Вести

Отец Партениј наполни 50 години

By Уредник

October 29, 2020

Епископот Антаниски, г. Партениј го прослави својот 50-ти роденден. На денот кога Црквата го слави Свети Лонгин Стотник, монашката обител на Бигорскиот манастир му прирелила изненадување на својот Отец, г. Партениј за јубилениот 50-ти роденден, подарувајќи му архиерејски крст и панагија!

-Оваа година, како што спомнавме на денот на монашењето, се совпаѓа со 25-годишнината од монашењето, односно четврт век, како и 1000 години, десет века, еден милениум, постоење на Бигорскиот Манастир, што достојно се одбележа! Се разбира, достоен печат на сите јубилеи беше и Вашата хиротонија во Епископ, кога ја доживеавте Вашата лична Педесетница. Божјата Промисла сакала Вие да бидете во времето на садење и градење. Во милениумското постоење на Бигорски Господ допуштил и беди, но дал и голем благослов преку чудотворната икона на Свети Јован Крстител, за зачувување на континуитетот на монаштвото. Без Божјата заштита, а се разбира, по молитвите на сите црнорисци од сите генерации, на ова место во лута Дибра, на периферијата на секоја империја, не би останало камен на камен, доколку Свети Јован не бил тука присутен, со истоимената благодат преку својата чудотворна икона, која сама дошла овде. Божјата промисла за ова место се гледа од самиот почеток, бидејќи Ктиторот на Бигорскиот Манастир, станува прв Архиепископ и основач на славната Охридска Архиепископија, од која се изнедрија плејада светители, од преподобни, свештеници, до свештеномаченици и новомаченици, преку чии молитви од Небесниот Ерусалим ние до ден денес добиваме закрила. Голема поткрепа е и славното блиско минато на Преродбата. Со вакво минато и вакви предци, Бигорскиот Манастир не заслужил ништо помалку од Вашата личност, која за само 25 години, од кога сте поставен преку раката на Високопреосвештениот надлежен Митрополит Тимотеј, направи нова преродба, како за верниот народ така и за монаштвото. Наша цел и императив како Ваши духовни чеда, во овој, како и останатите манастири, е да Ве последуваме во Вашата љубов по која сте надалеку познат, кротоста, мудроста и се разбира, духовноста, потенцирале монасите.