Почетна Коментар Одговор на лажните пророци кои го плашат народот
Одговор на лажните пророци кои го плашат народот

Одговор на лажните пророци кои го плашат народот

893
2

До редакцијата на Религија.мк, пристигна реакција на теолози  на МЦП-ОА и познавачи на црковните состојби, кои реагираат на ставовите изнесени од лидер на политичка партија, кој воедно е и лидер на протестантска организација, во однос на македонското црковно прашање. Реакцијата ја пренесуваме во целост.

Деновиве во медиумите се јавува еден лидер на политичка партија, а воедно и лидер на протестантска заедница, кој што го плаши народот и изнесува две големи невистини поврзани со автокефалијата која МПЦ-ОА, со Божја помош, треба да ја добие од Великата Христова Црква – Вселенската и Константиноградска Патријаршија.

Прва измама е името на Црквата.

Во диптихот на Великата Црква ниту една помесна Црква не е запишана под името со кое што се нарекува. Па така СПЦ нигде не фигурира како Српска Православна Црква туку како Црква на Србија со поглавар Белградски Патријарх, Бугарската како Црква на Бугарија со поглавар Софиски Патријарх, Руската – Црква на Русија со Московски Патријарх итн. МПЦ-ОА ќе биде дури и привилегирана, затоа што место да биде запишана Црква на Северна Македонија со поглавар Скопски Архиепископ, во диптихот ќе биде запишана со древното и славно име на Охридската Архиепископија. За разлика од нашата Архиепископија, Српската Православна Црква никогаш не е наречена Пеќка Патријаршија од страна на Великата Христова Црква – Вселенската и Константиноградска Патријаршија.

Втора измама која ја шири овој политичар е дека дијаспората ќе потпаднела под директна власт на митрополитите на Вселенската Патријаршија.

Прво и основно, ништо не е решено за македонската дијаспора. Веројатно и на Патријаршијата ќе и` биде јасно дека многу тешко ќе биде македонската дијаспора да премине под Вселенска јуриздикција.

Но, да продискутираме што би можело да се случи доколку дијаспората сепак потпадне под власт на Вселенската Патријаршија. Согласно 28. канон на Халкидонскиот Вселенски Собор, во сите варварски земји овластен за поставување на епископи е Синодот на Вселенската Патријаршија. Но, Великата Црква Христова е мајка и толерантна. Доколку еден од условите за МПЦ-ОА да добие томос биде епархиите во дијаспората да преминат под власта на Вселенската Патријаршија, не значи дека истите ќе се измешаат со постоечките епархии. Во рамките на Вселенската Патријаршија во варварските земји и земјите на бившата Римска Патријаршија (Западна Европа) постојат неколку егзархати, кои се де јуре под власт на Вселенската Патријаршија, но де факто си функционираат самостојно. Пример за тоа е Украинскиот Егзархат во Америка. Тој е под духовна власт на Константиноградската Патријаршија, но имотот е во сопственост на Егзархатот. Свештениците се поставуваат по волја на украинските епископи, а не по волја на грчките. Дека, дури и да дојде до распаѓање на некој од егзархатите имотот нема да пропадне и да премине во имот на Патријаршијата, го имаме примерот со рускиот егзархат во Франција. Таму прво Вселенската Патријаршија го укина егзархатот, ама најголем број од парохиите, заедно со својот имот преминаа под јуриздикција на Московската Патријаршија. Така да, дури и да дојде до укинување на епархиите на МПЦ-ОА во дијаспората, Македонците не треба да се плашат, дека нивните имоти ќе преминат во власт на Патријаршијата, или дека ќе им се воведе грчкиот јазик на богослужбите.

П.С. Истовремено, очекуваме Синодот на МПЦ-ОА, јавно да го осуди настапот на лидерот на оваа политичка партија, кој ја злоупотреби МПЦ-ОА, за свои политички цели, снимајќи новогодишна порака (како платена политичка програма) пред Божикната пештера во дворот на Соборниот Храм Свети Климент Охридски во Скопје. Кој и кога му дозволил на политичар, кој застапува протестантска теологија, да го сними и емитува овој видео спот во имот на МПЦ-ОА?

/Името на авторите познато на редакцијата

Коментар(2)

  1. Велите само ОА без “северна” а чија е тогаш? ОА на Македонија, Грција, Бугарија, Србија? Ќе прашате зошто? Кој од овие набројани признаваат дека ОА е МАКЕДОНСКА? МПЦ ОА И НИКАКУ ПОИНАКУ црквата е на народот и тоа МАКЕДОНСКИОТ ПРАВОСЛАВЕН НАРОД.
    Кого лажете?

  2. Зошто авторот е толку информиран а анонимен за јавноста? Значи нема “северна” а чија ќе биде ОА? Како можете да не споредувате со Украинската црква? Зошто претходниот коментар не ми го објавивте?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *