Омраза

Омраза

228
0

“O верници, бидете истрајни во тоа и заради Аллах,сведочете правилно. И омразата кон еден народ нека не ве натера да бидете неправедни.Бидете праведни.Праведноста е најблиску да богобојазливоста.Плашете се од Аллах.Аллах е,навистина, Известен за она што го работите!”(Ел Маиде: 8)

Велат дека човекот што не размислува е глупав, додека пак тој што размислува многу, е несреќен.Оваа изрека секако има свое значение, но таа не упатува што би требало да сториме за да го пронајдеме смисолот на животот, како да ја исчистиме душата, како да ја скротиме омразата што ни ја разјадува душата.

Одговорот на оваа дилема што се повеќе го измачува современиот човек е многу едноставен.Потпирањето на Бог е единственото решение бидејќи кај него е вистинската љубов, само вистинското и искрено предавање кон Бог може да ја отстрани омразата од нашите срца.

Во секој случај, омразата е сосема спротивно чувство од љубовта, значи таа е нешто спротивно од Бог. Следствено, луѓето што мразат се потполно изгубени и опфатени од страв, омразата е само обична маска зад која се крие стравот на поединецот што нема исполнет живот и кој што не успева да изнајде вистински вредности кај самиот себе. Човекот што мрази и им се предава на негативните емоции, представува несреќа не само за самиот себе, тој е несреќа и за своето семејство, за средината во која што живее, за општеството.

Ако дозволиме омразата да надвладее со нашето битие, ние всушност ги забораваме вистинските вредности на животот и на живеењето, на верата и верувањето, на љубовта кон Бог. А таа пак, омразата, во одредени мигови и ситуации може да се изрази себеси на многу груб и дури брутален начин, иако нај често е молчалива и сокриена во потсвеста на човекот кој што и самиот не е свесен дека е обземен од тој отров на душата и на умот.

Без сомнение, омразата има свое зошто, има свои разлози и причини што досегаат длабоко во личноста на поединецот, во неговото наследство и култура, во неговото семејно воспитание, во разните фрустрации што воглавно се врзуваат со неспособноста за адаптирање на средината и на  потврда во било која област. И токму затоа, омразата не може да се елиминира со службени или политички одлуки,ниту пак со некоја врста на морална хируршка интервенција.

И, ако феноменот на омразата го сместиме на полето на меѓуетничките и меѓуверските односи кои што тука, во Македонија, секогаш се актуелни и детерминирачки за судбината и, би рекол дури и за опстанокот на самата држава, секако се поставува прашањето- Се мразиме ли ние меѓусебно, колку се мразиме и зошто се мразиме ?

Анализата на феноменот на омразата меѓу припадниците на разните народи и вери во ова поднебје покажува дека омразта не е видлива на прв поглед, таа е инцидентална и избувнувачка, омразата е чувство што не надвладува кај обичниот човек но се експонира многу силно секогаш кога ќе биде потикната од страна на несовесни луѓе. Во Македонија, во менталитетот на луѓето,омразата ја потврдува својата дефиниција бидејќи оживува преку стравот од луѓето што не ги познаваме и мислиме дека ја загрозуваат нашата субстанца. Но, постои есенцијална разлика меѓу тоа да се мисли дека некој те загрозува и реалната загрозеност, а сето тоа пак води кон сосема погрешна перцепција на работите, терајќи ги луѓето да мразат некого кој што воопшто не им мисли некое зло.

Во склоп на горе кажаното, некако само по себе ми се наметнува да кажам збор-два околу правот што го подигна во јавноста филмот “Ругање на  Христа“, а во кој што, според некое непишано правило во македонската кинематографија, Албанците, значи муслиманите од земјава, обично се представуваат како насилници, криминалци, убијци(во овој случај борците на ОНА). Затоа, во целост ги разбирам реагирањата на Албанците кои што повторно се почувствуваа навредени и омаловажени . За среќа, и Премиерот, и Министерот за Култура, значи високи званични лица, процениа дека тој филм шири говор на омраза.

За жал, споменатиот филм не е првиот што профилира таква перцепција за еден народ. Чудно е ама, таквите перцепции , се чини се стуткани во менталната матрица на некои режисери и само чекаат поволен момент да избувнат, како што минатата година избувнаа во еден друг филм кој што, без одлука на суд и без пресуда , се истрча да ги представи Албанците како виновници во случајот “Монструм“.

Многу се банални и излитени оправдувањата дека филмот е уметност и дека режисерот е уметник кој што има абсолутна слобода во изразувањето на својата уметност. Но, ако дотичниот режисер се смета себеси за уметник, претпоставувам дека во своето дело би требало да сочува барем троа од димензијата на хуманоста, коректноста и вистинитоста. Во спротивно, ќе се случи токму тоа што се случи со филмот “Ругање на Христа“, кој што стана лиферант на говорот на омраза меѓу двата нај големи колективитети во Македонија, подигајќи ги непотребно тензиите меѓу луѓето токму во времето кога треба заедно да одлучуваат за својата иднина. На крајот на краиштата, ако на дотичниот режисер толку многу му е до уметничата слобода и израз, зошто не ги представил, да кажеме, бранителите, како убијци, насилници и криминалци ? Во името на слободниот уметнички израз, се разбира.  Толку за филмот, но за омразата ќе додадам уште нешто.

Човекот што се мрази себеси уште повеќе го мрази другиот, различниот, колку повеќе заглавува во нереални доживувања на самиот себе и на колективот на кој што му припаѓа, толку повеќе ќе ги напаѓа и ќе ги мрази тие што не се занесени со соништа. Значи, таквите луѓе, неправедно и непотребно произведуваат непријатели мразејќи ги оние што можеби и не ги приметуваат овие што си го минуваат животот во соништа. Но, не е во ред  да се шири омраза кон другиот само затоа што е незаинтересиран за твоите соништа. Се разбира, тоа се однесува на сите сонувачи на лажни големини и на сите мразачи, без разлика.

Дефинитивно, омразата е пред се страв кој што е насобран во подсвеста на човекот, а тој сигурно не ги мрази тие од кои што не се плаши, ги мрази тие од кои се плаши. Но, Македонија е чинам уморна од омразата, таа веќе свати дека не е можен живот без простување на меѓусебните  грешења. Македонија и нејзините луѓе веќе знаат дека таму каде што нема омраза, оружјето молчи.

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *