Опит

Опит

491
0

Објаснето е одамна дека барањето на светиот апостол Тома да ги допре раните на воскреснатиот Богочовек Исус Христос не е неверие, туку природно и спасоносно барање на човекот да Го познае Бог од опит, а не од прераскажување на другите. Другите нека си прераскажуваат за Бог колку што сакаат, за нас е од суштинско, битијно значење да Го познаеме Бог од опит. Затоа што, интелектуалното знаење за Бог не ни носи сигурно спасение, а камоли совршенство, туку може да донесе гордост, поделби и пропаст, додека пак, знаењето на умот (разумот) што произлегува од опит на заедницата со Бог, во нашето срце, ни носи смирение и единство, во Светата Евхаристија на Црквата.

Клучните поенти на евангелското четиво од Неделата на светиот апостол Тома се следните:

Прво, Евангелието не е напишано за да ја испитуваме верата на апостол Тома – тоа не е во наша власт, туку да ја испитаме и провериме нашата сопствена вера преку неговиот пример, и да се покаеме – што е во наша власт.

Второ, Христовите зборови: „и не биди неверен, но верен!“ (Јован 20, 27), може да се споредат со разликата меѓу аскетската и благодатната вера – во која Господ сите нѐ повикува. Аскетската вера се сведува на тоа да се принудуваме да веруваме дека Бог постои („Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“ – Марко 9, 24), а благодатната вера е кога од опит на заедница со Него имаме знаење и познание за Него („Господ мој и Бог мој!“ – Јован 20, 28), како и препознавање и прорекување на идните случувања.

Трето, зборовите: „Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале!“ (Јован 20, 29), значат, едноставно, дека оние што не Го виделе Бог од опит, а кои, сепак, ќе претрпат докрај – обидувајќи се да изградат синовски однос со Бог (оние со аскетска вера), ќе се спасат – и затоа се блажени, а дека Апостол Тома е свет.

Кој е тој опит за кој постојано говориме и овде и порано, а кој го опишуваме како знаење на умот (разумот) што произлегува од опит на заедницата со Бог, во нашето срце? Тоа е опитот во умно-срдечната молитва. Без овој опит нема благодатна вера, нема просветлување на умот и нема постојано преобразување на човекот до обожение.

Основен копнеж на секоја христијанска душа треба да биде достигнувањето на дарот на умно-срдечната молитва. Тука не постои разлика меѓу мирјани и монаси. Без овој копнеж, потврден на дело, нема православен духовен живот.

Умно-срдечната молитва не е подвиг кој е само добар, но кој не мора да го имаме. Подвигот во умно-срдечната молитва е подвиг-conditio sine qua non (подвиг-услов без кој не се може). Подвиг, кој е основно сведоштво дека сме христијани, и подвиг преку кој, иако останува тајна за другите, ќе нè препознаат дека сме христијани. Подвиг во чија основа лежи љубовта и кон „непријателите“. Не е возможен подвиг на умно-срдечната молитва без освестен подвиг на љубов и кон непријателите! Која било молитва, без љубов и кон непријателите, е прелест.

Затоа и свети Никифор Исихаст, заедно со многу Свети Отци на Црквата, инсистира на овој подвиг, велејќи:

„Ако, пак, брате, и по многу труд не успееш да навлезеш во пределот на срцето, како што ти кажав, направи вака, како што ќе ти кажам понатаму, и со Божја помош ќе го најдеш бараното. Ти знаеш дека внатрешното слово на секој човек се наоѓа во неговите гради. Зашто внатре во градите, кога молчат нашите усни, ние разговараме со себе и твориме молитва, и псалми пееме или друго кажуваме. Така, со внатрешното слово, изгонувајќи од него секаква помисла (зашто можеш, ако сакаш), кажувај си ја кратката молитва ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!‘ – и принуди се, наместо каква и да е помисла, само таа секогаш да плаче внатре. Ако продолжиш да го вршиш ваквото дело непопустливо и со сето внимание, со време ќе ти се отвори преку ова и влегувањето во срцето, за коешто ти пишував, без секакво сомнение, како што и ние самите од опит сме познале“.

Клучни се зборовите „и по многу труд“, како и „непопустливо и со сето внимание“. Под овие зборови, за нас денес, се подразбира континуиран труд, од најмалку два часа во нерасеан молитвен подвиг – време кое може да се подели и во текот на денот. Ова време и овој подвиг се достапни за секој што сака. На пример, најмалку два-три часа дневно, со години наназад, сигурно поминуваме пред ТВ-екраните или на социјалните мрежи, од кои најчесто впиваме лаги. Зошто да ни е помила лагата од Вистината? Кој ни пречи да се откажеме од лагата, а молитвено да се присоединиме со Вистината?

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *