Почетна Коментар Околу глупостите поврзани со празникот „Горешници“
Околу глупостите поврзани со празникот „Горешници“

Околу глупостите поврзани со празникот „Горешници“

922
0

Во овие краишта (Источна Македонија) нешто од незапознаеност, нешто повеќе од суеверие се празнува таканаречениот празник Горешници кој е поврзан со чествувањето на Св. Вмч. Марина.

Имено, на овој ден не се палат свеќи, кандила, не се работи ништо зошто е „тежок празник“ и на гробовите се носат лисја од орев за да не им биде жешко на мртвите итн, итн. Дека ова е човечка глупост и измислица ќе ги приложам следните „научни факти“ што секое дете од четврто одделение ги знае, ама ние кои сме зрели и едуцирани личности ги забораваме. Одеме по ред:

  1. На овој ден речиси во секој храм се служи Литургија. За да се отслужи една Литургија на Светиот Престол треба да има свеќи и кандило. Конкретно кај нас во храмот тој ден ќе бидат запалени 4 свеќи и 11 кандила, што значи ако не треба да горат прво ние тука нема да палиме. Велат кој пали свеќи ќе го снајде пожар. Јас не знам на некој од нас да му се запалило нешто, а пожари има и други денови освен овој.
  2. Овој ден е како секој обичен ден и треба да си ги вршиме своите работни обврски. Прашањето: „дали се пере овој ден“ е повеќе од глупаво и ќе го прескокнам! Велат дека кој работи овој ден ќе го снајде несреќа или повреда. M. Каменица е град со нешто помалку од 5000 жители, најнормална појава при толку жители е на некој да му се случи некаква повреда или несреќа, за волја на вистината секој ден болничката кола по неколку пати оди за Штип или Скопје, а секој ден не е Горешници, ама ете баш на тој ден се случило нешто. Секој ден се случуваат такви работи. Црквата и болницата ги дели една улица, секој ден ја слушаме сирената. Истото важи и за смртните случаи, тоа е секојдневие и не се случува само овој ден.
  3. Мојот омилен дел е со покривањето на гробовите со лисја за да им биде ладно на мртвите. За ова во неколку потточки:

а. Мртвите се мртви и не чувствуваат жешко. Ова е повеќе од јасно, нема потреба од понатамошно објаснување;
б. Секоја материја подложи на распаѓање, тоа е природен процес кој не го одминал и човекот. Истото се случува и со посмртните останки. Евентуално ако не е дошло до распаѓање, човекот станал дел од синџирот на исхрана, односно црвчињата ја завршиле работата. Тоа го знаеме од учебникот по биологија.
в. Ајде да се направиме наудрени и да речеме дека стварно им е жешко, треба да знаеме дека мермерната плоча е изолатор на топлина. Значи никаков зрак не допира до нив, плус да не збориме за влажност на земјата и други фактори.

Ова е најкратко, може комотно една семинарски труд да се напише на оваа тема.

Покажете здраворазумност и рационалност. Вака станувате предмет на исмевање и Вие, а и Православието како вера бидејќи погрешно го исповедате, тоа Ве прави само номинални верници.

За крај доколку сакате вистински да го чествувате споменот на Светата Марина, тогаш се гледаме на Света Божетвена Литургија.

Пишува: отец Мартин

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *