Почетна Анализа Охридската Архиепископија – сјајот на една милениумска духовна сувереност
Охридската Архиепископија – сјајот на една милениумска духовна сувереност

Охридската Архиепископија – сјајот на една милениумска духовна сувереност

146
0

Историјата на Охридската црква е историја на десетвековната духовна независност, би рекол, на духовна сувереност на Македонија…Охридската Архиепископија како што во старо време била основа за духовно обединување на балканските народи, така и сега таа може да се преобрати од јаболко на меѓубалкански раздори, во алка на општо-балканското братство. Ова се зборовите на еден од најмаркантните интелектуалци од Бугарија, роден во Македонија, големиот Иван Снегаров. Овие зборови не бледнеат и денес одѕвонуваат во срцата на сите луѓе кои го носат сјајот и славата на Охридската Архиепископија.

Тој однос помеѓу Охридската Архиепископија и нејзиниот народ отсекогаш бил однос на длабока почит, верност и свето единство со Бога. Во нејзиното милениумско постоење, иако диецезата се менувала и нејзините епархии биле присоединувани и отуѓувани, нејзиното јадро останувало секогаш  постојано. А тоа јадро е македонско, како главен носител на нејзиниот црковен живот.

Но, како што истакнува Снегаров, Охридската Архиепископија од јаболко на меѓубалкански раздор може да се претвори во алка која ги поврзува сите народи. Епархиите можат да се делат, присоединуваат и отуѓуваат, но духовниот простор е оној што обединува, што победува. Бидејќи оној кој владее со духовноста, владее со целата вистина и единство на постоењето. А тоа единство е Христос и тој е единствениот владетел. За жал, многумина денес се дрзнуваат да владеат во Негово име.

Да се биде различен, а истовремено еднаков е предизвик. Различноста е таа која ги поставува границите, а без нив, за жал, единството е неможно. Единството во различноста е тоа што го формира мистичното тело Христово. Тоа се состои од органи, диецези со свои функции, но без нивно взаемно функционирање не може да функционира телото, нема вистина.

Како од едно “јаболко на раздорот”, Охридската Архиепископија возобновена во сјајот на Македонската Православна Црква може да прерасне во алка на општо-балканско, па и на сеопшто православно братство?

Будењето на националните идентитети во 19-тиот век ги разбуди идеите за духовни граници-автоќефалии во православниот свет. Автоќефалноста е феномен кој е резултат на црковно организирање и прилагодување на новите идеи  на суверенитет на државите. Самата идеја за автоќефалност всушност произлегува од политичката и национална независност која земала замав во 19-тиот и во 20-тиот век. Името на една црква да одговара на името на еден народ, стана статусен симбол по кој православните нации можат да се препознаат меѓусебно и да општат во свето евхаристинско единство.

Македонија е нераскинлив дел од мистичното тело Христово. Кога еден орган во телото не може да функционира, тој предизвикува болест. Таква рана и страдание му се нанесоа на Христовото тело по нејзиното неканонско укинување во 1767 година. Таква рана на духовното ткиво му се нанесува и денеска. Не случајно во Делата апостолски се вели: “Дојдете браќа во Македонија за да ни помогнете!” Дојдете да ја исцелиме раната Христова, зошто сите заедно сме едно, и кој помага на Црквата, тој му помага на телото Христово, и сведочи во вистината. „Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи“, рекол апостол Павле. Ете, тоа отсекогаш бил македонскиот повик, кој повикува на духовно обединување кон исцелување, преку света евхаристија со сите верни народи, а во почит кон Единствениот духовен владетел и Неговото тело-Црквата.

Охридската Архиепископија денес сјае во ликот на Македонската Православна Црква како нераскинлив дел од нејзиното милениумско постоење. Таа и денес, како и во минатото, се соочува со бројни искушенија. Но, како што вели Исус: Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот, така и Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија денес стана камен-темелник за својот народ, но воедно и за сите христијани на Балканот и пошироко. Не посегајќи по ништо што е туѓо, секогаш почитувајќи ги каноните и достоинството на народите, таа го чекори својот автоќефален пат, впрочем, како што го прави тоа еден милениум. За овој камен, светиот апостол Петар ќе каже: „Кога пристапувате кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен, и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа. Зашто во Писмото стои напишано: Еве, на Сион клавам аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!”

Ова нека биде сеопшт, македонски мирољубив повик кон сите православни народи да дојдат на олтарот на светите охридски архиепископи и заедно да го прославиме милениумскиот јубилеј, бидејќи Христос рече: „каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас! А дотолку повеќе кога се двеста или триста собрани на заедничка молитва.

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ИЛЈАДАГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА!

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *