Почетна Проповеди Осветлени од Божествената енергија ќе почнеме да гледаме со нашите духовни очи
Осветлени од Божествената енергија ќе почнеме да гледаме со нашите духовни очи

Осветлени од Божествената енергија ќе почнеме да гледаме со нашите духовни очи

120
0

Митрополит Тимотеј, на Преображение Господово, „Св. вмч. Георгиј” Охрид

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква прославува еден од големите празници, поточно, го прославуваме Преображението на нашиот Спасител на планината Тавор. Во светото Евангелие Спасителот вели: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот” (Јн. 8, 12). Овие зборови не се само еден атрибут за Бога, туку, Негова сама суштина. За да разбереме што означува Божествената светлина, треба да направиме една компарација, со човек кој има извонреден вид, но, ако го поставиме во темна просторија, каде што нема никаква светлина, тој не може да се ориентира, ниту, пак, да примети било што. Така е во физичкиот свет. Но, како што постои материјален, видлив свет, така постои духовен, нематеријален свет. Тој невидлив свет, ние, со нашите телесни очи, не можеме да го видиме, но, тоа не значи дека тој не постои. Сите ние ја чувствуваме таа енергија, таа сила. Во духовниот свет постојат повеќе ориентири, мали светила кои ни го покажуваат патот по кој треба да се движиме. Доколку не ги следиме тие духовни ориентири, можеме да залутаме и да ја загубиме нашата душа. Тоа е нешто слично со морнарите, кои, доколку не ги следат светилниците, со нивните бродови може да завршат трагично.

Јавувањето на Таворската светлина не е само светлина на Божествената мудрост. Оваа Божествена мудрост се разликува од човечката и доколку истата се следи, човекот нема да има никакви опасности во својот живот. Тогаш, и неговата душа ќе биде просветлена и осветлена, токму преку таа Божествена енергија. Бог, преку невидливата енергија го опкружува сиот свет. Таа навистина е невидлива, но, никој не негира дека постои. Доколку, преку нашата вера во Бог, се потчинуваме на Божјата енергија и доколку влегуваме во општење со Него, тогаш и внатре кај нас ќе се разгори Божествената светлина. Осветлени од Божествената енергија ќе започнеме да гледаме со нашите духовни очи и нема да залутуваме по темнините на духовниот свет. Таквиот човек наоѓа мудрост и сила, и обдарен е со способност да разликува добро од зло, и наоѓа енергија да се спротивстави на сите искушенија и сите опасности кои често пати го водат кон пропаст.

Апостолите, кои биле заедно со Господа Христа на планината Тавор, ја виделе Божествената светлина. Од таа глетка биле одушевени. Затоа, не сакале да го напуштат гледањето на таа светлина: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија” (Мт. 17, 4). Токму оваа светлина ќе ги охрабри да можат, после Неговото вознесение, да го шират словото Божјо по целата вселена. Токму оваа светлина ќе ги води кон нивниот Учител и наш Спасител Господ Исус Христос, односно, кон вечноста.

Не само апостолите, кои биле удостоени да ја видат таа нетварна светлина, туку, неа ја виделе и повеќе Божји угодници за време нивните молитви. Еден од оние кои биле удостоени да ја видат таа Божествена светлина е и светогорскиот монах Пајсиј, кој, таа светлина, ја доживеал во неговата Атонска ќелија. Таа светлина и топлина ја доживеале и многу подвижници, како што се свети Сергеј и Герман Валаамски, кои живееле во тешки зимски предели без оган, но Божјата светлина и Божјата енергија ги топлела и тие не чувствувале ни студ, ни глад.

Па и ние денеска, кои сме во овој свет храм, да се обратиме со искрена молитва кон Господа Христа, Он нека нѐ просветли и осветли со Неговата Божествена благодат. Да ни ја зацврсти верата. Да ни го просветли умот, па да одиме по вистинските ориентири во овој видлив свет, за да се издигнеме во небесниот свет, заедно со Божјите угодници. Амин!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *