Отворање на духовното срце

Date:

Share post:

Отците на Црквата често ни говорат за „чистење на срцето од страстите“, за „отворање на срцето“, за дарот на умно-срдечната молитва“, за „бдението над своето срце“, за „просветлувањето на умот“, како и за други слични, но и посложени аскетски поими и дарови Божји. Битно е дека сите овие поими се поврзани со нашето срце, а и нема како да не се, бидејќи нашето духовно срце е самиот центар на нашата душа и сите нејзини сили: словесната – умот, и бесловесните – волјата и желбата.

Еден од посуштинските подвизи на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, е кога ние се принудуваме себеси од суштината на умот – од срцето, да ги изговараме зборовите на Исусовата молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј нас“, а со енергијата на умот, собрано и молитвено стражариме пред влезот на срцето. Без овој подвиг, никој не може да каже дека води православен духовен живот.

Рековме дека подвигот на молитвата е севкупен, т.е. тој е незамислив без ставање на умот во процес на исцеление – преку послушание на својот духовен отец, без последно место и анонимност и без свесност за својата одговорност за злото во светот. Со други зборови, не само често повторување на молитвата, туку истовремено треба да градиме и правилен однос со Бог; слободен и љубовен однос на личност со личност; однос на взаемна доверба меѓу Татко и чедо. Овој пат сакам да ви ја освестам големата утеха што ја има секој што се труди во овој подвиг, а со тоа и да ги мотивирам – на истиот, сите оние што ќе прочитаат.

Имено, во овој подвиг не сме сами; и Исусовата молитва можеме да ја изговориме само со помош на несоздадената благодат Божја, и Божјите заповеди ги исполнуваме со помош на истата благодат, така и слободното, љубовно и молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон изворот на внатрешното слово, кон суштината на умот во срцето, го остваруваме со помош на истата благодат. Со други зборови, во овој севкупен молитвен подвиг, ние сме постојано во заедница и единство со несоздадената благодат на Светиот Дух, која истовремено и нѐ преобразува.

Што досега напишаното конкретно значи за молитвата на срцето? Значи дека, и кога ние од срцето – со внатрешното слово, ги изговараме зборовите на Исусовата молитва, самата несоздадена Божја благодат си го пробива патот, од внатре, кон отворот на срцето, и кога стражариме со енергијата на умот пред срцето, истата благодат си го пробива патот, од надвор, кон отворот на срцето. Затоа и велиме дека умно-срдечната молитва е дар Божји, свесни дека нашиот човечки напор не е доволен да ја оствари оваа цел, ако не му содејствува несоздадената преобразувачка Божја благодат.

Еве и зошто и најнеосвестениот молитвен подвиг – во смисла на знаење, низ какви точно внатрешни процеси поминуваме, носи плод. Како што можев и да видам на Света Гора, молитвата на оние кои се трудеа да ја изговараат само усно – беше преземена од нивниот ум, а молитвата на оние кои се трудеа да ја кажуваат умно – беше преземена од нивното срце, и стануваше умно-срдечна. А кога умот ќе им станеше просветлен од овој подвиг – не им требаше повеќе читање или поучување.

Ви говорам за единствениот подвиг кој што сѐ уште го спречува злото што доаѓа – кое што никаква друга активност не може да го спречи, ви говорам за умно-срдечната молитва; без оглед дали на тој начин ја изговараме Исусовата молитва – насамо, или ја изговараме Литургиската молитва во црква – собрани со сите заедно. Ви говорам за патот до Бог што го пронајде и проби Пресвета Богородица; и кој нам ни го остави како Нејзин дар.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Наум Струмички

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img