшто немаме желба и волја, и не го чувствуваме тоа како потреба во нас. Присилувањето на самите себе е клучниот момент поради којшто подвигот се нарекува аскетски. На човек му останува само да се присили себеси во творење добро, во согласност со своето послушание, верувајќи дека Бог ќе му помогне. Затоа и таткото на демонизираното момче низ солзи вели: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (види: Марко 9, 17–29).

Духовниот развој (преминот кон просветлување на умот со умно-срдечната молитва) ни е овозможен само во моментите кога Божјата благодат останува скриена, а ние продолжуваме да се трудиме во исполнувањето на добродетелите. Секогаш кога паѓаме и не успеваме да ја исполниме добродетелта, во тие моменти на криење на благодатта, ние не сме го поминале испитот и повторно ќе треба да го полагаме сè додека не успееме. Светите Отци велат дека во моменти кога благодатта се крие треба да постапуваме – иако тоа воопшто не го чувствуваме така, како да е таа присутна.

Христос нè поучува дека демонскиот род може да се истера само со молитва и пост. Тоа значи дека со страстите, од коишто луѓето се заробени, се поврзани демоните; и сè додека човек не се ослободи, очисти од своите страсти, сè дотогаш не ќе може да се ослободи и од демонот поврзан со нив, и од неговото негативно влијание во нашето духовно срце. Знак дека срцето е доволно очистено од страстите е пројавата на благодатта на Крштението од него и добивањето на дарот на умно-срдечната молитва; тогаш демонот отстапува однатре, а неговата борба против нас мора да ја организира надворешно – преку своите луѓе, негови слуги.

Духовниот отец, кој преку духовното раководство ќе му помогне на своето духовно чедо да се очисти од страстите и да се ослободи од демонот, истовремено му помага и да не го повторува истиот грев, а само тоа значи и вистинско простување на гревот. Без учество во благодатта на Светите Тајни на Црквата, бесплодно е подвизувањето со пост и молитва. Демонот се истерува од нас само во содејство со благодатта на Светиот Дух Господ.

Демонот, пред сѐ, треба да го истераме од себе, потоа истерувањето од другите кои сакаат е многу лесна работа. Обратниот обид може само да привлече и други демони во нас. Тоа е.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *